Недостасуваат мајмуни за испитувања

07.05.2021 00:35
Недостасуваат мајмуни за испитувања

Марк Луис беше очаен - му недостасуваа мајмуни. Милиони човечки животи, ширум светот, зависеа од тоа.

Луис е раководител на компанијата Биоквал, и негова задача е да обезбеди доволен број лабораториски мајмуни за фармацевтските компании како што се Модерна и Џонсон и Џонсон, на кои им се неопходни овие животни за развивање вакцини против ковид-19. Но, има сè помалку специјално одгледани мајмуни за тоа.

Бидејќи не можел на научниците да им обезбеди мајмуни, кои чинат и повеќе од 10 000 долари по примерок, сфатил дека и тој и компаниите имаат голем проблем.

„Изгубивме бројни договори зашто не можевме да обезбедиме мајмуни во определениот рок“, вели Луис.

На светот му се неопходни мајмуни, чија ДНК наликува на човечката, за да развие вакцини против ковид-19. Но глобалниот недостаток, заради големата побарувачка во пандемијата, уште повеќе се зголеми кога Кина ја забрани трговијата со диви животни. Оваа земја досега беше водечки извозник на лабораториски животни.

Бидејќи новите варијанти на коронавирусот се закануваат да ги загрозат веќе постоечките вакцини, научниците даваат сè од себе за да пронајдат нови извори на мајмуни. Пандемијата само го подвлече степенот на кинеската контрола над производите за спасување животи, вклучувајќи ги маските и лековите.

Американските научници ги пребаруваа приватните и државните установи во Југоисточна Азија во обид да ги пронајдат своите субјекти за тестирање, меѓу кои се макаки-резус и макаки-циномолгус, познати како долгоопашести макаки.

Пред пандемијата, Кина обезбедуваше повеќе од 60 проценти од 38 818 примати увезени во САД во 2019 година, според податоците на Центарот за контрола и превенција на болести.

САД имаат речиси 25 000 лабораториски мајмуни - пред сè розеви резуси во седум центри за примати. Помеѓу 600 и 800 од овие животни учествуваа во истражувањата за коронавирус.

Научниците велат дека мајмуните се идеални примероци за испитување вакцини. Нивната биологија е слична на човечката, што значи дека може да се тестираат со ПЦР тестови и да им се снимаат и слушаат градите. Речиси е невозможно да се најде замена кога станува збор за испитување вакцини против ковид-19.

Своевремено, САД добиваа најголем број примероци од Индија. Но во 1978 година, Индија го запре извозот, откако индискиот печат почна да пишува дека мајмуните во Америка се користат во воени цели. Фармацевтските компании трагаа по алтернатива. Изборот падна на Кина.

Пандемијата го наруши долгорочниот однос на американските научници и кинеските извозници.

„Кога се затвори кинескиот пазар, сите сфатија дека мора да се насочат кон помалиот број достапни животни“, вели Луис.

Со години, бројни авио-компании, вклучувајќи ги и водечките во Америка, одбиваа да вршат транспорт на животни кои се користат во медицински цели, заради противењето на активистите за правата на животните. Во меѓувреме, цената на еден мајмун циномолгус речиси двојно се зголеми за една година, на над 10 000 долари, наведува Луис.

Скип Бом

Научниците кои се занимаваат со други болести, вклучувајќи ги Алцхајмер и СИДА, велат дека работата им е на пауза, бидејќи животните приоритетно се испраќаат за испитувања поврзани со коронавирусот.

Заради актуелните недостатоци, американските научници бараат од владата да им обезбеди постојан прилив на животни.

Скип Бом, главен ветеринар во Националниот центар за истражување примати Тулејн, во близина на Њу Орлеанс, вели дека дискусиите за „стратешките мајмунски резерви“ почнале пред околу десет години. Ги воделе тогашните управници на националните центри. Но никогаш не е направена никаква база, зашто секогаш недостасувале пари и време.

„Нашата идеја беше да направиме нешто како резерви со нафта. Како што имате нафта која стои некаде, а се користи само доколку тоа е навистина неопходно“, вели професорот Бом.

Како што се откриваа новите варијанти на коронавирусот, и како што научниците сфаќаа дека можеби трката по вакцини ќе мора да тргне од почеток, тие апелираа државата да реагира што побрзо.

„Неопходна ни е стратешка резерва мајмуни за да се занимаваме со ковид, а ние ја немавме“, вели Кит Ривс, главен истражувач од медицинската школа на Харвард.

Но дури и робустната стратешка резерва можеби нема да биде доволна за да се задоволи побарувачката. Тоа го научи Кина изминативе месеци. Таму државата контролира резерви со околу 45 000 мајмуни.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International Report