Речникот на еден јазик е најдемократската работа на светот

07.05.2021 10:32
Речникот на еден јазик е најдемократската работа на светот

Толковен речник на еден јазик е целокупниот запишан фонд зборови во јазикот, со аналитички објаснувања за зборовите, давање синоними и примери за употреба на зборот, како и со назнака за тоа дали е зборот стандарден, дијалектен, разговорен, вулгарен, архаичен, пејоративен односно подбивен или навредлив и слично.

Речникот на еден јазик е, всушност, најдемократската и најтолерантната работа на светот. Во него влегуваат сите зборови, без исклучок, коишто ја нашле својата употреба меѓу говорителите во каква било говорна ситуација. Ако јас решам денес да смислам некој збор и започнам да го употребувам, во јавна говорна употреба или ако го напишам во книга, а потоа соговорниците решат да го прифатат, тој збор веќе ќе заживее во речникот на еден јазик. А ќе биде запишан и во официјалниот речник штом ќе биде референтна неговата употреба, односно ќе се покаже дека зборот живее. „Небиднина“ е збор на Ацо Шопов, а „црнила“ на Коле Чашуле. Тоа се зборови кои денес постојат во Толковниот речник на македонскиот јазик. Пред Ацо и Коле - не постоеле. Еден од најхрабрите лексички експериментатори во нашиот јазик е Гане Тодоровски со својата поезија, кај него ќе најдете еден куп нови зборови.

Зборот којшто живее меѓу говорителите (или живеел, доколку е денес заборавен) никој, всушност, не треба да го „пушти“ во речникот на еден јазик. Сепак, да, зборот треба да биде запишан, односно да биде забележана неговата употреба. Од тоа се состои институционалната грижа за богатството и негувањето на јазикот како една визија на светот и со тоа добива општеството во целост, а не само говорителите на еден јазик.

Што се случува со фондот на зборови кога ги отфрлате оние зборови што некому не му се допаѓаат?! Ништо. На фондот зборови влакно не му фали од главата. Само правите циркус од себе како институција или како страна, како што се направи деновиве, и покажувате колку ви е далечен поимот наука и научен пристап, и вам и на власта што е подготвена да „хлорира“ во името на некаква добра волја.

На речникот на македонскиот јазик не му се прави никаква штета со отфрлањето на навредливите зборови, бидејќи е тоа неможно. Зборовите постојат или постоеле. Вистинската штета е во тоа што вие, како институција што го изработува овој запишан, објавен, дигитализиран фонд зборови не ги толкувате прецизно зборовите и нивната употреба, не ги зафаќате нештата темелно и длабински (иако работите врз нив со децении), туку ги правите наменски, пребрзо и надве-натри, и така дозволувате во сета таа мешаница дополнително својот зачин да го стави и дневната политика.
Тоа зборува само колку ние, како општество, сме неуки и недоволно свесни, самосвесни и подготвени за да различиме факти од емоции. Во една такво општество, дневната политика одлучува и што ќе имаме за ручек денес.

Бришењето зборови од официјалното дигитално издание на Речникот на македонскиот јазик ќе ја засили вкоренетоста на навредливата лексика, барем привремено, како еден вид отпор кон цензурата. Насушно е важно овие зборови да постојат запишани во речникот, да биде соодветно објаснет зборот (а не да се објаснува навредлив збор со навредливо толкување), дури и да се укаже од каде потекнува таквата употреба (на пример, на временскиот контекст кога зборот бил усвоен или вообичаен) и да се нагласи дека, во денешниот контекст, може да претставува говор на омраза.

Суштински е да ги запишете тие зборови, меѓу другото и токму за говорната заедница да ги надмине.

Илустрации: Jose Arias

Извор