Народот против Бил Гејтс

08.05.2021 10:42
Народот против Бил Гејтс

Бил и Мелинда побараа почитување на нивната приватност откако најавија дека се разведуваат, но се чини дека тешко ќе ја избегнат навалата од внимание. Интересот за нивниот брачен аранжман не е само обична љубопитност. Обајцата се јавни личности, а нивните приватни животи имаат политички последици. Ургентното прашање во глобалните здравствени кругови гласи што ќе се случи со нивната моќна фондација по разводот. Станува збор за големи суми пари.

Ставот на јавноста почна да се менува и пред разводот. Минатата година, многумина сочувствуваа со Бил Гејтс затоа што беше на мета на разни теории на заговор кои ги шират „Qanon“ и други групи, според кои пандемијата е дел од таен план за имплементација на микрочипови во луѓето. Иако, откако во пошироката јавност се слушна за неговото спротивставување за укинувањето на патентот за вакцините, лути му се и многу други луѓе.

И повторно луѓето се прашуваат, како и во времето кога Гејтс се бореше за монопол на Мајкрософт, дали е добро една личност да поседува толку многу економска и политичка моќ. Во текот на изминатите две децении, тоа прашање се изгуби: конечно како некој може да не го сака најголемиот доброчинител во светот?

Но, како што пред неколку години тврдев во книгата „No Such Thing As a Free Gift“ (Нема бесплатен подарок), Гејтс одамна заслужува многу повеќе критичко внимание, особено ако се земе предвид дека значајни средства на фондацијата се насочени кон истражувачите и фармацевтските компании од запад со што се продлабочуваат нееднаквостите помеѓу глобалниот север и југ. Исто така, Гејтс одамна одбива да признае дека патентите за заштита на лековите и вакцините не се чесни и дека се насочени против интересите на сиромашните држави, поставувајќи им правни препреки за решавањето на здравствените кризи дури и кога имаат научни знаења за тоа.

Во основа приватната филантропија може да биде закана за демократската одговорност и праведно општество. Почитувањето на големите донатори подразбира дека милијарди недоволно платени и експлоатирани луѓе треба да бидат задоволни со филантропските трошки што им ги фрла самопрогласената аристократија, наместо да имаат право на економска правда. Милостината не го прави општеството праведно туку правдата, иако Гејтс одамна мисли поинаку.

Од најтешките години на ХИВ кризата, кога цените на антиретровиралните лекови беа астрономски, сè до денес скандалозно скапите терапии за дијабетис и рак во САД и на други места, Гејтс инсистира дека системот на патент заштитата е добар. Неговата порака до здравствените активисти кои се борат за пониски цени во основа гласи: замолчете и оставете го бизнисот со здравјето на луѓето кои најдобро го знаат, на милијардерите како мене и на нашите пријатели во фармацевтската индустрија.

Тоа звучи нелогично ако сакате правичен здравствен систем, но има смисла ако своето богатство сте го изградиле врз патентите за софтвер и други технологии. Затоа не изненадува тоа што Гејтс доследно ги брани интересите на индустријата, туку тоа што на луѓето им треба толку долго време да сфатат дека тој всушност ги поткопува здравствените цели кои наводно ги поддржува.

На крајот на април, своето видување на патентните права тој ги објасни во разговор со Софија Риџ. На прашањето дали мисли дека предлогот за укинувањето на патентните рестрикции за ковид вакцините е добра идеја, неговиот одговор беше децидно негативен. Тоа што „во овој случај е препрека за работите не е интелектуалната сопственост, туку недостаток на безбедни производни погони во сиромашните држави“, инсистира Гејтс.

Иако Гејтс веќе со месеци ја повторува истата теза, таа не е точна. „Во овој момент промената на правилата нема да доведе до поголема достапност до вакцини“, му вели Гејтс на Сајмон Алисон, новинар од „Гардијан“. Меѓутоа, како што наведува Алисон, експертите од Светската здравствена организација не се согласуваат со тоа. Иако укинувањето на патентите, само по себе навистина „не е чудотворно решение“, тоа е неопходниот прв чекор за ангажирање на повеќе фабрики за изработка на безбедни вакцини, фабрики кои моментално немаат работа, а кои ги нудат своите услуги за зголемување на производството.

Во март, шефот на СЗО повика на одземање на патентот на што се спротивставува Гејтс, додека извршната директорка на UNAIDS побара од Светска банка „да се согласи со нас“ во поддршката за одземање на заштитниот патент. Таа посочи дека релаксирањето на регулативите за интелектуална сопственост е неопходен чекор за намалување на цената на третманот со ХИВ во многу африкански земји од 10 000 на 1000 долари по пациент.

Растечката недоверба во Гејтс би можела да биде знак дека е променет односот кон ризиците од толкаво натрупано богатство и моќ во рацете на личност без демократска одговорност. Склоноста кон неверојатни невистинити теории, во таа смисла, потекнува од оправдан страв. Трговците кои во 1839 година ги вработила Британската источноиндиска компанија донеле колера на пристаништата во Ливерпул и Лондон. Како што се ширела болеста, гласините ја поврзувале со злосторствата кои во 1828 година, во Единбург ги сториле Вилијам Бурк и Вилијам Хер, кои убиле најмалку 6 луѓе и чиишто трупови ги продавале на Роберт Нокс, наставник по анатомија на единбуршкиот универзитет. На крајот ги фатиле: Хер станал сведок соработник, а Бурк е осуден на смрт со бесење. Јавноста верувала дека Нокс знаел, или барем се сомневал дека се направенни злосторства, но се правел невешт. Истрагата го ослободила од секое сомнение, но јавноста останала недоверлива.

Неколку години подоцна, додека колерата го косела населението, семејствата на умрените излегле на улица барајќи правда, убедени дека нивните роднини се убиени заради трговија со тела, а дека официјалната причина за смртта е измислена болест. Се разбира не е вистина дека болниците биле места на систематски злосторства. Но вистина е дека нечовечките услови за работа, лошото јавно здравство, како и културата на класна поделеност и расизам го условиле гневот на сиромашните. Нереди во време на колера се политички тригер за активизмот кој до крајот на 19-от век издејствувал унапредување на сантираните и други мерки на јавното здравје.

Учесниците во нередите не биле во право за колерата, но правилно сфатиле дека економскиот и политичкиот систем е наштиман против нив. Болеста им ја донела корпорацијата која ја испокраде Индија во корист на аристократијата и високата средна класа, со трошки за работниците кои живееле и умирале во работилниците, рудниците и фабриките ширум светот. Денес, Ковид-19 несразмерно потешко ги погаѓа сиромашните, особено жените и мажите со друга боја, додека богатите ја имаат привилегијата на заштита.

Бил Гејтс, како и Вилијам Четврти пред него, седи на врвот на глобалното финансиско царство. Не треба да се обвинуваат луѓето што се бесни на него, од какви било причини. Главните виновници се милијардерите како Гејтс кои го оправдуваат системот во кој сме принудени да живееме.

Извор: London Review of Books