Паноптикон

23.12.2010 12:47
Паноптикон

Слоганот на хакерската класа не гласи: обединети работниците на светот, туку ослободено устројството на светот.
Мекензи Ворк, „Хакерски манифест“

Околу феноменот Викиликс се создадоа најмалку три групи на мислења: вики-оптимисти, вики-песимисти и вики-скептици. Оптимистите најчесто се луѓе со либерални ставови, идеалисти, хакери, борци за човечки права... Песимистите најчесто се конзервативци, старовремски реалисти од тврд ков и државни службеници кои се плашат дека феноменот Викиликс ги загрозува добрите дипломатски обичаи и националната безбедност. Скептиците, пак, на целата афера гледаат со голема недоверба и склони се кон развивање обемни конспиративни теории кои суштински го доведуваат во прашање слободарскиот капацитет на информатичките технологии во новото доба.

Разликувањата меѓу оптимистите, песимистите и скептиците се големи. На пример, Франко Фратини, италијанскиот министер за надворешни работи, оди толку далеку што аферата Викиликс ја нарече „11 септември на американската дипломатија“. Друго мислење вели дека сервираните документи најчесто имаат тривијална природа и воопшто не се објавуваат тајни од врвните категории – Nodis (само за претседателот, државниот секретар и шефот на мисијата) и Roger, Exdis, Docklamp (комуникација само меѓу одбранбените аташеа и одбранбените разузнавачки агенции). Од трета страна, огромен број луѓе го доживуваат Џулиен Асанж, лицето на Викиликс, како современ Робин Худ, човек кој на моќниците им покажа дека „шпиунката“ има два краја и дека во новоинсталираното општество на надзор набљудувани и контролирани нема да бидат само малите луѓе.

Токму овој аспект на работите - двојната природа на пророштвото на Орвел дека секој граѓанин ќе стане жртва на севидечкото око на државата - е средиште (паноптичка централна кула:) на мојата денешна колумна. Велам, пророштвото на Орвел во новите услови е проширено: се чини дека под надзор се ставени и самите надзирачи. Но, можно е тоа само да ни се чини, оти природата на „надзорот одоздола“ е спорна. Дали нашиот „жабји поглед“ фрлен кон надзирачите навистина има контролна природа?! И дали нашиот поглед одоздола има политичка содржина и демократски потенцијал или е само воајерски, банален, уште еден поглед повеќе во бесмисленото риалити шоу во кое се претворени сите наши животи поединечно?!

Новиот општествен модел за надзирање и не е толку нов; Џереми Бентам кон крајот на 18 век го смислува славниот Паноптикон, совршениот модел на затвор (болница, училиште итн.): зграда во облик на прстен во чие средиште се наоѓа кула за набљудување. И кулата и многубројните ќелии во прстенестите ѕидови се од стакло, провидни, овозможувајќи му на еден единствен чувар во кулата да ги надгледува стотиците ќелии кружно распоредени во цилиндричната градба. Но, Паноптиконот навистина овозможува сераспростирачко гледање во сите насоки, па и кон надзирачите. Како што пишува Фуко во „Надзор и казна“, управникот може да ги шпионира сите свои подредени службеници: болничари, лекари, шефови, наставници, чувари; може постојано да ги проценува, да го менува нивното поведение, да им наметне методи за кои смета дека се подобри; но и него можат многу лесно да го надзираат. „Мојата судбина“, вели творецот на Паноптиконот, „е поврзана со нивната (со судбината на затворениците) со сите врски што можев да ги смислам.“

Еден современ следбеник на Фуко, интригантниот словенечки филозоф Томаж Мастнак, изворот на „воајеристичкиот политички проблем“ го лоцира во средниот век, кога владетелите имале две тела, природно и политичко; околу тоа сфаќање се создал цел еден политички репрезентативен свет. Потоа настапува новиот век и власта станала де-персонализирана, одвоена како од телото на владетелот така и од телото на поданиците, објавувајќи: „Dein Körper gehört der Nation“ – твоето тело и’ припаѓа на нацијата, на народот. Политичките водачи се изземале од тоа и гледале како дисциплинираните тела масовно вежбаат, работат или заминуваат на фронт. Но, вели Мастнак, тоа гледање не ги дисциплинира гледаните, туку гледачите.

„Народот што гледа не гледа што и како работат оние што владеат. Сака да види како уживаат. Ама не толку како уживаат во власта, туку во приватниот живот. Наместо демократски надзор врз делувањето на власта ние имаме демократски воајеризам. Притоа, проблемот не е воајеризмот како таков, туку воајеризмот како политичка практика: како надомест за политичкиот надзор.“ Според Мастнак, демократијата стана општество на целосен надзор на власта, при што власта не е предмет на надзорот, туку таа целосно надгледува сè. „Во замена за тоа, народот може да гледа што прават властодршците со своите тела во приватниот живот.“

Затоа моќниците (надгледувачите) се обидоа да ги спинуваат информациите од аферата Викиликс кон вообичаените зони на анестезирачкиот воајеризам (консумеризам, селебрити култура - „гледање на телата на властодршците во приватниот живот“; Путин и Медведев се Бетмен и Робин итн.). Можно е, значи, револуционерниот потенцијал на Викиликс (да се укинат границите меѓу робовите и господарите, надгледувачите и надгледуваните) да биде затапен и затепан токму зашто дел од граѓаните брзо согледаа дека Викиликс има потенцијал на револуционерна бомба, т.е. дека концептот Викиликс е еден од ретките реални одговори (баш на нивото на „политичката практика“) на суштинската потреба за политички надзор на надзирачите.

***

Работава, на крајот од текстов, испадна како во филмот „Матрикс“: секое тло се измолкнува под нозете (а мојот текст наместо да интегрира - дополнително дезинтегрира:). Веројатно е невозможно на олку мал простор да се даде збирна поента на судрените мислења околу феноменот Викиликс. Можеби колку да го зголемам хаосот (или конечно да се вредам меѓу идеалистите), на крај ми паѓа на ум Мекензи Ворк со неговиот „Хакерски манифест“. Неговата главна теза - како антиципиција на Асанж, „реалниот Нео“:) - е дека клучната политичка промена во светот може да ја направи хакерската класа. Според Ворк, хакерската класа е носител на еманципаторските политики зашто е фатена во процепот помеѓу политиките на масите одоздола и политиките на владеачите одозгора. Затоа хакерската класа мора да се обиде да исхакира нова политика, од онаа страна на судрените спротивности: „Дојде моментот хакерите да се здружат со работниците и селаните - со сите произведувачи на светот - за да ги ослободат производните и пронаоѓачките ресурси од митот за скудноста. Дојде времето да се создадат нови облици на здружување кои светот ќе го насочат подалеку од неговото уништување во комодифицираната експлоатација.“

Вака, со малку возвишен тон, завршува книгата на Ворк: „Во ова мрачно доба, кога дури и воздухот се топи во етерот, кога сè што е профано се пакува како да е возвишено, сепак се јавува можноста да се ухакира во обичните привиди и тие да се укинат. Постојат други светови, а тие се светов.“

Извор: Глобус, 21.12.10.

Bravo za hakerite, mladite

Bravo za hakerite, mladite prerodbenici. :)

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото