Историјата мора да се предава „од долу“

10.05.2021 09:42

Наскоро ќе се наврши една година од првиот карантин. Чувството за време е истовремено и отапено, и нагласено - сега точно знам зошто историските податоци кои се фокусираат само на датуми даваат површен впечаток за она што се случувало. Учевме на памет дека од 1346–53 во Европа имало бубонска чума и тоа ништо не ни значеше. А тоа се седум години многу пострашни од оваа, кои требало да се преживеат.

За да се разбере, а не да се сведе на бројки, историјата мора да се предава „од долу“, вклучувајќи ги или замислувајќи ги реалните животни искуства на луѓето. Таков пристап речиси и да нема во нашите учебници, освен генеричкото „властите спроведувале терор“ или „настапила сиромаштија“. Повеќе можност за идентификација и емпатија има во книжевните дела инспирирани од историјата или во етнолошките материјали отколку во нив. Ако веќе се прават промени во предавањето историја, хуманизацијата мора да биде приоритет.

Илина Јакимовска, Bookbox, 10.02.21.