Како пушта корени мафијата

10.05.2021 16:28
Како пушта корени мафијата



„Макси-судењето“ кое започна на 13 јануари во бункер-судот Ламеција Терме, во округот Катанцаро на најсиромашната италијанска покраина Калабрија, е добар повод да размислиме за темата мафија и нејзините разни составни делови - 'Ндрангетa (калабриската мафија), но и Коза ностра (Сицилија), Каморе (Неапол) и Сакра корона уните (Аполија).

Сценографијата е импозантна: 355 обвинети, 438 точки од обвинението, 600 адвокати, 30 физички странки во постапката, новинари од целиот свет кои работат забрзано во огромниот простор на кол-центарот кој зазема 3300 квадратни метри и за оваа цел е претворен во ултраповрзана и обезбедена судница. Во оваа монументална театарска претстава, обвинителството, отелотворено во ликот на обивнителот Никола Гратери, има намера да ги открие врските на 'Ндрангета со политиката, слободното ѕидарство - кое изгледа дека се користи за воспоставување контакти со локалните елити - и деловниот свет. Обвиненија не недостасуваат: злосторничко здружување, убиства, изнудување, лихварство, перење пари, проневера на јавен имот... Ова судење е кулминација на четиригодишна истрага која ја одбележаа закани со смрт упатени до обвинителот (кој живее под засилена заштита) и носи назив „Rinascita-Scott“ - rinascita, „препород“, со надеж дека покраината ќе се ослободи од мафијата; и „Scott“ во чест на Зибен Вилијам Скот, агент на Федералното истражно биро (ФБИ) кој почина во 2015 година и кој му помогна на Гранти да ги открие врските помеѓу колумбиските картели и 'Ндрангета.

На 13 јануари обвинителот стана рано. Зборувајќи пред камерите во 8 и 30 часот, нагласи дека процесот мора да се води со голема брзина (пред сè за да се избегне застарување) и ја повика јавноста да ги третира правосудните органи и силите на редот како „луѓе на кои може да им се верува“. Меѓутоа, додека го изговараше тоа, во мислите му се роеја бројни слики. Безброј нејасни и збунувачки случаи, статистики, собраниски извештаи (првиот посветен на мафијата датира уште од 1876 година), цели галерии ликови, херои, деликвенти, магистрати; толку исечоци од историјата на Италија, земја во која Комисијата за борба против мафијата има постојана функција од 1962 година, со неколку катедри кои се занимаваат со овој феномен (на Универзитетот во Павија, Рим итн.).

Тешко е да не се присетиме на сцените од другото „макси-судење“, она против Коза ностра во Палермо 1986-1987 година, првото судење од таков вид во кој државата покажа вистинска подготвеност да интервенира и кое заврши со мошне остри казни (вкупно 2665 години затвор). Најпосле, да се присетиме и на кошмарните сцени на мафијашкиот одговор на тоа судење: на 23 мај 1992 година беше разнесен цел дел од сицилискиот автопат со помош на 500 килограми експлозив, во напад во кој беа убиени судијата Џовани Фалконе, неговата сопруга и неговите тројца телохранители. Оваа трагедија и ден денес претставува важен настан во италијанската историја. После овој „макси-напад“ државата значајно ја засили борбата против мафијата. Коза ностра постепено крена раце од стратегијата на спектакуларно насилство, па под владеењето на новиот „бос“ Бернардо Провенцано (1995-2006), кој го наследи Салваторе „Тото“ Рина, усвои стратегија на понирање: дејствувајќи од најголемите длабочини.

Иако вонредниот карактер на овие судења ја истакна моќта на државата и нејзината одлучност да посегне по својот репресивен арсенал, постави и многу прашања: како и кога ќе заврши судењето „Rinascita-Scott“ (земајќи ги предвид сите јурисдикции, судењето траеше речиси пет години)? Колку обвинети на крајот ќе бидат осудени и со какви казни? Какви ќе бидат економските и политичките последици? И, згора на сè: што воопшто е мафијата?

За Џузепе Питре, „речиси е невозможно да се дефинира значењето кое го добил овој збор“(1). Овој стручњак за сицилиската народна традиција го насочува вниманието кон „мафијашкиот сензибилитет“, односно кон одредена визија на животот, правила на однесување и методи на доаѓање до правда надвор од рамките на законите и државата. Писателот Леонардо Саша во 1960 година во Денот на бувот ја одреди Коза ностра како „систем кој управува со интересите за воспоставување и одржување на моќта на класата која (...) можеме да ја дефинираме како буржоаска; класа која не се раѓа и не се развива во вакуумот на државата, туку во самата нејзина внатрешност. Накратко, мафијата е само паразитска буржоазија, буржоазија која не презема, туку само експлоатира“ - истовремено афирмирајќи го она што и самиот го нарекува „мафијашки сензибилитет“(2).

„Мафијата е планина од гомна!“ Оваа реченица, многупати извикуваnа и пишувана по градските фасади, искажува една легитимна осуда. Сепак, осудата не е доволна за да се разбере природата на овој феномен и за да може да се бори против неа. Ако мафијата е планина, пред сè таа е планина со стока - цигари, фалсификувани производи, дрога, оружје, пари... - која, пред сè, успеала да ја приграби со насилство и корупција. Одамна е развиена и мошне компетентната „претприемничка мафија (3)“, која знае како се управува, организира, натрупува и во која сите имаат свое место: шефовите, супервизорите, амбасадорите, соработниците, сојузниците, производителите, добавувачите, клиентите, потрошувачите. Мафијата донесува и наметнува сопствени закони, прави компромиси, стапува во преговори, организира посредувања. Таа е како втора држава која е родена и процветана во пукнатините на првата.

Затоа е неопходно да се разберат „причините за постоење на мафијата“(4). Овој израз, кој некои го сметаат за самодоволен, можеби и звучи скандалозно. Меѓутоа, за да биде ефикасна борбата против криминалните организации, потребно е да се биде свесен за длабоко вкоренетите причини за нејзиното постоење, нејзините вредности, нејзиниот симболички универзум, правниот поредок во кој е вградена; со еден збор, нејзината култура.

Обединувањето на Италија во 1861 година доведе до појава на болното и трновито „јужно прашање“. Неразвиеноста на југот од земјата (Мезоџорно) во новата држава де факто го поставил во подредена положба. Оваа почетна фрактура прераснала во отворена противречност уште во раните денови на единството, воспоставувајќи расчекор во процесот на економскиот, политичкиот и граѓанскиот развој на оваа млада нација, како два организми кои поминуваат низ својата еволуција. Северната буржоазија, чии покраини ја развиле сопствената економија преку контакт со соседните земји, набрзо заземала хегемона позиција.

На Југот, каде економијата и инфраструктурата биле на маки, сопственичката класа ја има земјата во свои раце и се плаши дека моќта ќе ѝ биде загрозена од селски бунтови и востанија. Оттука е сосема природно дека оваа класа ќе се насочи кон мафијата, во таа доба организирана во неколку вооружени банди, за одбрана на сопственото земјиште и зацврстување на доминацијата. Овие криминални групи веќе се бореле против Ѓузепе Гарибалди, италијанскиот „татко на нацијата“, и неговото ветување дека ќе им ја прераспредели земјата на селаните: тогаш мафијата служела како вооружена рака на латифундистите (крупните земјопоседници) и успешно ја спречила прераспределбата.

Во времето на обединувањето, Југот бил поделен помеѓу латифундистите и мафијата од една страна и селаните и ситнопоседниците од друга. Новосоздадената држава предизвикала незадоволство со наметнување даноци и воен рок, кој на сиромашните семејства им ја одземал можноста за работа во поле. Во чинот на воспоставување на својот врховен авторитет, државата се обидела непослушните да ги убеди со испраќање карабињери, орган кој ѝ бил непознат на локалната култура. Сето тоа придонело за јакнење на мафијата и нејзина легитимизација кај дел од населението.

Во обредот за иницијација кој секој нов член на оваа криминална организација мора да го помине, можеме да воочиме извесен идеализам, промоција на разни квалитети: храброст, заслуги, јунаштво, морални особини, истакнување, чест(5). Мафијашката култура ги опфаќа принципите кои наликуваат на традиционалните и народните вредности кои преовладуваат на југот од земјата и траат од дамнешни времиња. Овие вредности мафијата ги користи така што ги искривува и прилагодува на сопствената реалност, сопствената цел.

Вкоренета во архаично тло, 'Ндрангета со децении минуваше низ бројни мутации, како и многу други култури и субкултури. Заштитена со лавиринт од густи џбунови од планинскиот масив Аспромонте, оваа организација сè до осумдесеттите години се занимаваше со рекетирање и киднапирање. Подемот на пазарот за дрога ја трансформираше во меѓународна холдинг компанија за криминал и трговија со кокаин, без да ги промени своите правила и вредности. Оттука, себеси се претставува како амалгам во кој коегзистираат архаизмот и модерноста, традицијата и иновациите, примитивната литургија и корпоративната култура. Нејзините обреди за иницијација остануваат непроменети (пречистување места, квазиезотериски формули, размена на крв), но, од друга страна, нејзиниот персонал е „модерен“: за да ги скријат плодовите на своите активности на интернет користат најнови дигитални технологии(6).

Во мафијашката култура затворот игра централна и стратешка улога. Овој полигон за тестирање служи и како место за подучување, на кое се изучуваат pugnali, cuteddi e bastuni („тупаници, ножеви и стапови“) и се добиваат титули кои овозможуваат пробивање во редовите на налогодавците. Зборот „'Ндрангета“ (или „Ндрангита“) реферира на грчкиот ред aner agathos: организацијата се гледа како здружение на „совршени мажи“ кои ја заземаат територијата 'ndrine' (клан или семејство). Меѓутоа, парадоксот на калабриската организација, која и заради самото име ја обвинуваат за мачо-култура, лежи во тоа што во неа симболичката фигура на мајката, е кохезивен фактор на семејството и кланот, 'ндрина' игра централна улога. Водачот на кланот се нарекува „il mamma santissima“, „пресвета мајка“, оној што ја држи групата заедно. За разлика од Коза ностра и Камора, од редовите на 'Ндрангета потекнуваат многу мал број покајници и соработници на правосудните органи. И покрај тоа, испразнувајќи ги во голема мера градовите и селата од мажи, последователните миграциски бранови од Југот - најзастапени во Калабрија - впрочем на жените им пружиле моќ за организирање на социјалниот простор, со двоен недостаток на татковци и држава. Тука се крие клучот за разбирање на длабочината на корените на 'Ндрангета и заплетите до кои доведуваат нејзините активности.

За да може да се разбере оваа реалност, потребно е да се отфрлат стереотипните и редуктивни претстави, како оние дека мафијата се сведува на престапништво кое само бара полициски и судски механизми и акции; или дека мафијата е феномен кој е сосема настран на волјата на масите, бидејќи луѓето се добри, како што налага извесниот неоромантизам кој не му прави услуга на критичкото размислување; или дека мафијата е вид фатално заболување, односно дека е неизбежна и дека не може да се направи ништо во врска со тоа(7).

Дали мафијата ќе се надмине? Вистинското прашање не е дали мафијата на крајот ќе исчезне, зашто, како што изјави судијата Фалконе, „мафијата е човечки феномен; како и сите човечки феномени, таа има свој почеток, развој и, со самото тоа, ќе има и свој крај“. Но кога и како? Илузорно е да се замислува дека крајот ќе ѝ го постават спектакуларни судења и апсења, колку и да се потребни и корисни. Фалконе го кажа и следното: „Ако сакаме ефикасно да се бориме против неа, не смееме да ја претвораме во чудовиште. Таа не е ни октопод ни рак. Мора да признаеме дека таа е како нас...“

Имајќи ја предвид стапката на невработеност од 20,1 процент во Калабрија (9,2 проценти во Италија)(8), задачата пред државата изгледа преголема.

„Како мислите дека можеме да се бориме против мафијата?“, еден студент го праша Саверио Страти. Калабрискиот писател одговори: „Би сакал да забележам нешто што се однесува и на мене. Мислам дека сите ние, како народ од југот, имаме мафијашки менталитет, зашто секој од нас се занимава со својата работа, своето племе, своето семејство. Секој од нас кога бара нешто - без разлика дали бара од институциите или од трговците - сака веднаш да биде услужен. Ние сè уште не научивме да го чекаме својот ред. Како да ја интегрираме оваа базична цивилизациска и граѓанска практика? Навидум, ова е само детаљ, зар не, но сè додека не сме во состојба да стоиме во редот, мафијата ќе продолжи да цвета(9)

Џовани Џерарди е директор на алтокротонската секција на калабрискиот Институт за истражување на фолклорот и општеството „Рафаел Ломбарди Сатријани“ и поранешен градоначалник на Петилија Поликастро (Калабрија).


(1) Giuseppe Pitre, La Mafia e l'omerta, Edizioni Brancato, Катанија, 2007.

(2) Leonardo Sciascia, Le Jour de la chouette, Flammarion, збирка „GF“, Париз, 2015.

(3) Pino Arlacchi, La Mafia imprenditrice. L'etica mafiosa e lo spirito del capitalismo, II Mullno, збирка „Contemporanea 2“, Болоња, 1983.

(4) Коавторски, Le ragioni della Mafia. Studi e ricerche di "Quaderni calabresi", Jaca Book, Милано, 1983.

(5) На тема обреди за иницијација, Enzo Ciconte. Storia criminale. La resistible ascesa di Mafia, 'Ndrangheta e Camorra dall'Ottocento ai giorni nostri, Rubbettino, Soveria Mannelli (Catanzaro), 2008.

(6) Nicola Gratteri и Antonio Nicaso, Fratelli di sangue. La 'Ndranghetta tra arretratezza e modemito: da Mafia agro-pastorale a holding del crimine, Luigi Pellegrini Editore, Konsenca, 2006.

(7) Luigi M. Lombardi Satriani, "Il trionfo della mortificazione", и Francesco Tassone, "Le letture separate", во Le letture della Mafia, Qualecultura - Jaca Book. Vibo Valentia - Милано, 1989.

(8) Национален институт за статистика (ИСТАТ), Рим, 2020.

(9) Коавторски, Strati a Pettillia, Stampa Due L., Mezoraka, 2014.

Фотографиите се земени од филмот Gomorra (2008, Matteo Garrone)

Превод: Алек Кузмановски

Извор: Le Monde diplomatique

Слични содржини

Никола Гелевски
Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија / Историја
Општество / Активизам / Теорија / Историја
Општество / Свет / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото