Што стои зад идејата за „нова држава на благосостојба“?

12.05.2021 01:19
Што стои зад идејата за „нова држава на благосостојба“?

Поголемата и поамбициозна улога на државата во економијата е јасен знак за лева политичка ориентација, а послабата и подискретна улога исклучиво за десна ориентација. Така гласи „учебничката“ идеолошка поделба чии заложници сме со децении. Таа е неодржлива на теоретско, апстрактно ниво, како и на историско-емпириско. Имено, државните интервенции можат да служат на разни интереси. Нема ништо инхерентно „лево“ во државното влијание на економијата. На тоа му одат во прилог податоците од владеењето на иконата на неолиберализмот Маргарет Тачер. Во осумдесеттите уделот на државната потрошувачка во БДП во Велика Британија остана ист. А во реалните бројки порасна за 7,7 проценти.

И покрај проблемите со теоретската и емпириската одржливост, оваа поделба сè уште ги крои нашите политички хоризонти. Но, изминатава деценија која беше одбележана со (одложени) економски кризи кои „кулминираа“ со пандемиските околности полека ја нагризува оваа „здраворазумска“ перспектива. Очекувано, причините се од практична природа како што секогаш е случај кога станува збор за економските политики. Нивното кроење кое е во согласност со идеолошката димензија и учебничките рецепти, е „привилегија“ на помалите земји и послабите економии. Сепак, се чини дека се работи за поместувања кои не можат да се сведат на „поискрен“ однос кон практичните барања. Судејќи според сè, државата се „враќа“ во политичката економија на начин кој потсетува на некои речиси заборавени епизоди пред добата на пазарниот триумфализам.

Секако, пандемијата и нужноста од државни реакции беа прекинувач, но и неколку други фактори ја условија воочливата промена на трендот. Оваа промена е присутна ширум светот, но некаде е планирана како привремена суспензија на идолатријата на слободниот пазар, а некаде како посилен пресврт. Да речеме дека само европските земји беа поблиску до првата варијанта, а САД до втората. Споменатите фактори првенствено се однесуваат на зголемувањето на политичката нестабилност која се поврзува со зголемувањето на нееднаквоста и кинеската конкуренција. Со зборовите на главниот советник за економија на Џо Бајден, Брајан Дис, на економија која својот развој го заснова на не-пазарни принципи не можеме да ѝ конкурираме исклучиво со пазарни принципи. Да ја парафразираме српската раперка Мими Мерцедес: ме натера кинескиот капитал.

И покрај прокламираните цели кои се однесуваат на намалување на нееднаквоста, поголеми државни инвестиции и создавање „поавтономни“ снабдувачки ланци, постојат клучни разлики во однос на државните политики од средината на 20 век. Факторот што ги обликува овие разлики е ист како во случајот со аналогиите од периодот кој им претходеше на тие политики: дваесеттите и триесеттите години од минатиот век. Како што денешната екстремна десница не можеме да ја споредиме со историскиот фашизам заради непостоење силно работничко движење и комунистички партии чија реакција беа фашистичките движења, така ни денешните „прогресивни“ државни економски политики не можеме да ги изедначуваме со оние од периодот после Втората светска војна. Иако и други мотиви играа улога во формирањето на тогашните политики, силното работничко движење со своите амбициозни барања играше една од пресудните улоги.

Тие разлики можат да се забележат и во редистрибутивната и инвестициската политика, а ги поврзува недостатокот на процес на декомодификација на одредени општествени сфери. Со други зборови, државата на благосостојба (замислена) веќе не се заснова на отстранување одредени општествени потреби како здравството, образованието или домувањето од сферата на пазарните односи. Како што забележаа и прецизно анализираа во неодамнешната статија со наслов „Welfare without Welfare State“ (Благосостојба без држава на благосостојба), Даниел Замора и Антон Јегер, сè пораспространет облик на „поддршка“ се директните готовински трансфери на населението. Со оглед на тоа дека синдикатите, партиите и другите облици цивилни здруженија веќе не играат улога на посредници во демократски утврдените барања за реализација на одредени потреби, веќе не постои ни притисок врз државата таа реализација да ја направи независна од пазарите.

Значи, редистрибуцијата се случува во согласност со атомизираните интереси во современото општество, а на секоја индивидуа ѝ е „дозволено“ да се однесува како суверен потрошувач. Значи, станува збор за пазарно решение за проблемите на нееднаквоста и недостатокот на побарувачка во форма на негативен данок, како што заговараше и Милтон Фридман. Како што истакнуваат Замора и Јегер, општествените потреби денес се третираат како апстракции, а не како конкретни потреби во облик на нови школи или приуштиви станбени единици: „Сиромаштијата е концептуализирана како едноставен недостаток од пари, а не како недоволен пристап до услугите.“ Со други зборови, луѓето веќе не се заштитуваат од хировите на пазарите со своевидна општествена заштита, туку донекаде им се помага поуспешно индивидуално да се соочуваат со нив. Станува збор за воспоставен тренд, но веќе може да се прогнозира дека ќе има малку подолгорочна популарност: на десницата начелно ѝ одговара пазарно решение, а левицата не може туку така да им се спротивстави на кои било облици на моќ.

Кога станува збор, пак, за инвестициските политики, во најавите изостанува токму изградбата на инфраструктура за декомодификација. Иако и самата инфраструктура изминативе месеци стана модерна фраза во финансискиот печат. Меѓутоа, главно се работи за инфраструктура која би ги јакнела конкурентските капацитети на националните економии. И тука нема ништо спорно, но важно е да се истакнат разликите. Додуша, во инфраструктурниот план на Бајден се планираат значајни средства за секторот социјална заштита, но прашањето е на кој начин ќе се трошат и дали ќе преовладаат субвенциите за приватните пружатели на услуги. Тие разлики произлегуваат од уште еден важен фактор: државата не планира преку национализација или директна контрола над секторите, туку планира и координира во согласност со воспоставените интереси на одредени фракции на капиталот.

Тука се нагласени штотуку воочените трендови и одредени политички детерминанти, а реализацијата и учиноците допрва треба да се почекаат. Кога станува збор, пак, за прогнозите веројатно ќе бидеме сведоци на разни протекционистички интензитети со различни цели, во зависност од бојата на политичките сили кои ќе управуваат со нив. А малку поконкретно, нема спор дека Европската унија ќе заостанува зад трендовите и дека тоа заостанување ќе се одвива во политички погубни облици. Значи, на повидок е нова верзија на државата на благосостојба, но таа е значително поинаква од претходната зашто неа не ја обликуваа барањата и борбата на работничкото движење, туку исклучиво калкулациите со интересите на управувачките елити и претставниците на одредени фракции на капиталот.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Yichen Zhou

Извор: https://www.bilten.org/

ОкоБоли главаВицФото