Огнен Спасовски: Преовладуваат вредностите на опстанок кои во криза ја потенцираат себичноста

12.05.2021 10:45
Огнен Спасовски: Во нашето општество преовладуваат вредностите на опстанок кои во криза ја потенцираат себичноста

Огнен Спасовски е професор на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет при УКИМ. Негов потесен научен и стручен интерес е проучувањето на факторите за субјективната добросостојба на луѓето, еволуциските механизми кои влијаат на однесувањето на луѓето, интеракцијата на емоционалните и когнитивите процеси, како и унапредување на инклузивното квалитетно образование. Со Огнен разговаравме на актуелната тема – менталното здравје на луѓето со попреченост во пандемиски услови.

Огнен Спасовски

Огнен, зад нас се цели 15 ковидни месеци и којзнае уште пред нас. Јас првата година доста фино ја изменаџирав оти имам добар тренинг за работа од дома, социјално дистанцирање и слични мерки на изолација, вообичаени за луѓето со попреченост. Но, колку и технички да не ни е сменет животот, суштински е, и, тоа сериозно. Какви траги остава овој пролонгиран стрес на нас и нашите фамилии кои долго живееме со хронична напнатост?

Пандемијата нè принуди да функционираме на начин на кој никогаш не сме функционирале толку долго. Но, и тоа функционирање не беше еднобојно во целиот тој период. Во првите неколку месеци последиците не беа многу силни, делумно поради нашите капацитети да се адаптираме на краток рок да функционираме во само-изолација, а делумно и поради оптимистичките најави дека набргу ќе бидат откриени вакцините кои ќе не спасат од катастрофата. На тој период се надоврза летото кое го поминавме релативно релаксирано заедно со релаксираните мерки за заштита. И сметам дека тој период значително се разликува од вториот дел, почнувајќи од минатата есен. Со заладувањето и постепеното затворање по дома, станувавме свесни дека крајот на пандемијата не само што не е толку близу, туку е неизвесно и колку е далеку.

Дополнително, нешто што ни ги „зацрни“ прогнозите беше ширењето на новите соеви (мутации) на вирусот, како што беше британскиот, а сега во најава и бразилскиот. Променетиот начин на функционирање сам по себе е стресен, а тоа е мултиплицирано со тежината на пречките кои пандемијата ги создаде за реализирање на основните животни навики. Ресурсите на психолошката отпорност се исцрпуваа, а релевантните истражувања покажуваат дека последиците по менталното здравје се сè поизразени. Стравот од зараза и болест по автоматизам води кон одбегнување и дистанцирање од другите луѓе. Опасноста дека другите луѓе може да нè загрозат буди инстинктивен страв од другиот, а тоа води кон нетолерантност, исцртување на граници меѓу нас, поизразено стереотипизирање и стигматизација, лесна и брза осуда, и подготвеност да се нападне „пред ние самите да настрадаме“.

Мнозинството луѓе поминуваат многу повеќе време дома, во семејни интеракции кои често пати не се романтични; едноставно затоа што се оптоварени со грижите поврзани со работните обврски, успехот на децата на училиште, личните недоразбирања се интензивираат итн. А негативните ефекти во сиот нивен обем допрва ќе ги почувствуваме. Од една страна, позитивен момент на краток рок е тоа што доаѓа период на топли месеци поврзани со летни одмори (какви и да сѐ), делумно да се надополнат потребите во сферата на социјалните контакти и да се „рехабилитира“ психолошката отпорност. Но, од другата страна, ќе биде сериозно загрижувачки доколку и следната есен-зима-пролет ја минеме како и до сега.

Променетиот начин на живот несомнено ќе остави траги. Звучи како фраза, но колку длабоки ќе бидат лузните што ќе ги остави пандемијата, ќе биде исто така длабоко индивидуално. Ќе зависи од тоа колку тешко луѓето ја поминаа пандемијата во однос на физичките аспекти на болеста: од тоа дали се разболеа или не, колку тешко ја прележаа болеста, дали имаат или ќе им се јават последици од инфекцијата. На ментален план ќе зависи од личната слика на симптомите од болеста, дали имаа адекватна поддршка од блиските, или од институциите кога таа им била потребна, дали изгубија блиски луѓе од Ковид-19 итн. Сите овие фактори во интеракција со личносните особини ќе ја дадат и индивидуалната слика за лузните од пандемијата.

Важно е да се знае дека последиците од пандемијата по психичкото здравје ќе се манифестираат во широк спектар, и никако не треба да се прават генерализации кон ниту едниот крај на спектарот. Тоа што за некои нема сериозни последици (или што немаме јавни податоци за епидемија на ментални нарушувања) не смее да биде основа да се минимизира или игнорира нечие психичко страдање и потреба од психолошка помош. Од друга страна, тоа што пандемијата има последици по менталното здравје не смее да се генерализира и да гледаме ментално растројство во секој човек.

Откако почна пандемијатата, одредени организации и поединци иако постепено и дисконтинуирано, сепак се вклучуваа да ги поддржат и да им помогнат на луѓето со попреченост на разни начини. Но, ниту една државна специјализирана институција не ѝ понуди на оваа бројна популација никаква стручна поткрепа. Дури не видов ни една ТВ емисија на оваа тема. Дали Институтот за психологија е некако ангажиран во пружање помош на најранливите и најнемоќните маргиналци?

За жал, ние сме едно центристичко општество или заедница, која е доминантно водена од интересите на мнозинството. На таа линија, од највисоките инстанци на власта па надолу, фокусот е на активности насочени кон мнозинството, кои ќе тангираат најмногу луѓе, затоа што по таа логика ефектите се највидливи, а рејтингот највисок. Тоа се рефлектира и на односот и неодговорноста и на медиумите, пред сè најприсутните како ТВ станиците кои исто така третираат само теми кои ќе имаат гледаност од поголем број луѓе.

Кога институциите кои се одговорни и ги имаат буџетот и алатките во свои раце не преземааат значителни активности за лицата со попреченост, тешко дека ќе преземат оние кои немаат ресурси или ингеренции. Делумно заради немање капацитети, делумно заради менталитетот. Ние сме сѐ уште општество каде одговорноста тешко се презема, а многу полесно се трансферира на другиот, а најчесто, повисоко во хиерархијата. Не велам дека треба да се чека на нив, но и од овие причини надлежните институции имаат посебна одговорност да покажат пример и да го отпочнат тој верижен процес.

Што се однесува до Институтот за психологија, некои членови се вклучени во активности кои имаат за цел да се унапредат условите (пред сè во сферата на образованието) на лицата со попреченост. Но, тоа е првенствено образовна институција која во пандемијата едвај некако се справува со предизвиците да ја реализира својата основна дејност – квалитетна универзитетска настава со сите активности што тој поим ги подразбира. Десетина наставници опслужуваат скоро илјада студенти од повеќе факултети, а тој сооднос наставник-студент од 1 спрема 100 верувам дека го нема ниту во најсиромашните држави во светот. Сепак, студентите се сензибилизираат за проблемите во сферата, развиваат вештини за поддршка и низ структирирани активности се обидуваме да допреме до што е можно повеќе семејства со лице со попреченост.

Покрај менталното и социјалното, во овие тешки услови страда и физичкото здравје на луѓето со попреченост. Затворени се дневните центри за рехабилитација и физиотерапија, а другите лекарски услуги се сведени на ургентен минимум. Знаете ли некој компас за навигација низ ваков суров општествен пејзаж?

Пандемијата како консензуално да даде право да се затвори сè што може да се затвори, а да се презема само она што од позиција на моќ или мнозинство се перципира како најнеопходно. Се обесхрабрува(ше) сè што не е најдиректно поврзано со Ковид-19. Тоа резултираше со состојба илјадници хронични болни да останат без редовните прегледи, а мнозинството без рутински или превентивни прегледи. Во таква ситуација, токму ранливите групи се најподложни на маргинализација, дури и во врска со основното физичко здравје, а сето тоа поради тоа што се токму на маргините, невидливи или далеку од фокусот на мнозинството.

Еден универзален компас за навигација, за жал, не постои. Единствено решение е развој на „систем за навигација“ во секоја единка на општеството, кој ќе се изгради од вредностите на почитување на различното, сочувствување, солидарност и помагање, благодарност кон над-индивидуалното. Во нашето општество преовладуваат вредностите на опстанок кои во кризни времиња само ја потенцираат себичноста. Нашата генерација не успеа да изгради мрежа на таков„систем за навигација“. Делумно поради наша вина, делумно поради претходната генерација која потполно падна на испитот на времето. А ние сме на истиот пат. Она што можеме да го направиме е да им обезбедиме услови на идните генерации – без многу да им интерферираме – да се развијат во подобри од нас.

Иако Интернационалниот сојуз за попреченост (International Disability Alliance) упати јасна препорака до сите влади луѓето со попреченост и нивните најблиски да бидат приоритетно имунизирани, нашите власти не се одзваа на ова. Реагираше и Народниот правобранител и повторно не се случи ништо, а Министерството за здравство го води стручњак што добро знае што сѐ имплицира поимот попреченост. Како вие го коментирате ова „игнорирање“?

Како апсолутно игнорирање кое ни ја дава сликата на општеството. Односот кон лицата со попреченост е еден од најјасните индикатори на зрелоста и цивилизираноста на едно општество. Но, во контекст на претходните одговори, кај нас се приоритетни само активностите кои носат повеќе политички поени. Малубројните ранливи групи се безопасни за политичкиот рејтинг, па оттука може да се игнорираат во недоглед. Слично како и проблемите на лицата со ретки болести. Но, да бевме хумано општество, јавноста ќе го забележеше овој проблем и силно ќе го осудеше, по што верувам дека ќе имаше соодветна реакција. Сепак, да бевме.

Според најоптимистичките прогнози, пандемијата ќе трае до крајот на оваа година, а според најмрачните предвидувања ковид ќе биде актуелен до 2025 г. Имате ли некој општ совет како најбезболно и најбезбедно да се издржи оваа неизвесност?

Иднината со пандемијата е сѐ уште неизвесна. Луѓето наивно веруваат дека човекот е семоќен, дека може да најде лек за сè, а доколку лекот го немаме, тоа се перципира дека со сигурност е резултат на заговор на елити или фармацевтската индустрија. Но, од генетски аспект вирусот е најсовршен организам кој најлесно и најбрзо се адаптира на сите услови. Ние забораваме дека катастрофални пандемии се јавувале отсекогаш. Половина од целото човештво родено на планетата Земја умрело само од еден вирус – маларијата. И воопшто не е лесно да се најде лек или вакцина за вирус. Еден позитивен момент поврзан со пандемијата е што принудно создаде услови научниците од целиот свет да соработуваат – и за неверојатно кратко време да најдат вакцина која функционира на сосема нов начин. Тоа треба да ни биде пример дека за многу суштински проблеми за Земјата може да се најде решение.

Иако веројатно моите претходни одговори звучеа песимистично (заради општествениот контекст), во однос на пандемијата јас сум оптимистичен. Пандемијата нè предизвика да преиспитуваме што е суштински важно, а што не толку важно. И покрај сите поволности за богатите, вирусот најмногу нè прави еднакви и не поттикнува заеднички да бараме решенија за проблемите во сите делови од светот. Дури и Елон Маск (барем за малку) се сврте кон проблемите поврзани со опстанокот на оваа планета.

Да се даде општ совет како најбезболно да се издржи, е многу претенциозно, но сметам дека постојат неколку општи точки. Луѓето нужно и трезвено треба да ја развиваат свесноста дека пандемијата ќе трае и дека таа остава последици. Нема да ни помогне ако живееме во илузија дека вирусот не постои, дека е подалеку од нас или дека пандемијата набргу ќе помине. Така ќе бидеме подобро подготвени да се справиме со неа, да правиме конструктивни планови на краток, среден и долг рок, првенствено поврзани со физичкото и менталното здравје.

Меѓу првите нешта е да планираме вакцинирање, прегледи кои сме ги пропуштиле минативе месеци, да се зафатиме со активности за превенција од заразување и за јакнење на имунитетот и на добра физичка состојба на организмот. Да се бараат решенија за состојбите кои се доживуваат како проблематични на ментален и/или интерперсонален план. Сами од себе нема да се решат. Потребна е одважност да се побара професионална психолошка помош, која е достапна од самиот почеток во професионалните институции. Не треба да се очекуваат брзи решенија. Воедно, колку и да е лесно да се каже, потребна е присебност и критичко размислување за информациите со кои сме бомбардирани. Склони сме лесно да поверуваме во заговори, од кои повеќето се без никаква основа, но се директно поврзани со пораст на недовербата кон институциите и кон другите луѓе воопшто, со чувство на безизлез и апатија, а тоа на подолг рок може само да влијае на влошување на менталното здравје.

Илустрации: Dadu Shin

Извор: Пркос

 

 

ОкоБоли главаВицФото