Проектот „Сега“ е македонски претставник на Венециското биенале на архитектура

12.05.2021 13:30
Проектот „Сега“ македонски претставник на Венециското биенале на архитектура

Проектот „Сега“ на БИНА [биро за инвентивна архитектура] е претставник на Северна Македонија на 17. Биенале на архитектура во Венеција (22 Mај - 21 Nоември) кое ќе биде свечено отворено на 20 мај со почеток во 10 часот во дворот на “Palazzo Zorzi” - седиштето на УНЕСКО во Венеција. 

Изложбата е на група архитекти предводени од Бекир Адеми, куратор на изложбата.

Ко-куратор е Јордан Шишовски, Комесар на проектот е Дита Старова-Ќерими, директорка на Националната галерија, додека покровител на изложбата е Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Конструкција, материјализација и дизајн: Бекир Адеми/ БИНА
Логистика: Енис Абовски, Амине Адеми, Атанас Наумовски.
Аудио инсталација: Владимир Лукаш.
Текст: Ана Рафаиловска, Јордан Шишовски, Бекир Адеми.
Графика: Ивана Чалоска, Енес Север.
Учесници: Бекир Адеми, Ана Рафаиловска, Ивана Чалоска, Јордан Шишовски, Енис, Абовски, Енес Север, Амине Адеми, Атанас Наумовски, Гаврил Бошковски, Аида Салиху, Дрен Невзати, Елмедина Хасани, Нита Чаволи.

Проектот „СЕГА“ е симболична претстава на еден отсечок од мноштвото и непосредна асоцијација на човековата идеја за дом и соживот. Сето ова концептуално открива два аспекти на просторно-временското суштествување, потребата од издвојување и заштита наспроти потребата за симбиотска релација со околината.

Бекир Адеми ја поставува инсталацијата во Венеција

Инсталацијата на првото доживување е интровертна и питома, потоа прераснува во една широка купола, каде интеракцијата и пресекот помеѓу архепитизирана рамка-куќа со подвижна сфера суштински ја генерираат формата, создавајќи чувство на споделена хармонија и стабилност кај посетителите.

Концептот се материјализира во дрвена композиција составена од дрвени елементи сите со различни димензии меѓусебно поврзани во една единствена хармонична просторна структура.

Намерата е да се генерира прецизна микроструктура со динамична порозност, а со тоа и да се промовираат универзалните вредности произлезени од целиот процес на развивање на концептот доведе до големо искушение и ризик околу реалната реализација на инсталацијата со што дополнително се зголеми предизвикот и желбата за достоинствен одвогор на зададената тема. Наравоучението од овој процес несомнено беше надминувањето на инженерските навики кои би резултирале со отварање на нови хоризонти во инжинерството и архитектонското замислено.

„Флуктуацијата на општествените чинители чија аспирација е заеднички живот, надминувајќи кохабитациски разлики без да ja дезинтегрираат индивидуалнaта сфера, е вистински предизвик сега. Процесот на самосвесност може да се развие во две насоки – кон човечките микрочинители или кон структурите од човекот направени” пишува во каталогот за проектот.

 

17-тата меѓународна изложба на архитектурата оваа година ќе биде претставена од 22 мај до 21 ноември, нејзинкуратор е архитектот со либанско потекло, Хашим Саркис. Хашим Саркис е декан на Факултетот за архитектура и планирање на Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ) од 2015 година. Дипломирал архитектура и ликовни уметности на Факултетот за дизајн на Островот Рода и докторирал философија на Универзитетот Харвард. Тој е автор и уредник на повеќе книги и статии за историјата и теоријата на модерната архитектура.

Со 61 национален павилјон, Меѓународната изложба на архитектура под наслов „Како ќе живееме заедно?“ ќе биде поставена во Џардини, Арсенале и Форте Маргера. Инаугуративната церемонија ќе се одржи на 22 мај.

Биеналето оваа година вклучува 112 учесници од 46 земји, со делегации од Африка, Латинска Америка и Азија и со широко женско претставување. Ова издание исто така вклучува низа учества надвор од конкуренцијата: истражувања со релативни студии на случаи развиени од истражувачи од универзитети ширум светот (Архитектонска асоцијација, Американски универзитет во Бејрут, Бартлет, Универзитет Колумбија, Купер Унија, ЕТХ Цирих, Етиописки институт за архитектура, Венецијанската лабораторија, конзорциум на истражувачки групи на МИТ); специјалното учество на израелскиот уметник Михал Ровнерво, Олафур Елиасон, Себастијан Бехман и Џузепе Пеноне.

Хашим Саркис

Темата зададена од Хашим Саркис, куратор на 17-тата меѓународна изложба на архитектура носи наслов „Како ќе живееме заедно?“ се фокусира на следните појдовни точки за истражување и размислување:

 Потребен ни е нов просторен договор. Во контекст на проширување на политичките поделби и растечките економски нееднаквости, ги повикуваме архитектите да замислат простори во кои великодушно можеме да живееме заедно:

· Заедно како човечки суштества кои, и покрај зголемената индивидуалност, копнеат да се поврзат едни со други и со други видови низ дигиталниот и реалниот простор;

· Заедно како нови домаќинства кои бараат поразновидни и достоинствени простори за населување;

· Заедно како нови заедници кои бараат правичност, вклученост и просторен идентитет;

· Заедно преку политичките граници да замислат нови географии на здружување;

· Заедно како планета која се соочува со кризи кои бараат глобално дејствување за сите нас да продолжиме да живееме воопшто.