Ковчези

12.05.2021 14:04
Ковчези

Девојко мори девојко
Ковчег е жива разделба
Ковчег е жива разделба
Од татка ќе те оделит
Од татка ќе те оделит
Од мајка ќе те оделит
Од мајка ќе те оделит
И од сета мила роднина

(Свадбена песна од Дебар)

Како и во сите гранки од традиционалното народно творештво, така и во изработката и обликувањето на ковчезите се согледува индивидуалното уметничко творење на секој поединец занаетчија. Ковчезите во минатото се среќавале во секоја куќа, независно дали била селска или градска. Во обичајниот живот на нашиот народ, ковчезите за облека, како традиционален покуќнински инвентар, минувале од генерација на генерација, често како наследство од мајка на ќерка, од свекрва на снаа. Меѓутоа, ковчег за облеки добивала и секоја девојка како невестински дар. Во него се пренесувала сета спрема, чеиз и дарови од куќата на невестата во куќата на младоженецот.

Ковчезите во Македонија биле изработувани најчесто од професионални занаетчии, а неретко и од некој навидум обични, но надарени и вешти луѓе во селата. Основниот матријал за изработка на ковчезите било дрвото. Мајсторите користеле неколку типови од кои најчесто биле користени буково, дабово, ореово или чамово дрво. Изработката на ковчезите подразбирала и користење на соодветна техника и технологија, а со тоа и користење на алати, како секира, тесла, стругот, пила и др.

Според изработката и формата, ковчезите се делеле на два типа. Првиот тип се ковчези кои се одликувале со плитка резба, и најчесто ги среќаваме во планинските села, кои биле распослани во близина на богати шумски појаси. Овие ковчези најчесто ги изработувале селани, полузанаетчии за лична употреба, но и за соселаните од околните села. Вакви примере се познати од с. Папрадиште - Азот, с. Вирово- Демир Хисар, с. Tајмиште- Кичевија, с.Леуново – Маврово и др. Вториот тип на ковчези биле застапени во градските куќи, изработени од занаетчии- мајстори, од квалитетно ореово или друго цврсто дрво. Посебно интересни се ковчезите украсени со интарзија од коска и седеф, изработени за богатите градски куќи во Охрид, Битола, Скопје и Дебар.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото