Дигитален толковен речник на македонскиот јазик

12.05.2021 20:18
Дигитален толковен речник на македонскиот јазик

Според ромската невладина организација „Аваја“, „Со новиот дигитален речник Ромите добија дигитализација на навредите и антициганизмот. Дигиталниот Толковен речник содржи 100.000 зборови, меѓу кои и „циганче“, „поцигани“, „циганчи се“, „циганштија“ и „циганштилак“. Сите овие зборови во македонскиот јазик се користат како навредливи зборови кон ромската заедница…“

Велат во речникот имало зборови што биле навредливи за одделни заедници, групи луѓе, поединци. Велат треба да се исчисти речникот од вакви зборови. И се разви дискусија.

Не стручна, професионална дискусија во која се вклучени професионалци од различни области (јазик, култура, литература, човекови права, право…). Не. Се разви дискусија на социјалните мрежи од индивидуи што немаат никакво знаење од областа на јазикот, културата, човековите права, правото…

И политичарите решија да се вмешаат.

Се потурија со пепел за грешката што ја направиле стручњаците и решија да ги повлечат спорните зборови. Јас не се согласувам со ваквото решение.


Според мене, речникот на зборови не создава, не измислува и не промовира зборови, туку ги регистрира постојните зборови во македонскиот јазик и ги поврзува со значењето или значењата кои ги имаат во секојдневната (пишана или говорна) употреба.

Бришењето зборови од речникот не значи дека тие се бришат од јазикот (од пишаниот или од секојдневниот говор). Тие продолжуваат да се читаат во литературата, да се употребуваат и да живеат.

Меѓутоа, овој посебен, толковен речник претставува алатка со која не само што не смеат да се создаваат и промовираат стереотипи и предрасуди туку напротив, алатка со која можат да се адресираат стереотипите и предрасудите. Алатка во борбата со стереотипите и предрасудите.


Во формата во која постои тој може да даде објаснувања за корените на одреден збор, за контекстот во кој настанал и во кој се употребувал. Може да укаже на стереотипите и предрасудите кои ги манифестира одреден збор, на неговата пејоративност или навредливост. И може да упати на соодветните (ненавредливи) зборови што денес се поврзуваат со одредено именување.

Всушност, најголемиот проблем што јас го гледам во содржините што се промовираат со овој речник е нивото на стереотипи и предрасуди со кои се обременети тие што го изработиле. Отсуството на елементарен сенс за разликата меѓу употребата на одреден збор во минатото и денес, очигледното неразбирање на навредливоста на одреден збор која треба да биде идентификувана и објаснета, и, едностраното и еднозначно дефинирање на зборовите надвор од поширокиот контекст на нивната дури и секојдневна употреба, е недозволиво за институцијата која стои зад изработката на овој речник.


Тоа значи дека од речникот никако не смее да биде исфрлен зборот Циган. Тој треба да биде објаснет. Во сета негова повеќезначност и богатство:

- Како начин на именување на луѓето од ромската заедница во минатото кое во одреден момент добило пејоративно и навредливо значење поголем дел од луѓето;

- Како начин на именување на овие луѓе кое уште се употребува во други јазици (со позитивна или негативна конотација);

- Како израз што може да се сретне во литературата и во народното творештво;

- Како израз што има исклучително позитивно значење во специфичниот фолклор на припадниците на оваа заедница;

- Како синоним за одредени негативни карактеристики кои се базираат на стереотипи и предрасуди кон припадниците на конкретна етничка заедница.

Како…

Значи, не смее од речникот да се исфрлаат зборови. Зборовите постојат и тие треба да се регистрираат. Потребно е збогатување на речникот со соодветни објаснувања, кои ќе бидат направени од луѓе што не се оптоварени со стереотипи и предрасуди и кои имаат широки знаења за јазикот, културата, историјата и човековите права.

А дискусијата мора да продолжи.


Слики: Henri Rousseau (1844 – 1910)
Извор за текстот: Слободен печат