Национализам, демографија и ЕУ

13.05.2021 10:05
Национализам, демографија и ЕУ

Македонија продолжува да тропа на портата на ЕУ очекувајќи поддршка за ефектуирање на почетокот на пристапните преговори за членство, но се чини дека интеграцијата на Западен Балкан засега во бриселските бирократски фиоки се поттурнува подолу на агендата на актуелните прашања и приоритети.

Во услови на спласнат ентузијазам, кога за процесот на проширување со прием на нови членки моментно никој не зборува на посериозен начин, не може да се избегне сознанието дека мигарциите на работна сила, врз кои овој процес секогаш има значајни ефекти, всушност не се судбинско прашање за поголем број западни ЕУ-членки. Токму напротив, масовното иселување и нискиот наталатитет претставуваат посериозна закана – за Истокот.

Слепа политика

Низа показатели зборуваат дека по завршувањето на пандемијата ќе се зголемат ризиците економските разлики во рамки на ЕУ да се продлабочат низ нерамномерно заздравување и обнова. Ризикот посебно се однесува на натамошен демографски пад и иселување што ќе земе замав пред сè во економски послабите делови на Унијата. А и развојот во непосредното соседство на Унијата, во земјите од Западен Балкан, сигурно нема да претставува исклучок од таквите негативни трендови.

Прашањето поврзано со развојот на населението се соочува со криза. Разликите се драстично забележливи во разни делови на Европа. По паѓањето на Берлинскиот ѕид Шведска имаше околу 8,5 милиони жители. Моментно има приближно 10,5 милиони. Како резултат на високата стапка на раѓање и голем прилив на мигранти Шведска има висок прираст на население во споредба со други европски земји.

Од другата страна на Балтичкото Море, Литванија го дочека падот на Железната завеса со 3,7 милиони жители, но поради масовното иселеување и нискиот наталитет во изминатите три децении изгуби повеќе од една четвртина од своето население и во 2020 година имаше околу 2,7 милиони жители. Според прогнозите на Обединетите Нации се очекува натамошен демографски пад, така што во 2050 година Литванија би можела да има речиси преполовено население од периодот на распаѓањето на Советскиот сојуз, односно околу 2,1 милиони жители.

Познат и примерот со Бугарија, најсиромашна ЕУ-членка, која од крајот на комунистичкото владеење загуби над една четвртина од своето население и бројот на жители од речиси 9 милиони се намали на нешто помалку од 7 милиони. ОН прогнозираат дека до 2050 година овој број ќе се намали на околу 5,2 милиони – дури побрзо и повеќе од каде било на друго место во светот.

За Шведска, пак, прогнозите предвидуваат пораст на населението на околу 11,4 милиони до средината на овој век. Но доколку Шведска би го имала истиот развој како и Литванија и Бугарија, до 2050 година би изгубила повеќе од 50 отсто од населението и не би имала дури ни 5 милиони жители.

Овој пример го покажува драматичното намалување на населението во Источна и Централна Европа. Литванија нема некакво посебно значење во овој контекст. Бројките се катастрофални и во Летонија и Естонија, а населението драматично се намалува и во Хрвтаска и Романија, нешто помалку во Полска и Унгарија. Во новите ЕУ-членки растат стотици илјади деца со своите баби и дедовци, додека родителите заминале во западните земји за да можат да ги издржуваат своите семејства. Во поголем број од овие земји јавно се води националистичка политика на нетолеранција и нетрпеливост кон странци и мигранти, а напоредно се присутни кампањи за зголемување на наталитетот. Но тоа сепак не е доволно за да се реши проблемот. Сè додека платите се ниски и работните места несигурни, многумина се двоумат да раѓаат деца. Разни испитувања покажуваат дека голем дел од младата популација во повеќе европски земји размислува да емигрира. Пандемијата само делумно предизвика привремена пауза во масовните емигрантски движења кон Запад.

Критичарите укажуваат дека на ЕУ ѝ недостасува политика чија цел ќе биде да им се овозможи на луѓето да останат да живеат во своите земји, без да чувствуваат егзистенцијална принуда да се иселуваат. ЕУ всушност има значајна моќ и влијание врз економската политика на земјите членки, но таа политика е слепа за социјалните последици што се создаваат врз база на нерамномерниот регионален развој.

Закана за иднината

Во ЕУ моментно се силно намалени можностите да се бара и да се добие азил, но малку нешта укажуваат дека селењето на работна сила ќе се намалува во догледна иднина. Гледано низ подолгорочна перспектива, таквиот развој не е одржлив. Факт е дека повеќе источноевропски земји со драстично намалено население се соочуваат со недостиг од образувана работна сила во продуктивна возраст. Како што се забележува во овој контекст, на германските и шведските градилишта сè почесто се зборува полски, а на полските пак украински. Мигрантскиот синџир така добива форма.

Недостиг од квалификувана работна сила сè поизразено се чувствува и во Македонија. Но, да се сврти развојот во поинаква насока е мошне тешко и комплексно прашање. Евроинтеграциите, се разбира, за Македонија се најдобра алтернатива, но зачудува дека ЕУ дозволува во контекстот на претпристапните преговори за членство една ЕУ-членка агресивно да наметнува дискусија за историјата на царства од пред илјада години, за менување на границите во историјата, за востанија и војни кои мошне малку имаат значење и допирни точки со актуелниот егзистенцијален миг на граѓаните во соседната земја со кандидатски статус.

Историјата е учителка на животот. Но, кризата на населението и демографскиот колапс се судбинско прашање. И закана за виталноста и иднината на нацијата.

Карикатури: Axel Scheffler

Извор: Слободен печат

 

ОкоБоли главаВицФото