Зелени работни места и достоинствена работа

14.05.2021 01:43
Зелени работни места и достоинствена работа

Зелените работни места најчесто се дефинираат како работи во секторот на производство на добра или услуги кои придонесуваат за заштита на животната средина или зачувување на природните ресурси. Овие работни места традиционално се поврзуваа со обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност, зачувувањето на природните ресурси, одржливото шумарство, рециклирањето итн. Но како што сè повеќе сектори планираат транзиција кон климатски неутрални модели со ниски емисии на јаглерод, секое работно место може да стане зелено.

Дека зелените работни места се високо на листата приоритети на Европската унија покажува и усвојувањето на Европскиот зелен договор (A European Green Deal) кој претставува обид со трансформација на економијата Европската унија да стане климатски неутрална до 2050 година. Исто така во склоп на планот за закрепнување од пандемијата со Ковид-19, планирано е да се вложат значајни средства за озеленување на економиите и работните места.

Па сепак често дури и на највисоко ниво се заборава дека зелените работни места не се само работи кои се еколошки или климатски прифатливи, туку за некое работно место да се смета за зелено, потребно е да исполни и други критериуми.

Работничките права и зелените работни места

Самир веќе со години работи како неформален собирач на секундарни сировини. Секојдневно работи во две смени и затоа пешачи повеќе од десет километри за да собере одредена количина секундарни сировини. После посетувањето на контејнерите и собирањето сировини, на прагот на својот дом кој се наоѓа во една од многубројните белградски ромски неформални населби, тој ја сортира сировината за наутро да ја однесе во откупниот центар. Кога денот е добар успева да заработи до 1000 динари, но често се случува да собере сировини за кои ќе добие само стотина динари, а понекогаш не заработува ни динар. Здравственото, пензиското осигурување како и другите видови социјална заштита за него се непознат поим, а од зелените работни места тој го гледа само отпадот со кој секојдневно се среќава во нехигиенски услови.

Самир е само еден од барем 50 000 луѓе во Србија кои се занимаваат со собирање секундарни сировини. Оваа работа е многу важна од еколошки аспект, зашто собирачите обезбедуваат повеќе од 80 проценти од вкупната ПЕТ амбалажа која се рециклира. Па сепак, за оваа работа да стане зелена потребно е да се обезбедат и други услови за работа.

Освен еколошката одржливост, зелените работни места мора да го стават фокусот и на обезбедувањето достоинствени услови за работа - во случајот на Самир ова би значело државата да го препознае неговото занимање и во согласност со тоа да му обезбеди адекватно вработување. Не можеме да зборуваме дали некое работно место е зелено доколку личноста што го извршува не остварува достоинствен надомест за работата, доколку нема обезбедена заштита при работа, здравствена заштита како и пензиско и социјално осигурување.

Тоа што некој произведува или монтира соларни панели не значи дека извршува зелена работа сè додека работи во прекарни работни услови. А во Србија, како и во светот, паралелно со промоцијата на зелените работни места се промовира и флексибилизација на работата каде постојаниот договор за работа сè повеќе станува реликт од минатото, а работниците и работничките се принудени да прифатат краткотрајни и нестандардни договори за работата што ја извршуваат.

Други аспекти на зелените работни места

Доколку навистина сакаме зелени работни места потребно е да направиме уште неколку чекори понатаму откако ќе се обезбеди еколошка одржливост и достоинствен надомест за извршување на таквата работа. Мора да се отстрани отуѓувањето кое се создава при извршувањето комплицирани работи чиј финален производ често им е нејасен на работниците и работничките.

Демократијата на работното место во вид на разни форми на организирање може да претставува пат преку кој ќе се надмине ваквото отуѓување. Дури тогаш, откако оние кои учествуваат во производството на некоја стока или услуга ќе имаат можност и навистина да одлучуваат како ќе изгледа тој продукт и за кои цели ќе се користи, ќе можеме да очекуваме дека отуѓувањето ќе почне да се намалува. Веќе постојат добри практики за воведување демократија на работното место и потребно е само малку за да се вратиме во минатото за да ги пронајдеме. Работничкото самоуправување кое постоеше во Југославија, со доработка и модернизација може да претставува еден од моделите за организирање на производството и распределбата на вредноста.

Освен воведување демократија на работното место, зелените работи мора да бидат и родово сензитивни. Сè додека на работното место постои доминација на мажите во вид на родова дискриминација, сè додека има помали надоместоци за женската работа, како и отежната можност за напредување на жените, не е можно таквите работни места да се наречат зелени.

Еден од предусловите некоја дејност да биде зелена е и нејзиниот производен циклус да биде пократок и да се извршува колку што е можно полокално. Кога се зборува за еколошка одржливост на некој производ често се забораваат трошоците за транспорт. Од потребата за патување на работниците и работничките до работното место, до транспортот на суровините и готовиот производ. Доколку сировините се добиваат од Африка, а енергијата од Блискиот исток, производот се составува во Азија а се продава во Европа, тешко е да се зборува за одржливост и дека тие работни места се зелени, па дури и да станува збор за производство и склопување соларни панели или турбини на ветер.

Уште една од пречките во создавањето зелени работни места во земјите кои се наоѓаат на економската полу-периферија или периферија се и нивните доминантни развојни модели. Повеќето држави како Србија својот развој го темелат на странски директни инвестиции. Ваквиот вид развој обилно се субвенционира и го следи наративот дека ќе донесе нови работни места, а некои од нив ќе бидат и зелени.

Во пракса се покажа спротивното, ваквиот развоен модел донесува загадување на животната средина, експлоатација на ресурсите и работната сила, а сè со цел краткорочна максимизација на профитот кој го задржуваат привлигегирани компании и поединци. Еден пример за ваква пракса е употребата на енергија од ветер во Србија - во овој сектор доминираат странски компании, а и покрај субвенциите за производство, технологијата и знаењето остануваат недостапни за локалното население додека се отвораат само мал број работни места.

Државата и зелените работни места

Процесот на отворање зелени работни места ќе оди под рака со процесот на енергетска транзиција која мора да биде и праведна. Според истражувањето кое го спроведоа Хејен и соработниците (2020), процесот на праведна транзиција кој би влијаел на отоврањето зелени работни места мора да опфати разни елементи. Од инклузивен општествен и регионален дијалог на сите актери, државна помош при креирањето нови зелени работни места но и помош за работниците во гранките на индустријата кои се во опаѓање, со мерки за ублажување на негативните ефекти по работниците во особено погодените региони.

Бидејќи економската и климатската криза сè повеќе земаат замав, зелените работни места може да претставуваат еден од алатите за унапредување на условите за живот со зачувување на животната средина. Улогата на државата во водењето на климатската криза, креирањето јавни политики и отворањето зелени работни места е клучна зашто досега се покажа дека слободниот пазар не може и не сака да направи чекор кон одржливост, ниту унапредување на условите за работа. Затоа е важно да се искористи зелениот бран пред капиталистичката економија целосно да го кооптира и од него да остане само гринвошинг.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Juan Ford

Извор: https://zajednicko.org/

ОкоБоли главаВицФото