Пино

14.05.2021 15:54
Пино

На забавата беа поканети сите парфеми и парфемки, и сите колонски води што значеа нешто во индустријата на мирисите.

Стариот „Пино Силвестре'', иако доби официјална покана, знаеше дека е непожелен гостин. Можеше да го почувствува презирот на помладите генерации.

Седеше на шанкот. Сам. Шанкерот не го ни праша што ќе нарача. Му ја тутна пред носот чашата со некој фенси коктел. Калабалак од низа алкохоли, украсен со чадорчиња и такви ми ти џиџи-миџи.

Ниеден парфем, ниедна парфемка не му пријде. Дури и празната куртоазија си замина со последниот воз за минатото, во исто купе со романтиката и сентиментализмот. Господинот „Кул'', нивниот наследник, им мафташе за збогум од перонот на станицата, додека возот тргнуваше за никогаш да не се врати. На ''Кул'' му течеа солзи по образите, искрени, горки.

Опростувајќи се од конкуренцијата, господинот „Кул'' беше свесен дека се простува и со дел од себе, дека неповратно го губи.

Сите присутни на забавата го игнорираа стариот. Тотално.
Се срамеа од него, зелената шишарка, се срамеа од „Пино Силвестре''.

Беше премногу старомоден, нападен, вулгарен за нивниот неолиберален конзумеристички вкус. Него го носеа обични луѓе, работници, ако воопшто сеуште го носеа и тие, а друштвото на забавата беше елитистичко и младо. Снобови. А популисти.

И „Пино Силвестре'' беше еднаш млад. Многу одамна. Цуцајќи го коктелот, се присети на детството во родната Венеција, далечната 1952 година. Сите беа толку млади овде, на журката! Повеќето од нив, произведени по 2000-та.

Од машките парфеми ги виде  „Фаренхајт'', „Греј Ветивар'',  „Валентино Уомо''. Никој не го рецкаше, иако беа на само неколку чекори од шанкот.

Од парфемките, тука беа шармантната „Флауер Бомб'', квазимистериозната „Блек Опиум'',неизбежната „Коко Мадемоизел''.

Тие се кикотеа меѓу себе и разменуваа трачеви за машките парфеми. Парфемките, веројатно, немаа ни поим кое е она дрто, шишарковидно, зелено чиче што се налева крај шанкот.

Тие не биле ни во долгорочниот бизнис-план за производство, кога тој, „Пино Силвестре'', беше главна фаца, фраер број еден во градот, во светот.

Ах, младите умеат да бидат толку сурови во својата увереност дека нивната младост ќе трае вечно, дека нема никогаш да бидат заменети со нови брендови на пазарот. Како што беше уверен и тој, кога беше на нивна возраст. Како што беше заменет тој, лека-полека, речиси неосетно, но неповратно заменет. А и нив истото ги чека.

„Пино Силвестре'' особено се разочара од своите колеги - колонските води „Пако Рабан'',  „Тобако Ванил'' и „Арамис''.

Тие и не беа толку млади, беа секако далеку помлади од ''Пино Силвестре'', но сепак веќе беа средовечни според стандардите на индустријата за мириси. Но,пази им дрскост и лицемерие, ни тие не му обраќаа внимание. „Пино Силвестре'' сепак не ги судеше премногу строго, тие само се обидуваа да се вклопат со новите генерации, им се додворуваа, патетично, безуспешно. Тој, за разлика од нив, барем се обидуваше да го прифати својот пораз со достоинство. Иако,знаеше дека нема такво нешто како достоинствен пораз- ''лузер сум, ама барем си ја задржав гордоста'' - тоа беше најпатетичната форма на самозалажување. Немаше ''Пино Силвестре'' достоинство. Беше само премногу стар и уморен и си седеше на шанкот и си ја пиеше пијачката. И тој, да беше на местото на младите парфемки и парфеми, веројатно би постапувал со некој како него на истиот, игнорантски начин. Кој сака да губи во животот или да се дружи со губитници кои можат да те повлечат надолу, во нивната бездна на анонимноста и аутсајдерството, во нивното сиво дувло на бившост, во нивниот клуб-на-поранешни-ѕвезди-кои-никогаш-повторно-нема-да засјаат-на- небото-на-славата? Никој. Но, ете неговото време помина. Од некогашната слава му останаа само наводниците пред името и зад презимето. Сеуште беше ''Пино Силвестре'', иако во реалноста беше Пино Силвестре. Без престижот на наводниците, таа изветвена аристократска титула на пропаднат благородник. Но, сепак тие беа се што му остана, очајнички се држеше за нив. Не ги даваше. Само нив ги имаше. Наводниците укажуваа на тоа дека стариот е сепак сеуште бренд. Каков-таков.

А минатата недела, токму со „Пако Арабан'' и „Арамис'' беа во една локална биртија кај што сеуште им даваа да локаат на рабуш, и тие двајцата му се жалеа дека времето ги гази. А тој пријателски ги тешеше, а со тоа се тешеше и самиот себе.

-Ех, тежок е животот фрагрантски... - сложно тројцата климнаа со главите пред келнерот да ги фајронтира. Но, сега, на журкава, се правеа дека не го препознаваат.

Најпосле! На влезната врата од ноќниот клуб каде журот веќе беше во полн ек, се појави еден негов современик, произведен осум години по него, во Париз. „Брут''.

Парижанецот, со француска ноншалантност, влезе во клубот.

„Брут'' ги обележи 1960-тите, како што „Пино Силвестре'' им даде арома на годините по втората светска војна. Тие, двајцата, неколку децении, беа неразделни. ''Пино Силвестре'' во тоа време му беше на „Брут'' и ментор и постар брат и татковска фигура. Меѓу себе понекогаш се ословуваа без наводници, ете, толку беа блиски! Но,такви изливи на блискост не си дозволуваа премногу често, пријателство си е пријателство, но сепак бренд си е бренд! „Пино Силвестре'', како нешто постар и поискусен во сферата на фрагрансите, му даде на „Брут'' низа корисни совети што многу му помогнаа во кариерата на искрениот, простодушен, но полн енергија француски парфем.

„Брут'' и „Пино Силвестре" беа сведоци на многу важни настани во тие турбулентни времиња. ''Пино Силвестре'' и неговиот нешто помлад штитеник „Брут'' присуствуваа на вратовите и телата на многу демонстранти ширум светот во 1968 година.

Кога Роберт де Ниро го доби оскарот за улогата во „Разјарениот бик'', „Пино Силвестре'' беше во огромни количини присутен на образите и вратот на актерот. А Џеф Бриџес, кој му ја врачи статуетката на де Ниро, беше сиот потопен во „Брут''.

-Супер - си рече „Пино Силвестре'' - еве ми конечно вистински пријател. Старата шишарка стана од шанкерската столица, и со широка насмевка на зеленото лице,тргна кон неговиот пријател од Париз. ''Пино Силвестре'' срдечно му ја подаде раката, но парижанецот не ја прифати. Го одмина без збор.

„Пино Силвестре'' подзина со устата, и држејќи ја сеуште раката во воздухот, целосно свесен за предвидливоста и баналноста на репликата што се подготвуваше да ја изговори,гласно крикна: - Зар и ти сине „Бруте'' !!!?

Сите фенси гости и фенси гостинки на фенси журката иако го слушнаа крикот, си продолжија лежерно да си танцуваат.А „Брут'' им се придружи. Како ништо да не се случило. Па, не се ни случи којзнае што. Музиката стана погласна, забавата се разгоре уште повеќе.

Пино Силвестре се врати во својата столица. Беше задишан од лутина,челото му беше оросено со пролетерска пот, очајна и гневна.

- Дај една ракија. Комова! - му заповеда на дибекот зад шанкот.

Фотографија: Сашо Насковски Шекспир

 

Слични содржини

Книжевност
Јавни простори / Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото