Дали ќе излеземе попаметни од еден лифт?

14.05.2021 15:41
Дали ќе излеземе попаметни отколку еден лифт?

 

Денес, Македоња Норд е, за жал, малограѓанско општество. Но, не беше секогаш така. Првин, под вековното турско, бевме чифлигарско општество. Во првата Југославија станавме селско општество со малограѓанска елита, а во втората, социјалистичка Југославија, станавме вистинско модерно општество. Својата модерност нашето општество ја достигна со револуционерни средства, со ист таков колективен занес кон модерноста, и за секавично кусо време, карактеристично за темпото на револуционерните промени.

Најважна улога во модернизацијата на општеството играше идеологијата, па нашата модерност еднакво се чувствуваше и во техничко-технолошките области на индустријализацијата и електрификацијата на земјата, но и во областите на урбанизацијата и општествените и хуманистичките дисциплини. Таму беа создадени нашите модерни институции, нашето модерно самоспознавање, таму – во општествената и хуманистичката мисла – македонското општество ги самообликува сите аспекти на својата културна посебност.

А, најважното својство на таа посебност беше токму нејзината модерност што ги стегна во плетер просветителските идеи, универзалните човечки права, научно-техничката основа на напредокот, со идеите за слободата, еднаквоста и братството и, се разбира, интернационализмот. Со еден збор, се чувствувавме – а тоа објективно и бевме – вистински граѓани на светот.

Бришење на креативната мисла

Кога станавме независна држава, повторно за секавично време – како во морбидна средновековна басна – се вративме во предмодерната доба. Неколку катастрофални историски грешки што ги направивме, што се вели, уште првиот ден од еуфоријата на тукушто стекнатата независност – уште додека се пенеше фрушкогорскиот бисер во рацете на првиот премиер – беа клучни во успешното самодеградирање на општеството.

Првата – и најстрашната – беше отфрлањето на модернизмот и прегрнувањето на вмровскиот преродбенички ултра-национализам. Вмровштината што ја одбележа практично целата тридецениска транзиција кон никаде и ништо, се темелеше на жесток антикомунизам, кој, за жал, сѐ до денес не е препознаен во својот вистински лик – како фашизам. Оваа ретроградна идеологија сурово, темелно и неселективно го отфрли комунистичкото културно наследство, општествените институции, а со нив и просветителските, хуманистичките и научно-рационалните достигања од времето на македонскиот социјализам.

Бришењето на колективната меморија од социјализмот ја избриша и нашата способност за критичка и креативна мисла, поради што кобно страдаа и нашата култура, нашиот јазик, и нашето самоспознавање – нашиот колективен идентитет.

Втората катастрофална грешка е што при отфрлањето на марксистичката идеологија и искуствата на социјалистичкото општество, ние се откажавме и од сите стекнати системски и организациски квалитети, знаења и умеења од нашето претходно државотворно и цивилизациско постоење. На самата порта од „слободниот демократски свет“, ние се престоривме во тукушто родени деца; изведовме салто наназад во потполна самоинфантилизација и доброволно станавме „забавачиња“: влеговме во подготвителниот претклас на основното школо на либералниот капитализам.

Згора, ја имавме таа курнаска среќа транзицијата од социјализам во капитализам да ни се случи во зенитот на суровата доба на неолиберализмот, кој ги испрати своите мисионери, инструктори и политички комесари, со прецизни директиви од нашето модерно општество да направат мафијашко, клеро-фашистичко, провинциско малограѓанско општество. Но, да се разбереме, да беше во прашање само негативното странско влијание, процесот на кретенизација на македонското општество немаше да биде толку успешен. Можеби немаше воопшто ни да успее. Клучен фактор во ова колективно цивилизациско самоубиство одигра вмроизацијата на македонското општество, кој беше темелен и сенароден процес на самокретенизација од кој малкумина излегоа неоштетени. Ако некој воопшто.

Суштинско својство на нашата малограѓанска состојба на свеста е нејзината отпорност кон информацијата. Оттаму потоа доаѓа и повторното тонење кон магиското и митолошкото мислење, општата умствена мрзливост, заборавањето на значењето на зборовите и, воопшто, заборавањето на јазикот, севладеењето на кичот и плитките моди и клишеа. Да го објаснам ова со зборовите на кибернетиката и информациите.

Пораките сами по себе, како што ни објасни уште одамна Норберт Винер, таткото на кибернетиката, се една форма на структура и организација. Бидејќи во секое множество пораки постои ентропијата – како и во секое множество состојби во реалниот свет – а неа можеме да ја сметаме за мерка на дезорганизацијата, така и информациите што ги носи секоја порака стануваат мерка на организацијата. Всушност, информацијата што ја носи пораката може да се протолкува како негација на сопствената ентропија, односно како негативен логаритам на нејзината веројатност. Сѐ ви се разјасни откога го спомнав негативниот логаритам, нели?

Но, преведено на обични зборови, тоа значи дека колку што една порака е поверојатна, толку таа содржи помалку информации. Заради оваа ентрописка законитост – физички највистинитата и најприменливата во целата вселена – клишеата, кичот, вмровскиот барок и турбо полит-фолк, се содржајно бескрајно посиромашни од големите поеми или другите уметнички дела. Но, затоа се и поверојатни и полесни за пролиферација, и особено омилени кај консументи со мрзливи умови, што веќе го поминале процесот на вмроизација и самокретенизација.

Спас од самозаборавот и безнадежноста

Човек ќе се запраша, под товарот на овој потиштувачки ентрописки реализам, има ли спас од удолната стрмнина што ја издлабивме со сопствената умствена пустотија, мрза и конформизам? Има, почитувани читатели, и тој се наоѓа во истата област на пораките и информациите со чиешто лошо „стопанисување“ и стасавме во нашиот малограѓански рај. Во успешното управување со државата – исто како и во управувањето со сите општествени процеси – најважната работа е секоја единка што делува во реална и променлива околина, да ги добива информациите за резултатите од нејзината работа заедно со информациите што се пресудни за нејзиното понатамошно работење. Толку е едноставно, но ние упорно не го применуваме.

Кај возењето со лифт – да позајмам уште еден пример од основите на кибернетиката – надворешната врата не може да се отвори само врз основа на наредбата според која кабината би требало да се наоѓа спроти вратата во моментот кога ја отвораме. Дозволата за отворање на вратата мора да биде условена со фактот дека кабината навистина се наоѓа спроти неа, зашто без ова осигурување ако нешто ја задржи кабината, човекот би можел да зачекори во празно окно.

Значи, овој начин на управување на секое дејство и секој процес во општеството, и тоа врз основа на вистинската, а не очекуваната состојба, се вика повратна информација или повратна спрега. Овој едноставен механизам на управување на нашите активности и дејствија се единствениот начин за контролирање на општите тенденции кон дезорганизацијата на општеството. Прибавувањето на повратната информација е единствениот начин за пресвртување на вообичаениот правец на ентропијата, за спас од самозаборавот, малограѓанштината и тивката безнадеж.

Но, дали ќе излеземе попаметни од еден лифт?

Фотографиите се од филмот The Village (2004,  Night Shyamalan)

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото