Маркс во Америка

15.05.2021 12:07
Маркс во Америка

Карл Маркс се врати на запад. По светската турнеја која ја започна како германски филозоф во егзил, попатно стекнувајќи се со титулата татко на германската социјалдемократија и водечки мислител на глобалната револуција, Маркс се врати во делот на светот во кој живееше и кој го проучуваше. Актуелната криза на капитализмот, произведена од шпекулациите на финансискиот сектор (што Маркс воопшто не би го изненадило), продлабочената растечка нееднаквост, пандемијата и навидум нерешливите проблеми со климатските промени, опусот на Маркс го направи релевантен за денешните генерации, а неговите идеи станаа привлечни за младите луѓе.

Но, колку е споредлив капитализмот што го опишуваше Маркс со денешниот капитализам. Дали идеите на Маркс сè уште можат да бидат релевантни, повеќе од еден век откако се формулирани, ако имаме предвид дека во меѓувреме светскиот приход по глава на жител се зголемил за седум пати и повеќе од осум пати во САД?

Клучната разлика помеѓу светот на класичниот капитализам и нашиот свет не е во тоа што платите се зголемија (Маркс не би бил многу изненаден затоа што сметаше дека нивоата на платите ги рефлектираат „морално-историските“ услови во дадена земја) или дека услугите на социјалната држава се значително проширени. Главната разлика е во променетата структура на владејачката класа и влијанието на оваа промена врз припадниците на средната класа во глобално доминантните држави.

Врвот на распределбата на приходите во напредните економии го заземаат луѓе кои истовремено остваруваат високи приходи од труд и од капитал. Ова не беше случај во минатото. Во класичниот капитализам на врвот биле земјопоседниците и капиталистите кои практично немале други приходи освен оние од имотот. Идејата за дополнителни приходи стекнати со работа за повеќето од нив би била незамислива или дури и навредлива.

Тоа се смени. Во популацијата од 10 отсто на најбогатите Американци, една третина се луѓе кои припаѓаат на групата најбогати сопственици на капитал и истовремено на групата на најбогати работници. Пред помалку од 50 години, тие сочинувале само една петтина, а веројатно некогаш овој удел бил уште помал (Берман и Милановиќ). Оттука, класниот судир денес е суштински различен од оној од минатото. Повеќе не постојат две јасно дефинирани групи кои ги разликуваме врз основа на нивото и потеклото на нивниот приход, без разлика дали изворот на тој приход е работна сила или капитал. Остана само нееднаквоста. Исто така, наместо критиките што некогаш беа упатувани кон класата на неработници (Торстејн Веблен, Николај Бухарин) и рентиерската елита („богатењето е пасивна активност за богатите“, пишуваше Стефан Цвајг за богаташите пред Првата светска војна), денес на припадниците на најбогатата класа најчесто им се забележува дека работат премногу напорно: „денешните Стаханови му припаѓаат на тој еден процент на врвот“, пишува Даниел Марковиц во „Стапицата на меритократијата“.

Поголемиот дел од денешните елити се вредни богати луѓе кои го наследиле или со труд и штедење го стекнале својот првичен капитал, луѓе кои стапуваат во брак и стекнуваат уште поголемо политичко влијание преку донации за политички кампањи. Тие се обидуваат да им ги пренесат стекнатите предности на своите потомци плаќајќи им ги најскапите училишта. Дека тие се успешни во ова, потврдуваат бројни студии кои укажуваат на намалување на мобилноста меѓу генерациите. Изворите на приход и однесувањето на денешната елита се разликуваат од она што Маркс можел да го види во негово време.

Другата важна разлика произлезе од глобализацијата. Во втората половина на 19-от век, во Велика Британија растеа реалните плати. Објаснувањето за ова Маркс го најде во хегемонистичката глобализација – „Pax Britannica“. Британските елити не се двоумеле да ги поделат „трошките од трпезата“ на империјалистичкиот грабеж со пониските класи за да растот на животниот стандард на работничката класа го искористат за да постигнат прифаќање или барем неволно прифаќање на постојниот поредок.

Маркс би очекувал дека денешната американска елита - чија улога е слична на улогата на британската елита во 19-от век да спроведува слични политики. Тој би бил изненаден од откритието дека тие не го прават тоа. Американската елита во голема мерка беше рамнодушна кон стагнацијата на приходите и падот на средната класа во процесот на глобализација. За разлика од Британците, припадниците на американската елита сметаа дека политичката моќ што ја имаат не може да биде загрозена одоздола. Дали затоа што верувале дека секогаш ќе можат да манипулираат со политичкиот процес или дека губитниците во процесите на глобализацијата не се способни да се организираат или биле само заслепени од сопствената идеологија – тоа е невозможно да се утврди. Сите овие споменати елементи, како и многу други, веројатно придонеле за таквото верување.

Но, тогаш дојде моментот на будење во форма на таканаречени популистички движења и протести во Франција, Шпанија, Велика Британија и САД, каде Доналд Трамп, веројатно не по своја заслуга, успеа да изгради коалиција на незадоволници. Елитите мораа да вложат огромен напор да ја вратат контролата. Донекаде во тоа им помогна и пандемијата.

Овие две разлики покажуваат колку еволуирал капитализмот во водечките капиталистички држави. Ваквиот развој на настаните може да се толкува и оценува на различни начини од политичка или филозофска перспектива. Укинувањето на јасната класна дистанца и развојот на највисоките класи кои не ги привилегираат сонародниците во однос на остатокот од светот може да се смета за напредок. Сепак, високата класа, која е заштитена од распаѓање на пазарот на трудот (затоа што може да смета на приход од капиталот) и на берзите на капитал (затоа што може да смета на приход од труд), која е решена да ги пренесе стекнатите придобивки на потомството, ја покажува оваа еволуција во помалку позитивна светлина.

Карикатури: Pavel Constantin

Извор: Global inequality

 

Слични содржини

Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото