Жедни за крв

15.05.2021 13:50
Жед за крв

Секој нов круг насилство има свои крволочни обожаватели, кои излегуваат од дупките како глувци, ги вадат маските на политичката коректност и го покажуваат своето вистинско лице. Тие сакаат да видат крв. Арапска крв. Колку повеќе, толку подобро. Важно е да се пролее арапската крв. Станбените згради во Газа паѓаат како кули од карти. Тие ги сакаат тие урнатини, терор и уништување.

Десетици беа убиени првиот ден, од кои половината жени и деца, а тие дури и не трепнаа. Тие сакаат повеќе. Додека реки крв не ја преплават Газа, и ако е можно мирниот Лод, тие нема да запрат. Додека Палестинците не бидат на колена, додека не се поклонат до земја пред Израел и не се предадат безусловно и засекогаш, тие нема да бидат задоволни. Премногу долго ја посакуваа оваа невозможна победа. И никогаш нема да ja добиjaт.

Крвожедните се делат на чувари и расисти. Тие ги преплавија ТВ студија и радио станиците, социјалните мрежи, генерали, аналитичари, експерти - во војна нема други соговорници - и поттикнуваат нови судири, понатамошна војна не знаејќи зошто. Единствено што е важно е да им ја пиеме крвта.

Чуварите ја сакаат војната затоа што со неа ги поврзуваат најубавите спомени. Никогаш доволно од војни, мора да им покажеме колку сме силни. Војните во Газа и Либан не постигнаа ништо, ниту пак ги научија нешто. Но, тука се тие свои на своето. Да ги послушаа тогаш ќе имаше уште повеќе жртви, но победата ќе беше наша. Онаа невозможната што  никогаш нема да се случи.

Како фатаморгана во пустината, победата им бега веднаш штом ѝ се приближат. Таа победа не може да се постигне со сила. Но, тие не се откажуваат: удри и уништи - ни велат поранешните генерали или оние кои секогаш сонувале да бидат тоа. ТВ водителот Дани Кушмаро, кој никогаш не се осмелува да има мислење за нешто, сега наивно прашува: „Зошто куќата на Јахја Синвар, водачот на Хамас, сè уште не е уништена?“ Да го слушаа него, Синвар веќе немаше да има куќа, сопруга, деца, соседи, исто како и неговите претходници - и ќе победивме веќе.

Се разбира дека би победиле. Од новинарот Нахум Барне („треба да се дејствува со сета расположива сила“), преку Рони Даниел („престанете да им се чудите на ваквите слики“), до Амир Бобот („вака не се задава смртоносен удар“), сите се желни за повеќе акции на вистински мажи кои никогаш не плачат, дури ни навечер. Тие седат на падините над Газа како група за поддршка и навиваат нашите воени сили да убијат што повеќе цивили и војници во тоа затворено гето.

Втората група ја сочинуваат расистите. „Двајца Арапи беа убиени во Лод со ракета истрелана од Хамас. Тоа се вика поетска правда - срамота е што се само двајца “, порача Шимон Риклин, новинар на Канал 20, за смртта на двајца Израелци (но арапски граѓани), татко и ќерка. „Зошто не го намалиме протокот на електрична енергија во Газа на 10 отсто? Оставете ги да седат во темница и да страдаат. Нека живеат на топло и страдаат, само нека страдаат“. Бен Каспит, таканаречен новинар со умерени ставови, му врескаше на имамот од Лод: „Ќе ви покажеме кој е овде главен. Никој не смее да пали ништо еврејско во Израел “.

Господарите на Израел повторно го покажуваат своето грдо лице. Тие покажуваат кој е газда тука и дека ништо еврејско не смее да се пали. И никој од нас, навечер не смее да се буди со сирени. Држава на Евреите, сон стар две илјади години. Само пуштете ја војската да победи веќе еднаш.

Гидеон Леви е израелски новинар и автор. Леви пишува за повеќе списанија и колумни за весникот Хаарец кои често се фокусираат на израелската окупација на палестинските територии.

Извор: Haaretz

ОкоБоли главаВицФото