Постпандемиски индустриски „екосистеми“

17.05.2021 00:35
Постпандемиски индустриски „екосистеми“

Навистина, се чини дека после пандемијата светот веќе нема да биде ист, барем кога станува збор за неумоливата предност на идеологијата на слободниот пазар на штета на општествените потреби. Минатата година, непосредно пред воведувањето карантин ширум светот, Европската унија ја изложи својата индустриска стратегија која не ја преживеа пандемијата. Сега, попаметна со пандемиското искуство, Европската комисија издаде нов индустриски стратешки документ во кој акцентот е ставен на обезбедување автономија во клучните снабдувачки ланци. Структурно, документот е оптоварен со нетранспарентен бирократски јазик, но кога ќе се пробиете од горе до долу низ описите на индустријата, како и преку „екстерналииите“ и „интерналиите“, може да се заклучи дека се работи за уште едно европско стратешко поместување. Како и обично, Комисијата има остро око за да ги препознае спорните точки, па овојпат се обидува да го увери капиталот дека ќе се штитат сите начела па пазарниот натпревар, иако од самата промена на стратегијата е јасно дека тоа нема да биде случај, односно дека ќе биде така но само ако тоа го дозволуваат заедничките потреби.

Притоа, оваа стратегија добро се надоврзува на неодамнешната најава за воведување царини на стоките произведени со јаглеродно интензивни производствени процеси, бидејќи по ново двете го преферираат производството на стоки во Европа, на еколошки начин и за европскиот пазар. Епидемијата покажа дека Европа премногу се потпира на увезувањето клучни компоненти како што се активните фармацевтски состојки и микрочипови, чиј недостаток во текот на карантинот во Европа запираше цели индустриски сектори. Со оглед на тоа, новата индустриска стратегија ќе изобилува со „факти“. Ова нагласување подразбира дека претходните стратегии не се темелеа на факти, и ако авторите на минатите документи во моментот на донесување на стратегијата прашуваа дали тие се базирани на факти, одговорот ќе беше индигнирано потврден. Се чини дека на овој начин противречностите на Европската унија најпосле им станаа јасни и на самите Европејци.

Иако е јасно дека Европа е сиромашна со сировини потребни за високата технологија, оваа зависност од сировини Комисијата планира да ја намали со поквалитетна рециклажа за да се намали зависноста од увоз. За време на пандемијата се покажа дека едни делови од европската економија се значително поотпорни на кризата отколку што се предвидуваше, додека други се поизложени од очекувањата. Така настана пописот на 137 производи кои доаѓаат од увоз и кои се сметаат за најслаба алка на европската отпорност на идни кризи. Од 137 производи, особено критични се 34 - главно сировини кои најчесто се увезуваат (половина) од Кина. Се работи за различни сировини од дијаманти, до ретки минерали и фармацевтски производи за кои Европа има „низок диверзификациски потенцијал“, односно кои не можат да се произведуваат во Европа.

Брисел исто така издаде детална анализа за потребите на 14 таканаречени индустриски екосистеми, укажувајќи на недостатоците во вложувањето и можноста за поддршка на политиката, и студија на случај за предизвикот за декарбонизација на секторот за челик, сугерирајќи употреба на инструменти за трговска одбрана и царински граници за заштита од отпад, како и субвенции за чист челик. Комисијата исто така предложува формирање четири нови индустриски сојузи на полето на вселенските лансирачи, авиони без емисија, технологии во облак (cloud technology) и процесори и полупроводници. Меѓу овие 14 индустриски екосистеми како најважен е препознаен здравствениот сектор кој би требало да го дочекаат најголеми промени после имплементацијата на новата индустриска стратегија. Времето ќе покаже дали тоа значи дека приоритет ќе се даде на запоставените институции како загребскиот Имунолошки завод или дека периферијата ќе го добие производството на маски, а земјите од центарот високотехнолошкото производство. Веројатно ќе станува збор за недоволно социјално чувствителен систем, но значително почувствителен отколку што беше пред десетина години. Устата на ЕУ е полна со заедничкиот пазар, но за првпат, како да прифаќа дека тој пазар мора да биде урамнотежен ако сака да опстои. Документите на ЕУ треба да се читаат меѓу редови. Секогаш кога во некој документ постои фраза која постојано се повторува - како на пример стратегијата „слобода на пазарот“ заменета со „пазарни правила“, и „заедничкиот пазар“ ублажен со фразата „отпорност на кризи“, токму во тој дел се очекуваат најголеми приговори. Новост е тоа што за првпат компромисите се однесуваат на капиталот, а не на јавниот сектор.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.bilten.org

ОкоБоли главаВицФото