Клошарски кодекс

17.05.2021 12:09
Во автобус во Брисел, со питачи

Не знам колку ви е познато, целиот центар на Брисел е пешачка зона. Не возат ни таксисти, освен со посебен код и дозвола која си ја набавува патникот.

Значи, психички се спремам да се возам со автобус (врските се извонредни, буквално од врата до врата), а за да му се спротиставам на студот, се наоружувам со шешир, шал и рукавици. Беше особено студено тој 20 ноември 2018.

Како секој уреден платиша, си ставам 2.50 евра во џебот од палтото, за автобуска карта, оти ако почнам да отварам ташна, да барам новчаник и сето тоа стоејќи, па уште со рукавици, сè ќе ми испопаѓа на земја, па ајде собирај, пак буричкај... Ќе потрае.

Автобусот чим пријде, и мене ми текнува дека јас и не треба да вадам карта, имам слободна. Ми ја дадоа од општината, нели до скоро бев советник за социјални прашања.

И така, си седнувам, автобусот полупразен, од долгине, дупли, патниците распоредени, и додека се возиме неколку станици, од вториот дел излегува еден клошар и проси. Ама некако усрамено. Подава рака, мрмори нешто како „болен татко, лекови“ и брзо брзо оди потаму. Мене ми текнува на оние две и пол евра во џебот од палтото, успевам некако со ракавицата да извадам две и го повикувам назад; тој се враќа, му ги подавам двете евра, но тој одмавнува со рака , гледа во мојата штака и вели: „нејќам од вас, и вие сте болни, и вам ви требаат“; јас му велам: „земете, ништо не ми е, штаката ја шетам за да ми отстапат место во автобус, ич нејќам да стојам“; тој повторно го вели истото, одмавнува со раката и пак се враќа во вториот дел од автобусот.

Не видов од каде, пред мене тогаш искрснаа други двајца и секој од нив вика, „мене дај ми ги“; му ги давам парите на тој што ми е поблиску и велам, „еве поделете“, тој ги зема и спремно му дава едно евро на другиот. Тогаш забележувам дека во пазуви, под јакната, држи и топли мало кученце. Затоа несреќникот бр. 2 одмавнува со рака и вели „не ми давај, чувај ги за кучето, вие сте двајца“.

Ете. Клошарски кодекс. Несебичност и милосрдие. После оваа случка ми се смилија автобусите.

И така стасавме во центар. Слегов да си ги најдам Маја на Јулски и Бети Кочовска Ицева, таа де, помалата на Науме и дури тогаш ми текна дека слободната карта ми остана кај Сузана Димковиќ заради продолжување. Среќа што не влезе некоја контрола. Ќе потонеше од срам третото од Брицо.


Слики: Vadim Solovyov

 

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност / Историја
Книжевност / Историја
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото