Оптимизмот е однесен со виорот

17.05.2021 12:55
Оптимизмот е однесен со виорот

 

Многумина во ЕУ се однесуваат како некој кој се обидува да скокне од воз, но капутот му се заглавил на вратата. Во меѓувреме, се чини, не забележуваат дали возот ја зголемува брзината или успорува, бидејќи ги фатила дремка токму пред возот да застане на станица.

На таков начин последниве години се однесуваат ЕУ-лидерите штом ќе се појави некаков повод за да се актуелизира процесот на проширување со прием на нови членки. Некоја посебна раздвиженост околу ова прашање не се забележува, ниту медиумите во позначајните и помоќни земји членки покажуваат посебно интересирање за натамошната судбина на „заокружувањето“ на заедничкиот европски дом.

Впечатокот за таквата несигурност и недореченост тешко може да се поправи, имајќи предвид дека таквиот впечаток суштински произлегува од фактот дека оптимизмот, кој владееше во текот на големите кругови на ЕУ проширувањето изминативе децении, е однесен со виорот. Денес само нешто помалку од половина од жителите на ЕУ одговаарат позитивно на прашањето дали ЕУ треба и понатаму да се проширува со прием на нови членки. Во западните членки, како Германија, Франција и земјите на Бенелукс, само околу 30 отсто поддржуваат таков развој, додека во источноевропските ЕУ-членки позитивно се настроени околу 60 отсто од граѓаните.

Последното интермецо во Брисел, каде што македонскиот премиер имаше средби со високи европски претставници, само го потврдува таквиот впечаток, иако можеше да се слушне и понекоја охрабрувачка изјава, а со што барем малку се успева да се потфати за опашката споменатиот потиснат оптимизам и да се врати на големата европска сцена.

Преговорите со Македонија треба да почнат веднаш, без натамошни одложувања, изјави деновиве шведската министерка за надворешни работи Ан Линде,  нагласувајќи дека Македонија ги исполнила условите за да ги започне преговорите, кои треба да се движат напред врз база на реформските чекори на земјите кандидатки, пред сè во основните подрачја, какви што се принципите на правната држава. Но, како што вели Линде, шведската Влада истовремено ги поттикнува владите во Скопје и Софија да продолжат со важаниот билетерален дијалог меѓу земјите.

Но дали зајакот може да остане и да се заглави во таа грмушка? Политиката на проширување на ЕУ треба да се базира на Критериумите од Копенхаген, во однос на исполнување на економските и политичките услови, но никогаш порано не било дозволено преговорите за членство да бидат управувани од лични толкувања на историјата, или спротиставени гледишта околу јазиците и културите.

Во прилог на тоа зборува, на пример, случајот на преговорите за членство на Унгарија и Романија, во чии рамки значајно место добија спротиставените ставови и мислења околу статусот на романскиот регион Трансилванија, во кој околу 20 отсто од населението се Унгарци. Тоа е еден од најизмешаните и најконтроверзни региони во Европа, растргнуван последниве 200 години меѓу унгарската и романската нација. И двете земји ја сметаат Трансилванија за срце на нацијата, а како последица на тоа се создаваат тенденциозни и политички мотивирани национални истиориографии. Сепак, со силни заложби од страна на ЕУ во текот на преговорите за членство се бараше и од Унгарија и од Романија смирување на политичките тензии и острата реторика, како и гарантирање на правата на малцинствата, поради што двете земји во преговарачкиот процес  беа принудени да ги остават настрана етнички спротиставените гледишта и позиции околу „спорниот“ регион.

Треба ли Македонија да биде исклучок од таквата потврдена практика? И дали во Брисел е веќе констатирано дека тоа што се заглавило на вратата на возот во движење се всушност агресивните бугарски закани со вето, кои не можат да бидат ништо друго освен деструктивен начин за нарушување на изградбата на добрососедските односи, кои на најширок план се во фокусот на надворешната политика на ЕУ.

Ветото на Макрон во 2019 година против предлогот за започнување на предпристапни преговори на ЕУ со Македонија и Албанија, и францускиот предлог за нова методологија на преговарање за членство, наидоа на критики дека тоа всушност само беше начин да се спречат нови земји да станат членки на ЕУ, и дека предлог за нова методологија всушност претставуваше дополнителна конструкција за да се оправда ветото на францускиот претседател.

ЕУ бара споведување на обемни реформи во земјите кандидадтки за да им се овозможи влез во собата за преговорање. Но впечатокот, претходно споменат, и кој станува сè посилен, е дека ЕУ не може само да бара реформи, туку и самата мора да понуди нешто, односно самата да направи мал чекор на долгиот пат кон полноправно членство, кој се протега пред просторот во кој се притиснати земјите кандидатки.

Кога Португалија, Грција и Шпанија преминаа од диктатура кон демократија во 1970-ите години, им беше овозможено брзо да се вовлечат и заштитат под ЕУ чадорот. Истата работа се случи и кога Источна и Централна Европа бараа нова насока по падот на Берлинскиот ѕид. Но денес одвај може да се слушне дека некој во Брисел изнесува аргументи дека ЕУ има морална обврска да продонесе кон одржување на стабилноста и мирот меѓу земјите во Западен Балкан.

Дури и европските политичари кои загаовараат натамошно ЕУ проширување сега го прават тоа со повикување на геополитички аргументи. Ретко се слушаат аргументите дека обединувањето на Европа би требало да биде врвна европска вредност.

Национализмите кои сè уште тлеат по балканските војни во 1990-ите години, би можеле да бидат прилично деактивирани, заедно со балканското „буре барут“, доколку земјите од овој регион би влегле во ЕУ. Но земјите од Западен Балкан и понатаму добиваат покана со „европска перспектива“, без притоа навистина и искрено да се посакувани да седнат на заедничката трпеза во Брисел.

Слики: Gérard DuBois

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото