Локални избори во Хрватска: многу изненадувања, без вистинско изненадување

17.05.2021 14:06
Локални избори во Хрватска: многу изненадувања, без вистинско изненадување

 

Извор: Дојче веле

Во главниот град на Хрватска, на дождливо време и среде корона-пандемија, на гласање излегоа 327 илјади граѓани, што е некаде околу 47% од избирачите. Само тоа покажува дека Загрепчани се решија темелно да го променат режимот на починатиот Милан Бандиќ. Тие веруваат дека ова може да го постигне Томислав Томашевиќ, кандидатот на платформата Можеме!. Поддршката за него е толку голема што во првите излезни анкети дури имаше двоумење дали воопшто ќе има потреба од втор круг.

Сепак на крајот Томашевиќ освои „само“ високи 45,15% од гласовите, а огромно разочарување доживеа досегашната заменичка на Бандиќ, Јелена Павичиќ Вукичевиќ.

Иако се очекуваше дека таа ќе успее барем да влезе во вториот круг, ја претрка „вечниот кандидат“ за разни функции, Мирослав Шкоро од Татковинското движење (12,1% наспроти 11,1%)

По објавувањето на резултатите Шкоро изјави дека успехот на Томашевиќ е „одење кон екстремно лево и тоа ќе биде запрено, со божја помош“, но за успех во вториот круг кој е за само две недели навистина би му била потребна натприродна моќ. Од друга страна Томашевиќ порачува „ќе победиме, без да си ја продадеме душата“, што исто така може да биде избрзана порака.

Томислав Томашевиќ со членови на „Можеме!“

За големи и длабоки промени во водењето на градот секако е потребна и целосна поддршка од Градското собрание, но таму платформата Можеме! мора да прави коалиција: тие освоија 40,83% од гласовите, по нив следи ХДЗ со 11,3%, Татковинското движење 10,59%, Партијата на работа и рамноправност, на Бандиќ освои 9,04%, СДП 8,88% и Мост 6,20 отсто.

Сплит

И на Сплиќани очигледно им здодеа начинот на кој се раководи со градот, но тие не ја гледаат алтернативата во платформата Можеме! туку во кандидатот на Центар, Ивица Пуљак кој освои 26,82% од гласовите. Но нему се уште му претстои тешка битка со кандидатот на ХДЗ, Вик Мијановиќ кој освои 23,33% од гласовите.

Риека

Додека и во Сплит на гласачките места излегоа околу 44% од гласачите, во Риека поголемиот дел решија да останат дома. Излезноста во овој град беше речиси 37% и покрај тоа што се бираше наследник на „вечниот“ градоначалник Војко Обреснел. Неговиот заменик и партиски колега од СДП, Марко Филиповиќ освои 30,25% од гласовите, но во вториот круг граѓаните ќе одлучуваат помеѓу него и кандидатот на група избирачи, Давор Штимац кој освои 16,1 отсто. Ќе биде шарено и во риечкото Градско собрание. СДП има освоено 28,5% од гласовите, ХДЗ 16,3%, ПГС 8,62%, Можеме! успеа да добие 7,64%, и последна е Акција на младите со 5,58 отсто.

Војко Обреснел

Осиек

Исто како што во „Црвената Риека“ традиционално се води натпревар меѓу левото политичко крило, така во Осиек се води борба помеѓу кандидатите на десницата. Како и што се очекуваше Иван Радиќ од ХДЗ освои 38,69% од гласовите, но тој во вториот круг ќе мора да се натпреварува со бизнисменот и заеднички кандидат на Татковското движење и Мост, Бериша Млинаревиќ кој освои 19,63%.

Радиќ е уверен дека граѓаните во вториот круг ќе го изберат за градоначалник, исто како што и Иван Анушиќ е уверливо избран за жупан на таа жупанија веќе во првиот круг. Од друга страна Млинаревиќ очекува дека „ќе се победи злото кое му се случи на Осиек“ и празните ветувања кои ХДЗ со години му ги дава на овој пропаднат град.

И во другите градови низ Хрватска имаше изненадувања, но во основа при гласањето пресудни беа желба за поголема транспарентност, незадоволство од непотизам во политиката, корупција... Пред сè се чини дека главниот град на Хрватска ќе има можност да покаже дали воопшто може поинаку.

 

 

ОкоБоли главаВицФото