Одбиенале на млади уметници во Јавна соба

18.05.2021 09:52
Одбиенале на млади уметници во Јавна соба

По примерот на францускиот „Салон на одбиените“ што во далечната 1863 година бил организиран под покровителство на Наполеон III, за уметниците чиишто дела биле одбиени од жири комисијата на официјалниот париски „Салон“, 15 млади македонски уметници одлучија да се претстават пред јавноста со делата што беа одбиени на конкурсот за 13-тото Биенале на млади уметници, во организација на Музејот на современа уметност во Скопје.

Ова не е прва ваква изложба. Во 2011 година, македонскиот Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.Т организираше сличен настан, додека организаторите на изложбата „Одбиенале 2021“ сакаат да ја потенцираат потребата од алтернативни „неофицијални“ изложби, за да се спречи високо-конзервативните академски тела да доминираат и во естетиката и во јавниот вкус во уметноста.

„А токму таа 'Страст за лутање' којашто нема и не смее да има граници ги обедини одбиените, без разлика на сè, да ги понудат и прикажат своите дела на јавноста којашто е најповикана да даде оценка. (Не)селекцијата не значи дека делата кои уметниците сметаат дека се одраз на нивните идеи не треба да бидат изложени, напротив, делата се создаваат за да бидат видени“, стои во најавата за настанот.

Изложбата ќе биде отворена на 19 мај (среда), во 20 часот во Јавна соба, а публиката ќе има можност да ги погледнат делата до 2 јуни.

Во неа со свои дела учествуваат: Марко Тасевски, Воскресија Андреевска, Ико Илиевски, Гаја Смилевска, Христина Ѓорѓиевска, Дејвид Стоилковски, Васил Гаврилов, Дарко Трајковски, Андреа Ангеловска, Стефан Божиновски, Александар Ефтимовски, Маргарита Симовска, Марија Трпеска и Ива Станковскa.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото