Повлекување долго 20 години

19.05.2021 00:38
Повлекување долго 20 години

Минатиот викенд, „малите провокативни напади“ во Авганистан не влијаеја на повлекувањето на американската војска од таа земја. Така барем тврди Пентагон. Талибанците тврдат дека меѓународните сили присутни во Авганистан го прекршиле американско-талибанскиот договор за повлекување според кој крајниот рок беше 1 мај, а претседателот Џо Бајден го продолжи до 11 септември.

Завршното повлекување на американската војска започна на 1 мај, а мора да биде готово до 11 септември, односно до 20 годишнината од нападите во САД. Нападите ги организираше Ал-Каеда и беа повод за американската интервенција во Авганистан, за рушење на талибанскиот режим кој тогаш контролираше поголем дел од земјата и зашто талибанците му пружија прибежиште на водачот на Ал-Каеда, Бин Ладен. После воената интервенција започна процес долг 20 години за воспоставување локална власт која би била способна да им се спротивстави на талибанците. Затоа на локалните власти им е потребна солидна и доверлива војска, а формирањето војска беше долготраен и мошне скап процес и за американските граѓани. Дваесет години се обидуваа да изградат општество кое би било колку што е можно помалку слично на она кое го градеа талибанците и послично на западните општества. На пример, положбата на жените сигурно е подобра од времето на талибанската власт на преминот од милениумот, но со прашална долгорочна одржливост. Приказната за американската воена интервенција во Авганистан, која ја помогнаа и бројни сојузници, воедно е 20 години долга приказна за повлекување, а она што започна неодамна би требало да биде завршна фаза на тој процес. Американскиот воен ангажман кулминираше во 2010 и 2011 година, кога беа ангажирани и до 110 000 воници. Најпосле, минатата година имаше само 4 000.

Претседателот на Авганистан, Ашраф Гани

САД ја приведуваат кон крај својата најдолга војна, а мирнодопската иднина на Авганистан е крајно неизвесна. Државата е нестабилна речиси 50 години, уште од 1973 година, кога премиерот Мухамед Дауд го симна од власт шахот Мухамед Захир, искористувајќи го неговото заминување во Италија каде се лекуваше од лумбаго. Укинувањето на монархијата и воспоставувањето република не резултираа со стабилност и економски напредок. Комунистите го срушија Дауд во 1978 година, па комунистите, оние големите од Советскиот сојуз, во 1979 година интервенираа за да ја спасат власта на локалните комунисти, и оттогаш во Авганистан има војна: борбата против окупаторите редовно е проследена и со граѓанска војна или „само“ со граѓанска војна каква што беснееше во деведесеттите. Просечно стар жител на Авганистан не се сеќава кога во сопствената земја имало мир, а некако не верува ни дека ќе има мир и по американското повлекување. Претседателот на државата Ашраф Гани тврди дека владините сили, а особено оние во последно време, водат поголем дел од борбите против талибанците, сосема способни да ги контролираат бунтовниците. Кога навистина би било така, САД не би преговарале со талибанците.

Зад својата воена интервенција САД ќе остават држава која во моментов наликува на кожа од леопард. Едни делови контролираат талибанците, други владата, а во некои делови се борат за превласт, при што владата контролира најмалку територии во последните шест години. Барем формално, Вашингтон наведува дека целта е остварена. Талибанците не се на власт, и уште поважно, веќе не им пружаат засолништа на терористичките организации кои ги напаѓаат САД, а токму елиминацијата на оваа закана, а не воспоставувањето општество кое наликува на западното, би била главна цел на американската воена интервенција во 2001 година.

Последниве месеци талибанците избегнуваа конфликти со САД. Наместо да удираат по оние кои и онака заминуваат, се фокусираа на оние што остануваат, а тоа е локалното население кое трпи напади и терор. Во петокот, на 30 април автомобил бомба уби 30 луѓе во Пул-е-Алам, место кое е оддалечено триесетина километри од Кабул. Стравот од талибанците се вовлекува кај локалното население, а оптимизам нема ни кај Американците. Генералот Марк Мајли, началник на Здружениот штаб, не ја отфрла можноста за целосен хаос после повлекувањето, а како што рече, во најлош случај „ќе имате потенцијален колапс на владата, потенцијален колапс на војската, граѓанска војна и сета хуманитарна катастрофа која доаѓа со тоа.“

08.05.2021

Превод: Алек Кузмановски

Извор: https://www.portalnovosti.com