Предавање на Сузана Милевска: Чистата, валканата и хибридната: Eкофеминистички уметнички практики

19.05.2021 12:23
Предавање на Сузана Милевска: Чистата, валканата и хибридната: Eкофеминистички уметнички практики

Во четврток (20 мај), со почеток од 20 часот, познатата македонска теоретичарка и кураторка на уметноста и визуелната култура ќе одржи предавање на тема „Чистата, валканата и хибридната: Eкофеминистички уметнички практики“.

Предавањето е во организација на Локомотива - Центарот за нови иницијативи во уметноста и културата, ќе биде проследено со дискусија, на англиски јазик и ќе има пренос во живо, на кој сите заинтересирани ќе можат да се придружат на страницата на настанот и Фејсбук страницата на Локомотива.

Патријархалните режими на застапување во различните светски култури веќе одамна ги претставуваат жените како опседнати со чистење и пречистување токму поради антрополошки водената негативна интерпретација на жените како „валкани“ (на пр. замислата за „домашна божица“). Сепак, откако Мери Даглас ја објави својата суштинска книга Purity and Danger: An Analysis of Concepts of Pollution and Taboo [Чистота и опасност: Анализа на концепти на загадување и табу] (1966), асиметричната врска помеѓу антропологијата, патријархатот и екологијата се расплетка и стана неиздржана, како и дихотомизацијата на концептите за чистото и чистотата од една страна, и валканото од друга страна. Во своето излагање, Милевска ќе зборува за различни уметнички практики на жени уметници кои го поставија екофеминизмот како критичка рамка, која не само што нуди свесност за животната средина, туку има за цел и деконструкција на пркосните претпоставки кои опстојуваат преку стереотипното и патријархално хиерархиско сфаќање на креативноста и продуктивноста на жените.

Милевска критички ќе се осврне на идејата дека женската уметност е „природно“ поблизу до природата и природната репродукција.

Презентацијата особено ќе се фокусира на неколку уметнички проекти од екофеминистички уметници кои се обидоа да конципираат и применат ризомски модел на хибридно знаење со цел да ги поништат постојните системски хиерархии и постојниот модел на знаење. Многу феминистички уметници во своите дела го посочиле парадоксалното позиционирање на женската прокреативност, грижа и други домашни репродуктивни активности како предуслови за квалитетот на популацијата кои се истовремени и неплатени пандан на трудот во општата продуктивна сфера. Оттука, Милевска ќе го оспори и парадоксот што произлегува од неoлибералистичката интеграција на женската репродукција и трудот во производството на добра, за разлика од капиталистичката родово-специфична поделба на трудот.

Сузана Милевска е теоретичарка и кураторка на уметноста и визуелната култура. Нејзините теоретски интереси вклучуваат постколонијална критика на хегемонистичките режими на моќта на претставување, феминистичката уметност и родовата теорија, партиципативните и колаборативни уметнички практики. Докторските студии по визуелна култура ги завршува на колеџот Голдсмитс во Лондон. Во 2004 година, Милевска станува Виша Фулбрајт стипендистка и истражувачка во Конгресната библиотека. Во 2010 година Милевска ја издава книгата „Родови разлики на Балканот“ и ја уредува The Renaming Machine: The Book. Во 2011 година станува истражувачка во проектот Call the Witness – Roma Pavilion на 54 Меѓународна уметничка изложба - Венециското Биенале - колатерален настан и ги курира изложбите „Call the Witness“, „БАК“, „Утрехт“ и Ромскиот протокoл во австрискиот Парламент. Во 2012 година Милевска ја добива Наградата „Алис“ за политичко кураторство и Наградата за култура и теорија „Игор Забел“. Од 2010-2012 година е професорка по историја на уметност и теорија на уметности на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, додека во 2013 година предава визуелна култура и род на Институтот за родови студии во Скопје. Од 2013-2015 е професорка по Централноевропска и јужноевропска историја на уметност на Академијата за ликовни уметности во Виена. Од 2016 година таа е главна истражувачка во Horizon 2020, на проектот TRACES, Politecnico di Milano.

Ова предавање е организирано како дел од проектот Уметност, клима, промена (АКТ) / Други простори програмата во соработка со Каи Театар, Белгија.

Фотографија: Корн, Стандард, дизајн Јана Ацевска
 

ОкоБоли главаВицФото