За поправеден свет потребно е да се расклопат крутите форми на индивидуалност

20.05.2021 13:01
За поправеден свет потребно е да се расклопат крутите форми на индивидуалност

 
  Без оглед на различните гледишта на пандемијата, сите ја сфаќаме како глобална; таа го расветлува фактот дека сме вплетени во заеднички свет. Капацитетот на живите човечки суштества да си влијаат меѓусебно може да биде прашање на живот или смрт. Бидејќи толку многу ресурси се нееднакво споделени, и толку многу луѓе поседуваат само мал или исчезнат дел од светот, не можеме да зборуваме за пандемијата како глобална без да се соочиме со таквите нееднаквости.

Некои луѓе работат за заедничкиот свет, го одржуваат, но поради тоа не се дел од него. Дел од нив немаат имот или документи, се маргинализирани поради расизам или дури презрени како одвишни – оние кои се сиромашни, со потемен тен, оние чие чувство на непречена иднина е осуетено од нивните невозможни долгови.

Заедничкиот свет не е еднакво заеднички. Францускиот философ Жак Рансиер се осврнува на „делот кој нема дел“ – оние за кои учеството во заедничките добра не е можно, никогаш не било можно или не е повеќе. Бидејќи не се работи само за поседување дел од ресурсите и од компаниите, туку и за чувство за она што е заедничко, чувство за припаѓање на светот во еднаква мера, верба дека светот е организиран за да ја подржи сечија благосостојба.

Пандемијата ги расветли и ги затегна расните и економските нееднаквости едновремено засилувајќи го глобалното чувство за нашите обврски кон останатите луѓе и кон Земјата. Се случува придвижување во правец на глобалното, засновано на ново восприемање на смртноста и меѓузависноста. Искусувањето на конечноста е споено со остар осет за нееднаквоста: кој умира порано и зошто, и за кого не постои инфраструктурно или социјално ветување за континуитет на животот?

Ова чувство за меѓузависноста на светот, засилено од општите имунолошки околности, го тестира нашето сфаќање за себе како изолирани поединци затворени во одделни тела, зад воспоставени граници. Кој сега може да одрече дека да бидеш воопшто тело значи да бидеш врзан со други живи суштества, со површините и со елементите, вклучително и воздухот што му припаѓа никому и секому?


Во овие пандемиски времиња воздухот, водата, засолништата, облеката и пристапот до здравствена грижа се области на индивидуална и колективна вознемиреност. Но сите овие веќе беа загрозени од климатските промени. Дали некој живее пристоен живот веќе не е само приватно егзистенцијално прашање туку и итно економско прашање, поттикнато од животорешавачките последици од општествената нееднаквост: дали постојат здравствени услуги и доволно чиста вода за сите кои би требало да имаат еднаков удел во светов? Итноста на ова прашање е засилена од зголемената економска несигурност во пандемијата, која ја изложува и тековната климатска катастрофа како закана за живеењето пристоен живот.

Етимолошки, зборот ‘пандемија’ потекнува од pandemos, што значи ‘сите луѓе’, или, попрецизно, луѓето насекаде, или нешто што се шири на или низ луѓето. Demos значи сите луѓе наспроти законските бариери кои се стремат да ги раздвојуваат. Значи, една пандемија, ги поврзува сите луѓе преку моќта на заразувањето и опоравувањето, страдањето и надежта, имунитетот и фаталноста. Ниедна граница не го запира вирусот ако луѓето патуваат; ниедна социјална категорија не обезбедува апсолутен имунитет за своите членови.

„Политичкото денес мора да започне од императивот да се реконструира заедничкиот свет“, тврди камерунскиот философ Ахил Мбембе. Ако го земеме предвид грабежот на земјините ресурси за целите на корпоративниот профит, приватизацијата или колонизацијата како планетарен проект или потфат, тогаш има смисла да се осмисли движење кое нема да не’ врати назад кон нашето его или идентитети, кон нашите отсечени животи.

Според Мбембе, едно такво движење би претставувало „деколонизација [која] по дефиниција е планетарен потфат, радикална отвореност кон светот, длабоко дишење за светот наспроти изолацијата“. Тогаш планетарното спротивставување на екстракцијата и на системскиот расизам треба повторно да не’ предаде на светот, или да овозможи светот да се појави, како за прв пат, како заедничко место за „длабоко дишење“ – копнеж кој сега сите го познаваме.

А сепак, светот во кој луѓето можат да живеат зависи од разлистана Земја во чие средиште не се луѓето. Се бориме против отровите во животната средина не само за ние луѓето да можеме да живееме и да дишеме без страв, туку и зашто водата и воздухот мора да имаат сопствен живот кој не се врти околу нашиот.

Додека ги расклопуваме крутите форми на индивидуалност во ова вмрежено време, ја имаме на ум помалата улога што светот на луѓето ја има на Земјава од чие обновување зависиме – а кој, пак, зависи од нашата помала и поосвестена позиција.

Превод: Ф.К.

Извор: Time
Слики: Rob Mulholland

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото