Литера 2021: Изложба на доајенот на детската илустрација Младен Туниќ

21.05.2021 10:35
Литера 2021: Изложба на доајенот на детската илустрација Младен Туниќ

Третото издание на Фестивалот за литература и илустрација за деца „Литера 2021“, кој годинава е во ново руво и траење, ќе биде отворен на 3 јуни со голема изложба на доајенот на македонската илустрација за деца, Младен Туниќ. Изложбата ќе се реализира во Чифте амам.

„По ланската изложба на великанот Димитар Кондовски во „Мала станица“, настан кој публиката и критиката усогласено го прогласи за културен настан на 2020-та, годинава одлучивме да ги следиме стапките по кои заодевме“, соопштуваат организаторите.

На изложбата ќе бидат претставени илустрации на Туниќ што ги создавал специјално за детски списанија, книги, но и романи за возрасни.

Младен Туниќ е роден во Призрен во 1930 година. На пет години неговото семејство се преселило во Скопје, каде тој го завршил основното образование во ОУ „Браќа Миладиновци“. Талентот за цртање од мал го одвел во средното Училиште за применета уметност, каде се запишал во 1945 година, на отсек сликарство. Тој им припаѓал на првите генерации ученици на ова училиште.

Неколку години по завршувањето на средното образование, почнал да работи во весникот „Нова Македонија“, како ликовен уредник - илустратор.Тој е еден од основачите на „Детска радост“, а бил одговорен ликовен уредник на сите детски списанија во издание на оваа издавачка куќа – Росица, Другарче, Развигор. Кога бил основан весникот „Вечер“ во 1963 година, Туниќ бил ликовен уредник. Тој е автор на логото на „Вечер“.

Освен што создал илустрации за деца, Туниќ има илустрирано и многу книги за возрасни. Учествувал на многу изложби во земјава и во странство.

Тој е еден од основачите на „Маџирмаалските средби“, кои уште се одржуваат. Починал во 1985 година во Скопје.
Освен изложбата на Туниќ, на третото издание на фестивалот ќе организираме и тркалезни маси на теми поврзани со проблемите на издаваштвото за деца и илустрацијата. Фестивалот ќе трае до 31 октомври. Наесен се планираат работилници во повеќе населени места низ Македонија, посети на писатели и запознавање со творештвото на автори и надвор од земјава.

Фестивалот и годинава го поддржува „Халк банка“, Министерството за култура, Жито Пром, Печатница Софија, Маја вода.

 

ОкоБоли главаВицФото