Хигиенски и стресни песни

21.05.2021 13:03
Хигиенски и стресни песни

 

Од стихозбирката „Девет преобразби во чудната шума“, од циклусот „Хигиенски и стресни песни“, пренесуваме шест кратки песни. Повеќе за збирката овде.

 

 

Смешна случка во зоолошка градина

 

Носорог и еднорог

во зоолошка воделе дијалог

пиејќи грог околу еден стог.

„Еве жирафата нека е сведок

за нашиот облог!“, рекол носорогот.

Додека жирафата брстела глог,

на патеката, отаде жицата,

зоолог се шетал со куче, булдог.

„Глеј сеа“, рекол еднорогот

и на булдогот со рогот

од уста му го зел хот-догот!

Зоологот и носорогот ‒ шлог!

А жирафата му честитала на еднорогот.

 

 

Факирот и тапирот

 

Од еликсирот цугајќи без запир

факирот се запил ко вампир!

Во шума тогаш тој  факир

го испратил верниот тапир,

за да донесе тартуф.

Во шумата тапирот,

место тартуф, пронашол сафир!

Затоа лутиот (и пијан) факир

го спремил како гарнир

верниот тапир.

 

 

 

Чкрап!

 

Чапја шлапала во вода.

Шлапа-шлупа, се појавила чкрапја.

И штрап-штруп, чкрапјата ја гризнала чапјата!

Зашеметена, чапјата едвај излегла на брегот.

Кога таму ‒ чакал. Кој ја изел ранетата чапја.

А штркот ја изел чкрапјата.

 

 

Црниот прч

 

Црн прч

на црн трн

врв му гризе.

 

Не гризи ми,

црн прчу,

црн врв на црн трн!

(според народна песна)

 

 

 

 

Отровна песна

 

Шарена змија во ров

на шарена печурка

ѝ вбризгала отров!

 

Кај печурката веднаш настанало труење:

дуење, буење, муртење, тревожење...

Па и гниење.

 

Кај змијата веднаш, исто, труење:

срцебиење, зуење, блуење...

Па и пцуење.

 

Немало победник во таа шарена арена:

печурката од отровот била оптоварена,

а змијата се почувствувала насамарена.

 

 

Како полудела печурка

 

Печурка полудела

кога сфатила

дека под шеширот

наместо глава

има нога.

 

Слики: Такео Такеи

Извор: Пандалф Вулкански,  „Девет преобразби во чудната шума“; Темплум, 2021.

Овде можете да видите пет видео/аудио песни од збирката.

Слични содржини

Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Книжевност
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански

ОкоБоли главаВицФото