Кралот Ружа и кралицата Трн

25.05.2021 11:05
Кралот Ружа и кралицата Трн

Кралот Ружа беше горд на својата убавина. Кога чекореше низ градините, тоа го правеше толку достоинствено што и тивкиот развигор запираше со дувањето за да може да ѝ се одушевува на неговата елеганција. Убавата миризба што се ширеше околу кралот Ружа ги омајуваше другите растенија наоколу и тие за миг, но само за миг, забораваа дека треба да растат.

Најмногу од сите, кралицата Трн го сакаше кралот Ружа. Убава кралица со безброј трнчиња што беа многу боцкави.

Кралот Ружа беше сосема рамнодушен на нејзините чувства, иако секогаш кога поминуваше покрај неа, таа, за да го привлече неговото внимание, цутеше во своите најубави лилави нијанси. Но, тоа беше залудно. Кралот Ружа и не помислуваше да застане, продолжуваше со својата прошетка придружуван од своите два пажа кои внимава на него.

Кралицата Трн многу страдаше поради тоа. Една вечер, додека кралот Ружа спиеше, таа успеа да ја заобиколи неговата стража што дење-ноќе го чуваше и да му се доближи. Восхитена од убавината, таа гледаше во неговото лице осветлено од сребрените зраци на полната месечина.

Но, во тој момент кралот Ружа, веројатно вознемирен од лошиот сон, скокна и се исправи во постелата. Не сакајќи, кралицата Трн го избоцка со своите трнчиња и уплашена да не биде откриена, незабележано успеа да се повлече во темната закрила на ноќта. Кралот Ружа зачудено гледаше во капките крв што се појавија на неговото нежно тело. Никогаш во својот живот немаше доживеано вакво нешто. Капките полека почнуваа да се згрутчуваат и тоа во форма на трнчиња. Кралот се обиде да ги отстрани, но не успеа, сите капки се престорија во остри кафени трнчиња. Оттогаш кралот Ружа ги има трнчињата на своето тело. Тие воопшто не ја намалија неговата убавина, и не само тоа, го бранеа од секаков вид натрапници. Малите трнчиња беа подарок од кралицата Трн, кој ниту таа сакаше да го даде ниту пак кралот Ружа сакаше да го прими.

Но, оттогаш, од таа невозвратена љубов, сите ружи имаат трнчиња на своите гранчиња кои ги бранат од натрапници. Особено од оние што сакаат да им се приближат ноќе, кога тие спијат, мирно и достоинствено, како и сите други ружи, кралици на цвеќињата.

Илустрација: Наташа Костовска