Мали Влај

25.05.2021 11:24
Мали Влај

Нашето пристигнување во селото ги испрати последните сончеви зраци зад планината. Отскокнуваше само по некој мал непослушен зрак кој успеваше за миг да побегне од топлите прегратки на мајка си, и со својата игривост да го разбуричка волшепството на есенските бои на шумата, во која како зрел но заборавен плод, се наоѓаше селото.

Патот до таму како да беше направен намерно да се изгубиш, за со тоа да ја зголеми магичноста на селото. Всушност, можеби селото воопшто и не беше магично, магични беа боите што водеа до него оптегнати со сета своја должина и страст на веќе заспаната природа и височината на која се наоѓаше, а од која можеше слободно да ѝ се насладува на својата убавина огледувајќи се врз езерото.

На најубавото место во селото, таму каде што сонцето не успеваше да ги пушти своите пипала директно, се наоѓаа селските гробишта. Како мештаните да сакале да ги заштитат своите мртви, чувствувајќи уште тогаш дека само тие еден ден ќе останат во селото, па затоа најубавото место за починка им го отстапиле ним. Или можеби верувајќи дека животот е минлив а смртта е вечна, најубавото место си го чувале себично за себе, не дозволувајќи некој случаен минувач или посетител да им го земе. Трудејќи се со својата минливост што помалку да го допрат селото, куќите кои како печурчиња наѕираа од шумата беа поставени така што ѝ одземаа многу мал дел на природата и беа наредени на растојание, угоре по ридот, како правилно распространети гранки, кои помагаа да се искачиш до врвот на дрвото.

Тие куќи воопшто не ја нарушуваа рамнотежата на природата, затоа беа оставени нечепнати од безмилосните камшици на времето.
Иако можеби целта поради која гробиштата се наоѓаа на најубавото место од каде што можеше да се види целото езеро, а угоре сите куќи во селото, беше за да си остане само на мештаните, тоа не нè спречи да застанеме и да украдеме дел од насладувањето во погледот. Надгробните плочи беа поставени без никаков ред, како да во ноќите, кога темнината ќе ги обвиеше, секоја да се бореше за поубав поглед кон езерото иако имаше доволно за сите.

Забележав дека и тројцата, иако занесени од погледот, поголем дел од таа занесеност припаѓаше на тоа зошто гробиштата се поставени токму овде и зошто надгробните плочи се без никаков ред.


Пример некој да сака да посети нечиј гроб, не може ни да го најде, а и да го најде, не може да застане до него – рече М., по што сфатив дека и тој размислува на истото.

Па може затоа и се вака згужвани и собрани на куп, оти никој не ги посетувал, се чувствувале осамено и тоа им е начин на гушкање, сами си ги посетуваат гробовите. – потсмешливо одговори Ј.

Да, и цвеќињата сами си ги носат, фрлаат паричка меѓу себе и на кој му се погоди, тој оди еднаш месечно да купува цвеќиња и храна и сами си ја оставаат на гробовите. – се потрудив да се придружам на шегата, иако морниците кои дел од погледот, дел од местото кај што се наоѓавме ме издаваа дека е изглумена шегата.

Можеби храната и цвеќињата на гробовите им останува од вечерните собиранки што си ги прават, додека ги осветлува одблесокот на месечевата светлина од езерото и легнуваат в зори мамурни и бесилни да го исчистат хаосот од вечерта што го оставиле.- рече М.

Се насмеавме и тројцата и ќе продолжевме со шегите кои почнаа да нè ослободуваат морниците што не имаа полазено, ако во моментот додека се смеевме, не слушнавме шум нешто што падна и звучеше како навистина метална паричка да паѓа на земја. Тројцата се погледнавме да видиме кој од нас продолжи со шегата. Не беше никој од нас. Уште еден звук од нешто што паѓа и пак тишина. Наеднаш, звук на кршење и од една од натутканите надгрбни плочи, се појави глава на човек. Не знам дали беше мртовец, бидејќи до пред тоа, немав видено мртовец, но главата што се појави изгледаше како со неа да ги искршил сите ѕидови и препреки со кои беше заробена.

Молчевме тројцата а главата што се поткрена гледаше во нас зачудено, како да се потсетуваше како изгледа човечкиот свет на живите истоврмено и среќна што не е веќе дел од него. Се гледавме така неколку моменти и тишината стануваше непријатна, иако на местото кај што бевме, не се ни очекуваше нешто друго освен тишина.


Здраво живо – рече М, кој очигледно не можеше веќе да ја издржи напнатоста на тишината, проследена со неизвесност.
Сериозно на мртовец рече „здраво живо“? - се свртев кон него.
А што да му речам?
Најдобро е да си заминеме – додаде Ј.
Ова се глупости – рече М. - Сигурно човеков не е мртовец.
Изгледа ко да е.

Изгледа исто исплашен како нас што не гледа овде.
Господине, да не сте се изгубиле? – со повисок тон му се обрати Ј.

Не е изгубен човек кога се наоѓа на гробишта, тука секогаш е вистинскиот пат. – со силен глас, на изненадување на сите, одговори човекот.
Да не ви треба помош? - повторно праша Ј.

Штом си веќе гробишта никаква помош не ти е потребна – одговри човекот потсмешливо, со што нè ослободи и тројцата од напнатоста.
А што барате овде? – го праша М.

Јас треба вас да ве прашам што барате во моето село? – пак со потсмев одговори човекот, веќе исправајќи се целосно.
Не мислев на селото, мислев на гробиштата – се исправи М.
Селото е веќе гробишта, нема некоја голема разлика. Ако ти кажам, нема да веруваш – ѝ се обрати директно на Ј.

Предмалку верував дека гледам мртовец како се буди, така што, не верувам дека има нешто друго поневеројатно од тоа.

Се исправи човекот да се поздрави со нас, и откако се поздрави си седна на една од надгробните плочи. Леснотијата со која седна покажуваше како често да го правел тоа. Темнината веќе целосно го беше обземала селото и почнаа да се покажуваат ѕвездите на небото, кои изгледаа како душите на заробените под надгробните плочи да нè ѕиркаат од горе, среќни што им ја нарушивме осаменоста. Темнината секогаш дава поголема стравопочит кон смртта или само во темнината успевавме да го наслушаме дишењето на земјата од тие што сме ги закопале. Од левиот џеб на кошулата која изгледаше доста износено и мирисаше како сите капки пот на човекот од раѓање да ги впила во себе, извади шишенце во кое според мирисот на здивот кога се поздрави со нас, заклучив дека е ракија. Капачето од шишенцето му падна и го испушти истиот звук што нè исплаши претходно, по погледите што тројцата си ги упативме значеше олеснување.


Во ова село овде, иако се наоѓа на само неколку километри од Албанија, никогаш не живееле многу луѓе ама секогаш си биле доволни. Селото никогаш не броело повеќе од двесте жители, но ни помалку од сто. Последниве дваесетина години останавме само неколкумина, но никој меѓу себе не си збореше, како секој секого да го обвинуваше дека е виновен што селото ни изумира и од таа омрза како да посеавме клетва врз селото. Своите мртви луѓето не ги закопуваа веќе на гробиштата, туку им правеа гробови во дворовите, обидувајќи се да сокријат дека за уште еден жител селото се намалило, за да не се префрли вината на него. Првпат дознав за тоа кога дојдов одовде да го гледам езерото и да им завидувам на мртвите за спокојот...

А зашто се вака натуткани без ред гробовите? И зашто се на најубавото место од кај што се гледа целото езеро но и планината под него и над него? – праша М. нестрплив со прашањата.

За натрупаноста сакав да ви ја раскажам приказната. А за местото, како што и самите може да видите, тоа е единствената рамнина во селово и плашејќи се ако ги закопуваат мртвите на угорнината низ планината дека езерото ќе им ги повлече надолу, токму неа ја отстапиле на мртвите. И можеби добро направиле, бидејќи сега само тие сведочат за постоењето на селото...

А натрупаноста без ред, тоа баш и не ми личи на почит? – настојуваше со својата нетрпеливост М.

Како што ви кажав, кога селото почна да се намалува, луѓето се срамеа што не можевме да направиме ништо и секој мртовец значеше уште еден пораз и секое семејство чувствуваше вина и срам кога некој ќе умреше и затоа ги закопуваа во дворовите. Ама како што поминуваше врмето, поради угорнината на која се наоѓаа куќите, поради дождовите и снегот напролет кога ќе се растопеше, мртвите тела се симнуваа од сите дворски горобови, овде во рамнината. Некои од тие што останавме во селото мислевме дека тоа е поради клетвата, мртвите се бунат, некои дека е поради свлечувањето на земјиштето. Кој знае, никој не може да одговори на такво Божјо прашање. Првпат кога дојдов, неколку тела наѕираа од под земјата и изгледаа како погледот од овде да ги занел и се поткренале од своите горобови за поубаво да го видат. Се исплашив и не кажав на никој. Сам ги дозакопав од таму кај што наѕираа оти мислев дека тоа место си го одбрале, не сум јас Господ да му кажувам на некој кое место да си го одбере за вечно почивалиште. Потоа почнаа се почесто да излегуваа и морав да споделам со некој. Веста брзо се рашири и луѓето се повлекоа во себе уште толку, подоцна почнаа да се повлекуваат во градот. Изгледа се плашеа од своите мртовци или се плашеа од тоа што и нив ги чека истата судбина, или што е пострашно, се плашеа дека ќе нема ниту кој да ги закопа, ни кој да ги дозакопа. – ја прекина приказната и замолче.

А, уште колку луѓе живеат во селото? – се обиде Ј. да ја продолжи приказната.

Овде мртвите живеат, живите преживуваат. – одговори кратко човекот, помолче некој миг, па продолжи. - Само јас останав. Ги дозакопав последните шти ги свлече земјата и сега се чувствувам осамен, не зашто нема никој, на тоа веќе се навикнав, туку зашто земјата не ми носи ни мртовци, да ги дозакопувам. Деновите потоа ми имаа смисла, сега доаѓам овде секој ден, со надеж дека некој друг, одамна заборавен мртовец ќе најдам, но тоа не се случило одамна. – ја заврши приказната на начин на кој веќе ниту еден од нас не сакаше да му постави прашање.

Ни понуди да ја поминеме ноќта кај него, штом ќе се раздени да заминеме со ветување дека нема веќе да ни раскажува такви приказни туку, напротив, ќе ни раскажува каков бил порано животот во селото. Утрото, станувајќи, сакавме уште еднаш да ги видиме гробиштата (или можеби себично сакавме да се насладуваме на погледот кој го нудеше местото каде што се наоѓаа). Сонцето само што изгреваше и своите зраци несебично ги пушташе низ целата планина, но најубавите му ги даваше на езерото да се гали со нив. Но езерото како да се бунтуваше, можеби разлутено од ветрот кој му го нарушуаше спокојот на мирување и сончевите зраци ги поттурнуваше и водата беше светла само таму каде што гробовите со својата сенка гледаа. Како тоа разбунтувано езеро да праќаше светлина само кон неговите вечни гледачи, додека на другите места водата беше темна и како да се подготвуваше за бура.

Се вративме после неколку дена повторно да го посетиме човекот и да му донесеме работи кои мислевме дека ќе му го олеснат животот. Прво застанваме на гробиштата да се насладуваме повторно на погледот и да продолжиме кон неговата куќа. Езерото нежно се брануваше од допирите на ветрот. А исушените лисја од дрвјата паѓаа како да му пееја приспивна песна. Едно тело наѕираше од земјата, како дете кое пред да заспие, со последните сили го повлекува јорганот над себе, беспомошно да се покрие до крај.

Фотографии: Tyler McGrath

 

 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Јавни простори / Книжевност
Книжевност
Книжевност / Култура

ОкоБоли главаВицФото