Моја Европа: Аналена Бербок е страшилото за Орбан

25.05.2021 12:36
Моја Европа: Аналена Бербок е Орбановото страшило

 

Извор: Дојче веле

Доаѓаат тешки времиња. Ангела Меркел, долгогодишен европски ангел-заштитник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, наскоро заминува од функцијата. Додека ЦДУ и ЦСУ се вплеткани во меѓусебни пресметки за надмоќ, што штети на нивниот углед, Зелените во Германија се најомилена партија, па не е неверојатно на изборите за Бундестагот наесен да ја добијат канцеларската фотелја.

Да бев на местото на Виктор Орбан, би имал бессони ноќи. Аналена Бербок, кандидатка на Зелените за канцелар, е исклучително квалификуван експерт за меѓународно право и има 40 години. Како скокач на трамполин трипати освоила бронзен медал на германските првенства, не се плаши од ништо и не отстапува пред никого. Неколку години играла и фудбал.

Ангела Меркел постојано го третираше девет години помладиот унгарски премиер со мајчинска благонаклоност, сѐ додека неговата партија Фидес уште беше членка на Европската народна партија. Со Бербок ќе биде сосема поинаку. Подмолната насмевка на остарени диктатори со пораснат стомак кај неа не поминуваат, ниту букети цвеќе. Додека Виктор Орбан веднаш може да се најде на иста бранова должина со свои колеги од Казахстан, Азербејџан, Узбекистан или Кина, со Ипсилон генерацијата од Западна Европа е тоа речиси неможно.

Мултимилијардери на државни јасли

Проблемот стана очигледен на крајот на април, кога 12 европратеници писмено ја информираа претседателката на Европската комисија дека 20 отсто од парите од пакетот за помош во пандемијата на коронавирус за Унгарија владата на Орбан сака да ги „присвои“. За Урсула фон дер Лајен тоа не е ништо ново, но парламентарците беа решени да истераат на чистина какви методи употребува владата во Будимпешта.

На мултимилијардерите, „товени“ и збогатувани од владата со јавни пари, а чии способности обично се доволни само за управување со сервиси за апарати за домаќинство, им е доверена задача да се зафатат со основната инфраструктура на земјата, секако со пари кои владата токму за таа цел тајно им ги дала. Образовниот високошколски систем преминува во „Фондации за управување со имотот од јавен интерес кои извршуваат јавни задачи,“ чие раководење им е доверено на најверните јаничари на владејачката партија Фидес. Најголем дел од финансирањето во областа на културата тече слично. Освен тоа, сега е основана и Надзорна служба за регулирани активности, која треба да го надгледува системот на казина, пазарт на игри на среќа, како и системот на судски извршители и стечајни управници. Нивните раководители Орбан ги именуваше на мандат од девет години, кој значително го надминува неговиот сопствен мандат.

Пари од варварите, односно од Брисел

За сето тоа европратениците информираа во писмо кое го објави магазинот „Политико“. Меѓу дванаесет потписници се осум членови на групата на Зелените во Европскиот парламент. Бербок е нивна потенцијална канцеларка.

Се чини како воздухот за Виктор Орбан деновиве да се проретчува. Наутро тој лета кај варварите, односно во Брисел, за да си го добие својот удел. Напладне бара 16 милијарди евра од Пакетот за корона-помош за Унгарија, неколу часови подоцна меѓутоа станува збор само за нешто повеќе од една третина од оваа сума. Секој цент од почетно бараниот износ бил веќе испланиран, крајно, наскоро ќе дојдат избори. Тогаш Фидес мора да има пари во раката и притоа постојано да внимава обичниот народ да ужива единствено во глетката на долетувачки банкноти, додека големите суми пари се упатуваат на патот одреден по божја волја. Истата вечер Орбан дома објаснува дека нему му се доволни и малкуте пари кои сега ги добил.

Бербок како мало облаче

Причините за неговото воздржување се јасни. Комисијата ги услови исплатите со „смешни“ услови, како на пример барањето Унгарија да ги употреби средствата и за борба против корупцијата и во прилог на владеењето на правото. Такво нешто да се бара од владата на Орбан е доказ за поседување одредена смисла за хумор. „Бриселските бирократи“ бараат дури и повеќе, имено – владата да го регулира доделувањето јавни тендери и да ја зајакне независноста на судството. Се чини дека тоа не е сосем неизгледно, зашто во Брисел се шепоти дека Орбан е веќе уморен од исцрпувачки дебати со ЕК и останатите земји-членки. Затоа, го зел тоа што можел и се одвлечкал тажен.
Бербок сега е само мало симпатично облаче на западниот хоризонт. Но, што ако таа заземе две третини од небото, го затемни сонцето и се закани со потоп? Тоа е кардинално прашање во време во кое магичната сила на нашиот шеф на владата се чини слабее.

Непочитување на основните вредности на ЕУ

Времињата се менуваат. Вчера тој на Европа, пред сѐ на јужните земји, со своето вето против гигантскиот ЕУ-спасувачки корона пакет им втеруваше страв во коските, ако се обидат да спречат тој најмалку трипати на ден да ги гази основните вредности на ЕУ. Неговата врева мораше да се сфати сериозно, зашто познавачите на неговиот карактер беа сигурни дека ќе ја оствари заканата. Тогаш стигна Меркел и ги смири духовите, иако би било препорачливо ние Унгарците да се маскираме како викинзи, козаци или индијански поглавици ако патот случајно потоа нѐ води во некоја медитеранска земја. Важно е да не препознаат од каде доаѓаме.

Уште поважно е, на нашиот заповедник и натаму да му се дозволи правото да ги погазува темелните вредности на ЕУ. Но, само тогаш кога тоа не се однесува директно на буџетт на ЕУ. Така предвидува новиот механизам на ЕУ за владеење на правото: санкции поради повреда на правната држава, но само доколку се инволвирани пари од ЕУ- касата. Што значи тоа точно, не знаеме. Веројатно не знае ни Меркел. Во секој случај, таа лани во декември го изгасна запалениот Божиќен венец, за да не изгори целата куќа.

Унгарскиот модел е заразен

„Стручњаците предупредуваат од презеање на последните независни медиуми во Унгарија“, гласеше насловот на порталот „Еурактив“ деновиве. Дека Орбан ги „лапнал“ слободните медиуми, е јасно одамна. Многу поважна е опасноста од зараза која произлегува од унгарскиот модел. Болеста се шири преку граници во сите правци. Ако не денес, тогаш утре или задутре.

Ако Аналена Бербок навистина стане канцеларка, тогаш тоа може да значи добивка за нашиот континент, но мора да ни е јасно дека на Европа сега не ѝ е потребна само способна германска канцеларка, туку и ефикасна политичка вакцина.

Иштван Ванча е унгарски новинар, критичар и публицист познат по своите сатирични и иронични текстови. Тој е заменик уредник на неделникот „Живот и литература“, каде е објавен овој текст.

 Карикатури: Marian Kamensky