Алчност во служба на пандемијата

25.05.2021 14:35
Алчност во служба на пандемијата

 

Единствен начин пандемијата со ковид-19 да се доведе кон крај е имунизирање доволен број луѓе ширум светот. Слоганот „никој нема да биде безбеден додека сите не бидеме безбедни“ прецизно ја сумира епидемиолошката реалност пред нас. Ново жариште каде било на планетата би можело да рашири нова варијанта на САРС-КоВ-19 која е отпорна на вакцините, што би нè принудило да се вратиме во карантин. Загрижувачката појава на новите соеви во Индија, Бразил, Јужна Африка, Обединетото Кралство и другите земји покажува дека таквата закана не е само теоретска можност.

Проблемот е во тоа што нашите капацитети за производство на вакцини сè уште се далеку од испораката на 10-15 милијарди дози кои се потреби за да се запре вирусот. До крајот на април во целиот свет се произведени само 1,2 милијарди дози. Ако продолжиме со ова темпо, стотици милиони луѓе во земјите во развој ќе дојдат на ред за вакцинирање дури во 2023 година.

Затоа, важна вест е најавата на администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден, дека ќе се придружи на иницијативата на стотина земји кои бараат правилата за заштита на интелектуалната сопственост кои ги пропишува Светската трговска организација да бидат привремено суспендирани заради вонредни околности, за на тој начин да се спречи монополизација на производството на вакцини. Навременото отпочнување преговори на ниво на Светската трговска организација и усвојувањето договори кои ќе ги елиминираат постоечките бариери ќе ја обезбедат потребната законска рамка за државите и производителите ширум светот да го зголемат производството на вакцини, лекови и дијагностички средства.

 

Поранешниот претседател Доналд Трамп минатата есен склучи сојуз со неколку богати земји со намера да ги блокира преговорите за евентуално откажување од правата на интелектуална сопственост. Притисокот врз администрацијата на Бајден да се откаже од блокадата на преговорите во меѓувреме се засили зашто одложувањето на усвојувањето на предложените мерки придонесува за продолжување на пандемијата. Кон иницијативата се придружија 200 добитници на Нобеловата награда и поранешни шефови на држави и влади (вклучувајќи и многу познати неолиберали), 110 членови на Претставничкиот дом на САД, 10 американски сенатори, 400 организации од цивилното општество во Америка, 400 европски парламентарци и многу други.

Недостатокот од вакцини ширум развиениот свет главно е последица на настојувањата на производителите да ја задржат монополската контрола и да ја заштитат својата добивка. Фајзер и Модерна, компании кои произведуваат мошне ефикасни мРНА вакцини, одбиваат да одговорат на бројните барања на квалификуваните фармацевтски производители кои им се јавуваат барајќи дозвола за производство на нивните вакцини. Ниеден од големите производители на вакцини сè уште не ја споделил својата технологија со сиромашните земји преку доброволната програма за размена која ја воспостави Светската здравствена организација со името Covid-19 Technology Access Pool.

Ветувањата дека ќе донираат вакцини за програмата КОВАКС од која дозите се дистрибуираат до најзагрозените популации во сиромашните земји од светот не се адекватна замена. Таквите ветувања можеби ќе го ублажат чувството на вина на луѓето кои ги водат овие компании, но нема позначајно да придонесат за глобалната понуда.

Фармацевтските корпорации се профитни претпријатија фокусирани на заработка, а не на состојбата на глобалното јавно здравје. Не е тешко да се разбере нивниот начин на размислување: целта е да се заземе што поголем удел на пазарот, да се задржи за себеси што подолго и така да се максимизира добивката. Во ваква ситуација единствен излез е подиректен ангажман на државите за решавање на проблемите со вакцините.

 

Последниве неколку недели легии лобисти од фармацевтската индустрија го запоседнуваат Вашингтон и вршат притисок врз политичарите да ја блокираат предложената суспензија на правата на интелектуална сопственост. Ако истите средства беа вложени во проширување на производствените капацитети, проблемот со пандемијата можеби веќе ќе беше решен.

Наместо тоа, фармацевтските компании упорно ги повторуваат своите контрадикторни аргументи. Тврдат дека суспензијата на правата е непотребна зашто постоечката регулаторна рамка на Светската трговска организација е доволно флексибилна да овозможи пристап до нивните технологии. Тврдат и дека овој потег не би ги донел саканите резултати, зашто производителите во земјите во развој ги немаат потребните капацитети за организација на производството.

Од друга страна, истите компании стравуваат дека суспензијата на правата со посредување на Светската трговска организација ќе биде премногу ефикасна. Како поинаку да се толкуваат нивните предупредувања дека на тој начин ќе се укинат поттиците за истражувачка работа, да се намали добивката на западните компании и најпосле - кога сите други аргументи ќе пропаднат - дека тоа ќе им помогне на Кина и Русија да го победат западот на геополитичката сцена?

Нема сомнеж дека предложената суспензија на правата во случајов би донела големи промени. Токму затоа фармацевтските компании силно се противат на иницијативата. Тоа го потврди и „пазарот“ преку остар пад на вредноста на акциите на водечките производители на вакцини откако администрацијата на Бајден најави дека ќе ги поддржи преговорите во СТО. Ако успее иницијативата, на пазарот ќе се појават поголеми количини вакцини, цените ќе паѓаат, а со паѓањето на цените ќе се намали и профитот.

Фармацевтската индустрија тврди дека тоа би бил опасен преседан. Затоа нивните тврдења и аргументи треба подетално да се испитаат.

 

После години жестока кампања и милиони жртви од пандемијата со ХИВ/СИДА, земјите членки на Светската трговска организација најпосле се сложија дека треба да се воспостави институт за принудно лиценцирање (кој на државите им овозможува да им дозволат на домашните производители да произведуваат патентирани фармацевтски производи без согласност од сопствениците на патенти) за да се обезбеди пристап до неопходните лекови. Но фармацевтските компании на секој чекор продолжуваат да прават сè што е во нивна моќ да го оспорат тој механизам. Токму заради очигледната неподготвеност на фармацевтските компании да соработуваат, суспензијата на правата мора да се регулира на ниво на СТО. Ако беа поподготвени за соработка, производството на вакцини и лекови одамна ќе беше зголемено.

Тврдењето дека земјите во развој ги немаат потребните капацитети за производство на вакцини со користење нови технологии е неточно. Кога американските и европските производители прифатија соработка со странски производители како што се Институтот Серум во Индија (најголемиот производител на вакцини во светот) и Аспен Фармакер во Јужна Африка, немаше значајни проблеми во организацијата на производството. И многу други компании и организации ширум светот можат да придонесат за зголемување на понудата со вакцини: потребен им е само пристап до технологијата.

Коалицијата за иновации за подготвеност на пандемии идентификуваше околу 250 компании способни да ги произведуваат овие вакцини. Но, како што претставникот на СТО во Јужна Африка неодамна констатираше: „Земјите во развој исто така располагаат со напредни научни и технолошки капацитети... недостатокот од вакцини е последица на постапките на сопствениците на правата кои инсистираат на рестриктивни договори за да ја заштитат својата монополска позиција, покажувајќи на тој начин дека профитот им е поважен од човечките животи“.

Нема сомнеж дека развојот на технологиите за производство на мРНА вакцини би бил комплициран и скап процес, но тоа не значи дека другите компании ширум светот не се способни да произведуваат вакцини користејќи веќе развиена технологија. Еден од поранешните директори на компанијата Модерна, Сухаиб Сидики, изјави дека со малку подобра подготвеност технологијата да се сподели со другите, многу модерни фабрики во светот би можеле да започнат со производство на мРНА вакцини за три или четири месеци.

 

Резервен аргумент на фармацевтските компании е тврдењето дека суспензијата на правата не ни е потребна зашто регулаторната рамка на СТО веќе е доволно „флексибилна“. Тие истакнуваат дека компаниите во земјите во развој сè уште не се обиделе да го искористат институтот за принудно лиценцирање, како со тоа да сакаат да кажат дека нивните приговори се само позирање. Но тоа наводно отсуство на интерес впрочем покажува колку големите фармацевтски компании беа успешни во изградбата на непроодни регулаторни џунгли со патенти, копирајти, индустриски права, деловни тајни и поврзани „исклучоци“ пред кои расположливите механизми за флексибилност немаат никакви шанси. Бидејќи мРНА вакцините содржат повеќе од 100 компоненти од сите страни од светот, од кои многу се заштитени и со правото на интелектуална сопственост, координирањето на лиценцирањето помеѓу разни земји за потребите за затворање на ланците со снабдување, практично е невозможна мисија..

Исто така, принудното лиценцирање според правилата на СТО е уште посложено во случај на производство за извоз, а извозот е нужен за да се зголеми понудата со вакцини на глобално ниво. Канадската компанија Биолис нема право својата генеричка верзија на вакцината на Џонсон и Џонсон да ја извезува во земјите во развој зашто компанијата Џонсон и Џонсон го одбила нејзиното барање.

Уште еден фактор кој придонесува за недостатокот е стравот на државите и компаниите. Многу земји стравуваат дека САД и ЕУ ќе им ја укинат помошта или ќе воведат санкции ако прибегнат кон принудно лиценцирање, зашто тоа се закани кои ги слушаат со децении. Ако СТО официјално би прогласила суспензија на правата, овие земји би биле заштитени од тужби од големите компании, примена на казнени мерки и други несакани последици.

Тоа нè доведува до третиот аргумент кој големите компании го користат со задоволство: тврдењето дека суспензијата на правата на интелектуална сопственост би ја намалила нивната добивка и би ги обесхрабрила понатамошните истражувања и развојот. Како и претходните две, така и ова тврдење е очигледно неточно. Со суспензијата на правата на интелектуална сопственост не би се укинала обврската за плаќање на надоместоците на носителите на правата на интелектуална сопственост. Исто така, после укинувањето на монополската заштита која им дозволува да го блокираат дополнителното производство, фармацевтските компании би добиле поттик и самите доброволно да влегуваат во слични аранжмани.

 

Дури и со откажување од правата производителите на вакцини ќе заработат многу пари. Се проценува дека Фајзер и Модерна со продажбата на вакцини во 2021 година ќе заработат 15 милијарди и уште дополнителни 18.4 милијарди долари, иако државите финансираа голем дел од фундаменталните истражувања и обезбедија средства за изнесување на вакцините на пазарот.

За да нема никаков сомнеж: она што ги мачи лидерите на фармацевтската индустрија не е можноста за губење огромни добивки. Ги загрижува тоа што ќе бидат лишени од монополските профити, вклучувајќи го и профитот од идните бустер вакцини кои во богатите земји сигурно ќе се продаваат по високи цени.

Најпосле, кога ќе пропаднат сите други обиди, последниот аргумент во арсеналот на фармацевтската индустрија се тврдењата дека суспензијата на правата би им помогнала на Кина и Русија да ѝ пристапат на американската технологија. Но и тоа е неточно, зашто оваа вакцина не ја создадоа Соединетите држави. Во многу земји веќе со децении траат истражувања за мРНА технологијата и нејзината медицинска примена. Унгарската научничка Каталин Карико го направи првиот пробив уште во 1978 година, а истражувањата продолжија во Турција, Тајланд, Јужна Африка, Индија, Бразил, Аргентина, Малезија, Бангладеш и други земји, вклучувајќи ги Националните институти за здравје во САД.

Освен тоа, духот веќе излезе од шишето. Технологијата мРНА која се користеше за производство на вакцината на Фајзер е во сопственост на компанијата БиоНТек (германска компанија која ја основаа турски мигрант и неговата сопруга) која веќе му даде лиценца на кинескиот производител Фосун Фарма. Во Кина не недостасуваат примери за крадење на интелектуална сопственост, но ова не е таков случај. Кина е на пат да развие сопствена мРНА вакцина. Една од нив е во трета фаза на клинички испитувања. Станува збор за вакцина која ќе може да се чува на температура во домашен ладилник, што во голема мера ќе ја олесни нејзината дистрибуција.

 

Слики: Rafael Gonzales Jr – LOTERIA
Коавторка на текстот е Лори Валак.

Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.project-syndicate.org/

 

 

ОкоБоли главаВицФото