Белешки од карантин (1)

28.05.2021 10:57
Белешки од карантин (1)

НАДЕЖИ И СТРАВОВИ ЗА ВАС, ПРЕКРАСНИ ЛУЃЕ

Почитувана публико,
на едната страна на боксерскиот ринг ‒ Надеж; на другата страна на рингот ‒ Страв.

Надеж и Страв, два светски шампиона во најтешката, најсериозна категорија, сега, како и повеќе пати порано, се соочуваат за да ја освојат титулата „Владетел со Светот“.
Мечот започнува. Многу луѓе од публиката, пред почетокот на натпреварот, се обложиле на некој од двајцата натпреварувачи. Затоа многумина во публиката имаат свој фаворит. Најпосле, нивните вложени пари се во прашање, станува збор за сериозен кеш.

Кој ќе победи? Мене лично страв ми е од Страв, но имам надеж во Надеж.

Ама веројатно, како и сите нивни претходни мечеви, и овој ќе заврши нерешено.


ФИСКАЛНО НЕОДГОВОРНИ ОЧИ

Времето си го зема данокот, но очите никогаш не стареат. Да, видот може да ослабне, но и во погледот на осумдесетгодишен старец ја има искрата на неговата младост.

На очите, некако, им успева да бидат фискално неодговорни, да го затајат долгот што остатокот од телото неизбежно им го плаќа на годините.
Младоста, иако затскриена, засекогаш престојува во очите, подготвена да ѕирне, да засјае од брчките на лицето кога најмалку ја очекуваш.

Очите се нејзино уточиште од минливоста, тие се нејзиниот дом.

Таа е таму.

КОГА БЕРБЕРИТЕ ЌЕ СТИВНАТ

Постојано одам во иста берберница за да се потстрижам.
Со години мој личен бербер беше еден стар господин, мошне разговорлив. Муабети за ова, за она.
Но, стариот се пензионираше и му го препушти дуќанот на синот.

Новиот, млад бербер, за разлика од татко му, е крајно молчелив. Ни збор да зуцне. Ни буква. Додека ме потстрижува, во дуќанот е мртва тишина. Се слуша само звукот на ножиците.

Добив впечаток дек​а на младиот бербер, дваесетинештогодишно момче, може нешто му пречи кај мене, дека едноставно не му се допаѓам. Така барем ми изгледаше работава.

Па, се обидов да започнам разговор. Да го скршам мразот.
‒ Како оди бизнисот, мајсторе... има муштерии, има? ‒ невешто и со трема во гласот го запрашав.
Но, тој, молчејќи, ми одговори со поглед, толку типичен за нивната генерација ‒ Ма, кој те шиша!


ЈАН ЗНАЕ ШТО ПРАВИ

Денеска на гости, мене и на мајка ми ни дојде Јан, двегодишното синче на сестра ми. Секогаш е добредојден гостин. Јан денес беше во особено добро расположение. Играше, скокаше, пеееше песнички. Ни ја пренесе и нам својата позитивна енергија. Потоа отиде до најголемата полица со книги во мојот стан, и една по една, ги стави сите книги на подот. Јас ги вратив назад. Потоа Јан, повторно, една по една, ги стави на подот. Јас, смеејќи се, ги вратив на полицата. Истово се повтори повеќе пати. Мајка ми, вечен перфекционист, го прашува: Јан, зошто го правиш тоа? А јас и одговарам, место него: ‒ За да нè потсети колку е забавно да си жив мамо, за да нè потсети колку е забавно да си жив...

КРАТКА ПРОЗА ЗА ХИПНОЗА

Прочитај ја оваа реченица.
Прочитај ја и оваа.
Ајде, уште оваа.
Сега, престани да читаш и те молам затвори ги очите.
Ако го читаш ова значи дека не си ја послушал мојата молба.


Фотографиите се од перформансите на Nam June Paik

 


 

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото