Еволуцијата на Викиликс

24.12.2010 14:12
Еволуцијата на Викиликс

Кога летоска на страницата Wired.com беше објавено дека WikiLeaks поседува десетици илјади дописи на Стејт департментот, основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, се впушти во нешто налик на мала јавна дипломатија.

Wired идентификуваше еден од неговите доверливи инсајдери, обичниот воен разузнавачки аналитичар Бредли Менинг, кој во приватната преписка со еден хакер призна дека на Асанж му проследил „260 000 документи на Стејт департментот од амбасадите и конзулите во светот“. Оваа информација го доведе Викиликс во тешка позиција – што би и’ се случило и на секоја друга новинска агенција. Асанж мораше да одговори вистинито на приказната, а да не го предаде својот извор и да не ја потврди содржината на толку масовното истекување на документи кои тогаш сè уште не беше подготвен да ги објави.

Хенри Кисинџер еднаш рече: „понекогаш уметноста на дипломатијата е да се сокрие она очигледното“. Асанж рече дека не му е познато дела Менинг пратил нешто во неговата организација, а на 7 јуни Викиликс објави на Твитер: „Наводите објавени на Wired дека сме добиле 260 000 доверливи документи, колку што ние знаеме, се неточни“. Сега знаеме дека оваа изјава била вистинита во поединости, но невистинита во својата суштина. Оваа недела, Викиликс објавуваше некои од тие 251 287 документи (не 260 000), а издадоа соопштение дека повеќе од половината не се доверливи. Типичната новинска организација најверојатно не би дала никаков коментар, непотврдени изјави, дури и кога во техничка смисла се точни зашто можат да го нарушат најважниот ресурс на новинската организација – нејзиниот кредибилитет. Во една организација како што е, на пример, New York Times, конечниот производ – приказната – ја произведуваат голем број вработени, а известувањето, пишувањето и уредувањето на приказната, нејзиниот конечен изглед, ја осликува установата во целост. Но Викиликс, кој ги издава информациите на големо, го црпи својот кредибилитет од необработениот материјал кој го создале други, од способноста да ги испита и управува со информациите, и од анонимноста која им ја гарантира на доставувачите на тие материјали. Нивните документи и видео снимки главно говорат сами за себе.

Последното истекување, без преседан според својот обем, наведе еден републикански политичар да се обиде да ја присили администрацијата на Обама да го прогласи Викиликс за терористичка организација. Ова е ескстремна и луда идеја – Асанж не се користи со насилство за постигнување политички цели – а на некој начин е иронична, зашто Викилкс со секој нов проект сè повеќе наликува на нормална медиумска организација.

Пролетва се сретнав со Асанж на Исланд и поминав некое време со волонтерите на Викиликс, кои подготвуваа видео снимка со наслов „Колатерално убиство“, и Асанж воопшто не сакаше да контактира со американската војска пред објавувањето на материјалот. Во наредниот проект, т.н. „авганистански записници“, новинските организации, на кои однапред им беа отстапени неколку илјади воени записници, можеа да ги контактираат владините службеници, а Асанж се обиде – за жал, неуспешно – да ги заштити имињата на воените доушници кои би можеле да бидат жртви на одмазда. Во „ирачките записници“, објавени во октомври, Викиликс внимателно и темелно го заштити идентитетот на луѓето. Викиликс почна да ги уредува документите пред објавување.

Со американските преписки, Асанж лично го контактираше Стејт департментот и побара учество на американската влада. На 26 ноември му пиша на американскиот амбасадор во Британија, обраќајќи му се со зборовите: „Викиликс би и’ биле благодарни на владата на САД ако таа приватно ни назначи конкретни примери (по името или бројот на документот) за кои смета дека со објавувањето би можеле сериозно да загрозат одредени поединци, на начин кој веќе не е наведен“. Асанж дури и додаде – се чини без иронија – дека Викиликс „ќе ја почитуваат доверливоста на советите кои американската влада ќе ги пружи, и ќе биде спремен веднаш да ги разгледа сите предлози од тој тип“. Излишно е да се каже дека администрацијата на Обама ја одби неговата понуда и побара од него да ги врати сите документи. „Нема да се впуштаме во преговори за претстојното објавување и ширење на незаконски добиениот доверлив материјал на американската влада“, одговори адвокатот на Стејт департментот, дури иако владата, судејќи по сè, преговара со New York Times околу објавувањето на истите тие документи во весникот.

Обвинувањето на администрацијата на Обама дека Викиликс го крши законот се под знак прашање – медиумските организации често се занимаваат со доверливи документи. (Во судската пракса, за кршењето на законот обично се товари доставувачот на информацијата, а не издавачот.) Исто така, државната секретарка Хилари Клинтон претерува кога тврди дека овие информации ја загрозуваат националната безбедност. Па сепак, одбивањето на Стејт департментот да преговара со Викиликс за Асанж не би требало да претставува доказ за независноста на неговата организација, туку проблем кој бара решавање. Со демократските влади може да се соработува конструктивно, без сервилност, а тоа е и долгорочен интерес на Асанж. Викиликс мора да се развие во стабилна организација, со строго утврдена процедура во случаите кога линијата меѓу правдата и неправдата е недоволно воочлива, како што често е, а тоа да не ја разводни суштинската мисија на Викиликс: откривање на злоупотребите и заштита на инсајдерите. Како и многу интернет компании, Викиликс сега минува низ матен преоден период на развој, но за разлика од, на пример, Фејсбук, Викиликс има мал маневарски простор за грешки. Кога Марк Цукерберг ќе згреши, мора да се соочи со своите корисници кои се вознемирени бидејќи им е загрозена приватноста, додека грешките на Асанж имаат многу посериозни последици.

Од своето основање, Викиликс беше фокусиран на „масовното истекување на документи со скриен извор“. Ова е нова појава, со која мора да се справат Асанж и конвенционалните медиуми. Пентагонските документи (Pentagon Papers) претставуваа масовно истекување, но во одредена смисла го обединуваа единствено полето на историската и аналитичката обработка. Последните документи на Асанж се збир на илјада различни но меѓусебно поврзани извештаи. Тоа е истекување на база на податоци. За такво нешто е потребен малку поинаков инсајдер: оној кој нема за цел објавување на еден конкретен случај на злоупотреба (и кој можеби не го познава целосно материјалот кој го доставува). Негова цел е отворање на механизмот на затворениот и сложен систем, и повикување на светот да помогне во просудувањето на моралната основа на таквиот систем. Асанж планира да објави десетици илјади документи од една американска банка. „Ќе се откријат некои запрепастувачки злоупотреби, неморални постапки, но на виделина ќе излезе и однесувањето на управувачките структури и внатрешниот раководителски дух, и тоа е нешто скапоцено“, изјави Асанж за списанието Forbes. „Како и во случајот со ’ирачките записници’, имаше масовни инциденти кои го привлекоа вниманието, но најважна е целата слика на војната. Ова би можело да се нарече екосистем на корупцијата.“

Истекувањето на базата на податоци, чија цел е откривање на екосистемот на однесување во една одредена установа, со симултаното објавување на толкава количина информации истовремено ја заматува целата слика. Што ако, да речеме, Асанж решеше да ја раситни базата на податоци на дипломатската преписка и да ги објавува во мали, но растечки групи – без групно брендирање под називот „Cablegate“ и без театралното обзнанување дека нивниот вкупен број е 251 287 – што ако нивниот вкупен број останеше скриен, а најсрамните подробности внимателно да се бираа и објавуваа во период од, да речеме, дваесет месеци? Да речеме дека на 22 декември во New York Times се појавеше мала вест за преписката од Турција, а 12 март 2011 г. статија за некои документи од Саудиска Арабија. Дали тоа би наликувало на дело на анархист – како што еден колумнист неодамна го нарече Асанж – на шпионажа или тероризам, или едноставно би наликувало на вести?

Извор: The New Yorker Blog

Илустрации: Флоријан Никол

ОкоБоли главаВицФото