Повлечен Предлог законот за легализација на дивоградби

29.05.2021 11:50
Повлечен Предлог законот за легализација на дивоградби

Владата на денешната 74-та седница, врз основа на известувањето за спроведените активности од Министерството за транспорт и врски донела Одлука за повлекување на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, кој се наоѓа во собраниска процедура.

„Во известувањето, кое го прифати Владата беше изнесено дека во изминатиот период ресорното министерство (МТВ) организираше работни средби со претставници на комори и асоцијации од областа на градежништвото, урбанизмот, претставници на граѓанскиот сектор и учествуваше во јавни дебати организирани од страна на останати субјекти, на кои беа дадени забелешки за одредени законски решенија и предлози и сугестии за нивно доуредување“, соопштија од Владата.

Од Владата додаваат и дека Министерството за транспорт и врски ќе изработи нов Предлог-закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, согласно дадените забелешки.

Новиот закон за легализација на дивоградбите беше усвоен од Собранието на 11 мај, но претседателот Стево Пендаровски одби да го потпише Указот за прогласување на Законот, со што практично законот го врати еден чекор назад во процедурата и повторно се најде во Собранието.

Предлог законот за легализација на дивоградби доби доста критики во јавноста. Асоцијацијата на архитекти тврдеше дека овој закон ги поништува важечките прописи за урбанистичко планирање, додека од О2 Иницијативата соопштија дека со законот ќе може „слободно да се погреба надежта за правна држава на овие простори“.