Осум милијарди евра

31.05.2021 10:32
Осум милијарди евра

„Осум милијарди евра инвестиции во стратегиски инфраструктурни проекти (...) Во областа на енергетиката, премиерот најави инвестиции во над 30 проекти вклучувајќи нови рудници, термоцентрали, хидроцентрали, гасификација (...) Владата најави ревитализација на ТЕЦ „Битола“ за 35 милиони евра, како и изградба на нова термоцентрала „Неготино 2“ или „Мариово“ со моќност од 300 мегавати (...) Премиерот, како дел од инвестициската програма ги најави и веќе постојните проекти за изградба на ХЕ „Чебрен“ и ХЕ „Галиште“ (...) Беше најавена и изградбата на „Вардарска Долина“ која вклучува 12 хидроцентрали во вредност од 1,2 милијарда евра. Инвестициската програма предвидува завршување и на долгоочекуваната гасификација (...) Во делот за патишта и за инфраструктурни проекти се предвидени инвестиции од 3,8 милијарди евра, а ќе се изградат и ревитализираат 30 регионални патни правци.“

Годината е 2009, премиерот е Никола Груевски, а ова е извадок од текст од „Дневник“ од 02.03.2009, на Горан Ризаов.

Секоја сличност со сегашните најави на сегашниот премиер Зоран Заев, за Интервентен план за инвестиции од 8 милијарди евра, кој ги содржи сите овие проекти, се разбира, е намерна.

Но, еве, за да не биде сфатена и како злонамерна, ќе признам дека има и една разлика. А тоа е дека Груевски тогаш не најави дека за реализација на планот ќе се грижи координативна група од јавниот и приватниот сектор. Ниту дека најголем дел од проектите ќе се спроведат со јавно-приватни партнерства, со минимално учество на државата. Ниту дека Попова Шапка ќе се даде под концесија на приватен инвеститор на 99 години. Дека, практично, ќе се приватизираат реки, планини и други природни богатства.

Затоа, ако веќе бараме историски паралели, мислам дека ова повеќе наликува на еден друг период. На оној од 1990-тите, кога се спроведе приватизацијата и целото општествено богатство, кое заеднички беше градено со децении, преку ноќ заврши во раце на малкумина моќници.

Можеби и нема потреба од грижи. Проективе се најавуваат со децении и никако да се реализираат. А и сегашнава влада во изминатите 4 години не се покажа баш како најспособна во реализирањето проекти и во исполнувањето ветувања.

Но битна е суштината. А таа е дека во овие три децении „самостојност“ постојано ни се повторуваат истите начини на владеење. И истите политичари, кои гледаат само како тие и нивните блиски да се збогатат, а народот и државата – ма, кој ги шиша.

Илустрации: John Holcroft