Пријателства за јавно добро

31.05.2021 11:09
Пријателства за јавно добро


Има повеќе причини зошто е важна за целиот регион политичката платформа Можемо!, а не само за Република Хрватска.

Прво, затоа што низ неа согледуваме дека во застарените и доста ригидни политички системи, карактеристични за нашите култури, сепак се можни еманципаторски, демократскo-критички исчекори на луѓе кои знаат органски да се здружуваат и врз основа на чесност и знаење да дејствуваат, градејќи „пријателства за јавно добро“ во и на општеството.

Второ, затоа што низ неа може да се увиди дека, колку и да се корумпирани (не само финансиски туку и идеолошки/политички) нашите општества, сепак, доколку имате наспрема луѓе со јасна, чиста, критчки аргументирана визија која може да ги деконструира со дела востановените модели на мислење на политичкото, може да се случи промена и тоа темелита.

Трето, платформата Можемо! е пример за тоа дека само со, речиси, истоштувачка, децениска посветеност, работа и истрајност, со бришење на позицијата на жртва (една од омилените позиции во нашиве култури), со отпор кон конфорната позиција на „разочарани граѓанки и граѓани“ кои креваат раце и се откажуваат од борбата за созадавање на солидарни заедници кои се грижат за заедничките добра, може да се освои и пресоздаде политичкиот простор кој сѐ уште има шанса да креира правда, стратешка и тактичка визија за демократските вредности, што не се само дискурзивни туку се апликативни.

Четврто, платформата Можемо! е исклучително умно „четиво“ за тоа како интерсекторското поврзување и единството на различностите е единствениот пат до вистински промени – во неа има од најмлади до највозрасни, од културњаци преку филозофи и политолози, архитекти, дизајнери, социолози, економисти до претставници на работничкиот еснаф синдикално или неформално здружен. Тоа е платформа за која со сигурност знаете дека вклучува, не само на ниво на „парола за важноста за партиципативноста“, туку вклучува со својот начин на дејствување. На крајот од краиштата, тие успеаа не само граѓанките и граѓаните на Хрватска да ги натераат да се почуваствуваат вклучени, туку и сите ние, низ целиот регион.

Платформата Можемо! во својот организам има јасен граѓански, грасрут предзнак – тоа е уште една од тајните зошто тие се, во овој миг, „просторот“ во кој се препознаваат многумина низ регионот.

Сега, им претстои најтешкиот период – да истраат и да бидат доследни на надежта и радоста која ни ја дадоа.
Им благодарам за тоа што ни го подарија фрагментот на далбоко вкотвената во реалниот простор и време политичка утопија!

Извор: Фејсбук профилот на авторката

ОкоБоли главаВицФото