Викенд на гордоста #9 - Настрано заедничко

31.05.2021 10:34
Викенд на гордоста #9 - Настрано заедничко

Годинашниот Викенд на гордоста Скопје се отвора со ретроспективна изложба на Франко Б, познатиот перформанс уметник. 

Деветтиот по ред Викенд на гордоста Скопје, што ќе се одржува во периодот од 2-9 јуни, во Музејот на современа уметност, КСП „Центар - Јадро“ и кафе барот „Шортбас“. Викендот на гордоста Скопје е фестивал за квир култура, уметност и теорија чијашто цел е да создаде простор за презентирање и промовирање на ненормативните форми на светообразување или, со други зборови, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитети обележани од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст, како квир, ексцентрични и неуспешни.

Основната кураторска тема на овогодишното издание на Фестивалот е НАСТРАНО ЗАЕДНИЧКО: Политики на пријателство, љубов и афекти. Со оваа тема целиме да ги поставиме во центарот на квир политичките, социјални и културни ориентации прашањата поврзани со мислењето, дистрибуцијата и втемелувањата на заедничкото и заедничките добра (the common/s). На заедничкото и заедничките добра ќе им пристапиме преку критичко истражување на нормативните претпоставки за пријателство, љубовта и емоциите врамени во хегемонската хетеронормативност и машките политички имагинации, како и нивните импликации за нашите социо-политички хоризонти. Фестивалот, исто така, се стреми да понуди и алтернативни форми на замислување, пракса и отелотворување на заедничкото и политиките на пријателство и љубов, тргнувајќи токму од структурната позиција на маргините, како и социо-културни и интимни практики и инфраструктури за грижа, поддршка и заедничарење во квир и феминистички заедници и мрежи.

Овогодишниот фестивал го отвораме на 02 јуни, во 20,30 часот во МСУ, со ретроспективна изложба ЗАСЛЕПЕН ОД ЉУБОВ на ФРАНКО Б, еден од најзначајните современи перформанс и визуелни уметници во светот. Својата уметничка работа не ја одделува од животот, а неговите дела балансираат меѓу изолацијата и заведувањето, наклоноста и конфронтацијата, страдањето и еротицизмот, панкот и поезијата. Настојува неподносливото да го направи подносливо, го провоцира гледачот да размисли за сопственото поимање на убавината и страдањето. Сопственото тело го користи како метафора за општествената борба, при што отелотворува претстави за личното, политичкото и поетското. Вкрстувајќи ја љубовта и болката, Франко Б покажува дека човечноста, како состојба, може да се подобри.

Публиката ќе може да го проследи и најновиот перформанс на Нао Бустаманте (САД), легендарна латино уметница, чиишто дела опфаќаат перформанси, видео инсталација, кинематографија, скулптура и пишување, а во Скопје ќе настапи заедно со Маркус Куиланд Назарио (САД). Во рамки на целокупната програма ќе се претстават и: танц триото STEAM ROOM, коишто минатата година безрезервно ги освоија срцата на скопската публика, потоа перформанс колективот СПИЗ! Од Велика Британија, во соработка со македонската дрег кралица Токио де Вил, македонските уметници Зорица Зафировска и Дарко Алексовски со заедничка изложба во КСП „Центар -Јадро“ и џез триото „Светлост“. Како и изминатите, и оваа година имаме две предавања, едно перформативно предавање на проф. Јелисавета Благојевиќ од Белград, и онлајн предавање на ФРАНКО Б. Публиката ќе може да проследи и диџеј сетови на Вера вендета и Ивана Драгшиќ.

Оваа година каталогот за фестивал е проследен со уреден зборник текстови од некои од најзначајните современи теоретичари кои ги адресираат прашањата во фокус на фестивалот, како Мишел Фуко, Лорен Берлан, Хозе Естебан Муњоз, Мајкл Харт и Антоио Негри и други.

Фестивалот е во организација на Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира во партнерство МСУ и ЈАДРО, со несебичната поддршка на Фондацијата Heinrich Böll Stiftung, Амбасадата на САД, Амбасадата на Кралството Холандија, Фондацијата отворено општество Македонија, Европската унија во рамки на меѓународниот проект ВРЕМЕТО Е СЕГА, Министерството за култура на РСМ, и Град Скопје. Медиумски покровител на фестивалот е ПОРТРЕТ Магазин.

„Целата програма на фестивалот е замислена да одговори на протоколите пропишани за одржување на јавни настани заради состојбата со пандемијата, каде ние како организатори во соработка со институциите, ќе внимаваме да се почитуваат целосно“, најавуваат организаторите.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото