(С)ОГЛЕДУВАЊА

31.05.2021 19:04
(С)ОГЛЕДУВАЊА

 

Пролетта дојде за еден ден, се стопли и снегот го снема. Сликите се движат на мониторот, секогаш нешто се случува во светот на сериите, каде уште зимоска многумина се преселија. Музиката најавува возбудлива сцена, нов заплет на заплетот од првата сезона, се повторува и во четвртата. Нешто ми е чудно во собава. Воздухот стои. И прашинките престанале да танцуваат.

И одеднаш - трас! Огледалото се скрши.

Милион ситни парченца светкаат. Мазната стаклена површина не го изгуби своето својство, само се промени. Сè уште се огледува градот во нив, расчленет на неправилни полиња. Погледнувам, а сликите почнуваат да се движат забрзано како во калеидоскоп. Помножен и поделен на многу неправилни делчиња, градот се трансформира. Мозаик без логика. Морам да видам поубаво, да се доближам. Ја напуштам собата. Излегувајќи на улицата, влегувам во градот зад скршеното огледало. Се обидувам  да составам делови, поврзувам точки, места и неместа. Одам од поле до поле, и повторно стигнувам на истото место. Тука, за да се стигне некаде, треба да се трча три пати побрзо. Ни тоа не е правило, некогаш треба да се оди во спротивен правец.

А сепак, најчесто се стигнува никаде. Тука и „сега“ е чудна димензија. Минатото е секогаш поубаво, а иднината сè нешто ветува, но не доаѓа. Време нема, постојано треба да се брза. Или го има премногу и не знаеме што да правиме со денот. За да се види градот, треба да се погледне зад огледалото, низ него.  Патувам низ пукнатините на градот и забележувам разни форми, исправени стојат како последни фигури врз шаховско поле и го чекаат потегот на противникот, кој постојано го менува слојот лик. Кој облик ќе преживее? Кој лик ќе надживее? Која е новава форма? Како се вика? Можам ли да ѝ измислам име? Но мора да се внимава, во ова возење и зборовите имаат цена. А ако си се качил во возилото без билет, чинат дури осумнаесет пати повеќе.

Еве едно убаво делче, се огледува од овој агол. Брзо го притискам копчето, да го заробам во темната празна кутија. Не се знае дали утре пак ќе го сретнам на истото место. Гледам средби, слушам разговори, во воздухот лебди нечие движење по улицата, останато од вчерашниот ден. Градот го содржи и мојот одраз, тој е огледало на неговите жители. 

Ме буди тивок звук на улично маче што мјаука под прозорот. Ќе излезев на прошетка со фотоапаратот, ама сè уште има неколку полициски минути. Ги затворам очите повторно и тонам во некој друг сон. Јас те сонувам, граду, или живеам во твојот сон?

Слични содржини

Фотографија / Култура / Настан
Јавни простори / Фотографија / Живот
Јавни простори / Фотографија / Живот
Фотографија / Живот / Спорт / Настан
Фотографија

ОкоБоли главаВицФото