Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (11)

02.06.2021 11:49
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (10)

Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД.

Добитник на наградата за 2020 година е романот „Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски.

„Окно“ објавува извадоци од пристигнатите романи на конкурсот.

„Песја прељуба“, Велко Неделковски, „Арс Либрис“

Налето се стемнува малку по дваесет часот.
Дорко излезе дури кога црниот пласт се згусти; сега тој беше само забрзана силуета низ околните улици. Затруените дропчиња ги носи во пластична кутија за една употреба, која се ниша на дното од најлонско кесе.

Тој се обѕрнува, барајќи пригодни места - скришни, но и достапни за скитачките кучиња - на кои би им оставил (последен, за претсмртни грчеви) оброк. Дали да подметне по едно парченце, овде-онде или...? По неколку, сепак. За брза физичка ликвидација на некој алчен, а гладен и полудив волколик ѕвер.Државата ги одолжува ветените мерки, тактизира, си купува време.Миг е за граѓанска акција, смета Дорко. Можеби тој е првиот поединец, но ќе се јават и други, поддржувачи. Методата, за жал, е радикална - но неизбежна, бидејќи сите апели се исцрпени, а расте бројот на каснати или загрозени лица. (Тој си помисли: „Кому му се извинува мојот ум? Зошто прекорно тропа моево срце? Па, решив, по ѓаволите!? Еднаш слабак, секогаш слабак. Низ животот голтав понижувања како кнедли.Фрустрација, највисок степен, убаво забележа другар ми Вител. Доста е. Вратка, компензација.“)

Дорко остави затруени дропчиња на десетина места. Не се наведнуваше, таквата поза е сомнителна.Фрли, остави, продолжи без свртување. Кутијата, веќе празна, ја фрли в контејнер. Си ги изми рацете, првично, на мал уличен водоскок. Дома ќе ги премие и истрие со сапун.

Гласно рече: - Готово! Утре ќе има меѓу три и пет подуени козини, моја темна прогноза. Не сум Трпе да трпам.Враќам, со камата!?

Се прибра во својата самечка соба и седна пред вклучен телевизор. Зачестено погледнува кон ѕидниот часовник. Дали...дали веќе е затруен првиот жртвен пес? Единаесет нула нула часот. Можно е и дури извесно дека дел од смртоносните дропчиња се пронајдени (кучињата, читал некаде, имаат стотина пати посилно сетило за мирис од луѓето.) А што...што ако настрада некоја недолжна мачка без стопан и дом? Колатерална штета.

Дорко се испружи на каучот. Легна, не заспа.

Импулсивно стана. Доцна му е за кафе.Првиот никулец на каење му се роди околу полноќ. Никулците се размножија во жилав сплет, како корења со почва во неговите слепоочници.Тие во бранови емитуваат сигнали, навнатре, кон неговата свест. Длабат, обвинуваат, преиспитуваат.

Тој се облече за излегување. Најде употреблива батериска ламба и стутка старо најлонско ќесе во џебот.Трудејќи се да биде тивок, го одмина заедничкиот станбен ходник и се стопи со ноќта.Тоа ќе го стори, тоа! Покајнички ќе ги собере фрлените токсични мевца. Неодложно, итно.

„И не биди млад мајмун“, Велко Неделковски, „Арс Либрис“

-Ние сме многу молчалива маса! - рече Кодо. - А и времево, да го ебам, мартовски променливо.Дувна некакво развигорче, забележавте?
Михале се протегна, а столот крцна под тежината на неговите стотина килограми:

- Обожавам да се излежувам. Но, ете, ми недостига и конкретна акција. Кој ќе ни погоди нам, на луѓето?

- Па, ти си бил филозоф-аматер! -боцна Кодо, а миг потоа се сврте кон Спирил: -Цела мини-вечност го студирате апартчето, господине? И, колку покажува? Нормален притисок, колку што може да биде нормален. 120 со 80?

Идеално, ќе ни живеете и ќе нѐ водите уште пет децении!

-Јас, да -рече Спирил, се'уште концентриран над бројченикот на уредот пред себе. За тебе, Кодо, не би се обложил.Подочниците ти се жолти кеси. Провери дали ти останало четвртинка црн дроб. Еден рендген, што те чини?

Спирил е мирен, спокоен, ладнокрвен.Се подготвува да го зададе последниот, решавачки удар, што(евентуално) ќе му открие несакан придружник. Михале,вербално, покажа дека е лабилен -дали е, можеби, и врбуван да биде д в о е ц, да предава и да продава информации во двата правци.

Затоа, повремено, се преземаат тивки внатрешни чистки, проверки и проветрување на „кадрите“. Ослободување од ислужените,регрутација на нови. „Добро“, мислеше понатаму Главниот, „ние сме параопштествена формација, здружени и организирани подземјаши кои, за пари, го загрозуваат општиот ред и мир. Живееме од реваншизмот на корумпирани поединци.Поранешна власт, сегашна власт, меѓусебно неподнесување, ситни, па и покрупни пакости - тука сме да бидеме лост. Треба да се дискредитира некој - ќе му ја пронајдеме Ахиловата пета и ќе го распнеме (преку медиумите) на јавен крст на срамот. Подметнувања од секаков вид - рутински одработуваме. Пожар- повелете!Немири - ги имате! И сите задоволни, и овците заклани?!“

- Ќе заврши ли некогаш со својот експеримент?!... -зајадливо шушна Михале, гледајќи кон Жанка. Таа не реагира.

- Општата политичка клима се поларизира - учено трепна Кодо. - Многу благопријатно време за нас. Работа до таванот.

- Да ни се поделат идните субверзивни задачи, па да се разлазиме во стрелци? - бледо предложи Михале.

Жанка молчи и си го поправа карминот на усните. Изговор да го сврти малото огледалце (а не таа, директно) кон Читачот на истиот весник на соседната маса.Тој сега е челно и директно свртен кон нив; разговара на мобилниот телефон и седи, некако, на крајот од столот, како напнат човечки лак.Прима инструкции - веројатно од началникот Иксо?

 Кон претходните делови