Купишта невистини за да се дискредитира процесот на имунизација против ковид-19

03.06.2021 12:38
Купишта невистини за да се дискредитира процесот на имунизација против ковид-19

Пост на Фејсбук ја манипулира јавноста дека со воведувањето на ковид пропусница за патување се врши закана и присила врз луѓето да се вакцинираат против ковид-19 и посочува дека тоа е дискриминаторски и во спротивност со Резолуцијата на Советот на Европа „со која се забранува присилна вакцинација и дискриминација на оние што не сакаат да се вакцинираат“. Постот изнесува и некои други лажни тврдења, како на пример, тоа дека во Македонија „никој никаде не јавува за несакани ефекти од вакцинирањето“, како и дека Тексас „пред два месеца го отфрли носењето маски, денес таму има нула заболени“.

Да одиме со ред. Постот на почетокот манипулира дека воведувањето на ковид пропусница за патување значи дека без примена вакцина против ковид-19 нема да може да се патува и дека на тој начин се присилуваат оние кои не сакаат да се вакцинираат, да примат вакцина. Ова, според постот, е спротивно на Резолуцијата на Советот на Европа, иако не се спомнува која е таа Резолуција и за каков документ станува збор.

Доколку го отворите текстот на порталот Сдк.мк, чијшто принтскрин е пренесен во постот, ќе видите дека ковид пропусницата што се спомнува во објавата, не е само за вакцинален статус, туку таа ќе содржи три категории информации. Имено, во написот е наведено:

Следната недела ќе почнеме со издавање на „грин пас“, тоа ќе биде оној електронски кју-ар (QR) код, во кој ќе има податоци за вакцината, ПЦР тест и евентуално за антитела, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. „Така, кој било од трите параметри, ако се бара во која било европска земја, да може патникот да ги има со себе“, кажа министерот.

Значи, не е точно дека во европските земји ќе може да се патува само ако сте вакцинирани против ковид-19, туку тоа можете да го направите со негативен ПЦР тест, или, пак, со тест за антитела со кој докажувате дека сте го прележале вирусот.

Членките на ЕУ, на 21 мај се договорија за „ковид-пасошот“ односно за издавањето сертификат за ковид-19 кој треба да почне да функционира од 1 јули. Кога планот за сертификација беше предложен во март, беше наведено дека документите ќе им бидат дадени на жителите на ЕУ кои можат да докажат дека биле вакцинирани, како и на оние кои имаат негативен тест или доказ дека закрепнале од ковид-19 . Според ова, не е задолжително да бидете вакцинирани за да можете да патувате, бидејќи вакцинацијата против ковид-19 секаде е доброволна, вклучително и во Македонија. Исто така, пасошите за вакцини не се исти со сертификатите за вакцини, кои, всушност, се документ што покажува која вакцина ја примило едно лице.

Понатаму, постот ја спомнува Резолуцијата на Европа и вели дека воведувањето ковид-пропусница е спротивно на оваа Резолуција која забранува дискриминација. Станува збор за Резолуцијата 2361 усвоена од Парламентарното собрание на Советот на Европа на 27.01.2021 година.

Во неа се нагласува дека вакцините мора да бидат јавно добро на глобално ниво и дека имунизацијата мора да биде достапна за секого и насекаде. Документот особено нагласува дека во сите земји е важно да се информираат граѓаните дека вакцинацијата не е задолжителна и дека не треба да се врши никаков политички или социјален притисок врз нив да се вакцинираат, доколку не сакаат. Додадено е и дека треба да се осигури дека никој не е дискриминиран ако не ја примил вакцината, без оглед дали од здравствени причини не смееле да ја примаат или не сакале.

Советот на Европа е меѓународна организација, со седиште во Стразбур, која се состои од 47 европски земји. На нејзината веб-страница се вели дека е основана за промовирање на демократијата и за заштита на човековите права и владеењето на правото во Европа.

Резолуциите донесени од Парламентарното собрание на Советот на Европа не се законски обврзувачки за земјите-членки или за ЕУ, но се смета дека имаат политичко влијание и морален авторитет. Факт е дека Советот донесе Резолуција за задолжителноста на вакцинацијата и сертификатите за вакцини, но советите не се законски обврзувачки.

Понатаму, постот тврди дека во Македонија никој никаде не јавува за несакани ефекти од вакцинирањето. И ова не е точно.

На 31.03.2021 година, министерот Венко Филипче, информираше дека првиот случај со тромбоцитна реакција на вакцината на „Астра-Зенека“ е регистриран кај 28-годишна девојка којашто е хоспитализирана, откако се вакцинирала во Србија. Медиумите во Македонија во неколку наврати информирале за несаканите реакции од вакцините пријавени кај нас. Така, „Слободен печат“ на 14.04.2021 година, повикувајќи се на информации од Агенцијата за храна и лекови – МЛАМЕД, пренесува дека за сите три вакцини против ковид-19 – „Фајзер“, „Спутник В“ и „Астра-Зенека“ – кои во тој момент се даваа во земјава, граѓаните и лекарите не пријавиле случај на сериозни последици, поточно нема случаи во кои по вакцината настапил анафилактичен шок или смрт. Најчеста реакција е покачена телесна температура и болка во раката на местото каде што била дадена вакцината. Истиот медиум, на 27.05.2021 година, информира дека од почетокот на имунизацијата, до МАЛМЕД пристигнале околу 110 пријави за несакани реакции од вакцините против коронавирус.

Во периодот од 17.02.2021 до 27.05.2021 година до МАЛМЕД се пристигнати околу 110 пријави на сомнеж за несакани реакции од вакцини против ковид-19 по спроведена вакцинција на 227.963 лица во нашата земја. Најчесто се пријавени несакани реакции со лесна симптоматологија како болка и оток на местото на апликација, зголемена телесна температура, малаксаност, главоболка, болка во мускули, гадење и вртоглавица, велат од МАЛМЕД за Слободен печат.

Сајтот Панацеа.мк на 25.05.2021 година, исто така, информира за тоа какви несакани реакции од вакцините против ковид-19 се пријавени до МАЛМЕД и посочува дека секој граѓанин преку својот матичен лекар, специјалист или лично може да пријави несакана реакција од вакцината. На интернет страницата на МАЛМЕД постои онлајн апликација за пријавување на несакани реакции за пациенти.

Третата лага што ја шири постот е дека Тексас „пред два месеца го отфрли носењето маски и денес таму има нула заболени“. Точно е дека Тексас ја укина обврската за носење маски на 10.03. 2021 година, но не е вистина дека има нула заболени. Одлуката за укинување на маските ја соопшти гувернерот Грeг Ебот кој нагласи дека успеал да ги укине ограничувањата, затоа што жителите на Тексас, третата најнаселена американска држава со 29 милиони луѓе, примиле скоро 5,7 милиони вакцини. Според податоците на информативниот портал Texas Tribune, на 29.05.2021 во оваа земја се регистрирани 762 нови случаи на заболени од коронавирус, 1.828 пациенти се хоспитализирани, а регистрирани се 42 нови смртни случаи.

Нашата проверка на фатки покажа дека не е точно оти со воведувањето на сертификат за ковид-19 се врши присила врз луѓето да се вакцинираат против коронавирусот. Овој сертификат, кој ќе биде неопходен за патување, нема да содржи само информации за примена вакцина, туку, во случај да не сте вакцинирани, ќе содржи информации за негативен ПЦР тест или евентуално ако сте го прележале вирусот, од тест за антитела. Тоа значи дека не е неопходно да сте вакцинирани за да можете да патувате. Второ, не е вистина дека во Македонија се кријат несаканите ефекти од вакцините. Како што известуваат медиумите, пријавени несакани ефекти има и тие се претежно благи и очекувани симптоми. Смртен исход од вакцините досега не е регистриран. Трето, лага е дека откако Тексас ги укина маските, таму нема новозаболени од коронавирус. На 29 мај се регистрирани 762 нови случаи на заразени. Од сето ова може да се заклучи дека постот содржи дезинформации, кои не одат во прилог на процесот на имунизација на граѓаните против коронавирусот и борбата против ковид-19 воопшто. .

 Извор: Вистиномер

Слични содржини

Општество / Наука / Историја
Општество / Став / Живот

ОкоБоли главаВицФото