Викенд на перформанси на скопскиот Викенд на гордоста

04.06.2021 10:36
Викенд на перформанси на скопскиот Викенд на гордоста

Овој викенд организаторите најавуваат серија перформанси на програмата на деветтиот по ред Викенд на гордоста Скопје, во Музејот на современа уметност.

Викендот на гордоста Скопје е фестивал за квир култура, уметност и теорија чијашто цел е да создаде простор за презентирање и промовирање на ненормативните форми на светообразување или, со други зборови, на односите, афектите, идентитетските позиции, телесните стилови и сензибилитети обележани од хетеронормативниот, националистички и неолиберален капиталистички контекст, како квир, ексцентрични и неуспешни. Основната кураторска тема на овогодишното издание на Фестивалот е НАСТРАНО ЗАЕДНИЧКО: Политики на пријателство, љубов и афекти.

 После отворањето на фестивалот во среда со ретроспективната изложба на ФРАНКО Б во МСУ,  во петок, сабота и недела, публиката ќе може да ги проследи перформансите на Нао Бустаманте и Карлос Куиланд Назарио, танц триото STEAM ROOM, англискиот колектив СПИЗ! (Содомити, перверти и инверти заедно!), и џез триото СВЕТЛОСТ.

SPIT

На 4-ти јуни, петок, во 20,30 часот, во МСУ, Нао Бустаманте како Кончита во соработка со дула/хипер маж Маркус Куиланд-Назарио ќе го откријат вашиот род. Кончита, инструктор по зумба ја осудува дебелината и е во 81/2 месец од бременоста, ќе ве врати во форма и ќе го открие вашиот род додека зумбатистите вежбаат. Чекаме принова а родот допрва ќе се одреди. Перформансот Забавата за откривање на родот претставува Латинкс мултијазична вежба на која се слави целиот родов спектар, пародија на апсурдниот тренд за организирање на забави за откривање на родот од кои се предизвикува шумски пожари и културна дисфорија.

Gender reveal Party

Во сабота, 5-ти јуни, во 20, 30 часот, STEAM ROOM го претставуваат dragON aka PHOENIX, второто дело од проектот dragON, кореографска трилогија во коавторство на Александар Георгиев, Жана Пенчева и Дарио Барето Дамас (aka STEAM ROOM). Во проектот се обработуваат протестите и празнуваното тело на дрег сцената, истражувајќи ја нивната поврзаност со танцот и кореографијата. Тоа е резултатот на три танцови души што горат. Суперѕвездите се вивнуваат во небото. Сакате да бидат повисоки, посилни, подлабоки, поумни, понемирни, похрабри и да бакнуваат вечно? Ќе направат сѐ што треба.

Недела, 6-ти јуни, исто така во 20,30 часот - СПИЗ! Манифест / SPIT! Manifesto, перформанс на СПИЗ! (Карлос Мота, Џон Артур Пиц, Карлос Марија Ромеро). СПИЗ! (Содомити, перверти, инверти заедно!) кои напишаа неколку манифести како реакција на неодложните современи прашања поврзани со сексуалното и родово угнетување, толкувани, преработувани и изведувани од жестока група уметници на разни фестивали за перформанси, уметнички изложби и активистички програми од 2017 година, а во Скопје ги изведуваат во соработка со: Клаудија Палацо, Џошуа Хабард, Елајџа Харис и Токио де Вил.

Веднаш по перформансот на СПИЗ!, следува концерт на македонското светски реномирано џез трио СВЕТЛОСТ,  музички колектив основан во 2014 година од Нинослав Спировски, Дени Омерагиќ и Кристијан Новковски. Светлост е флексибилен ансамбл, кој основното трио го користи како платформа за соработка со повеќе музичари од различни профили. Музиката на овој состав се менува во зависност од луѓето вклучени во конкретен проект – најчесто е информирана од стилски правци како слободен џез, пост-рок, електро-акустична музика, минимализам и амбиентална музика. Во септември 2019 го издаваат албумот „Odron Ritual Orchestra“, албум кој беше сместен на повеќе светски листи за најдобар џез албум за 2019 година.

Џез трио Светлост

Фестивалот е во организација на Коалицијата МАРГИНИ и ЛГБТИ Центарот за поддршка, а се реализира во партнерство МСУ и ЈАДРО, со несебичната поддршка на Фондацијата Heinrich Böll Stiftung, Амбасадата на САД, Амбасадата на Кралството Холандија, Фондацијата отворено општество Македонија, Европската унија во рамки на меѓународниот проект ВРЕМЕТО Е СЕГА, Министерството за култура на РСМ, и Град Скопје. Медиумски покровител на фестивалот е ПОРТРЕТ Магазин.

Целата програма на фестивалот е замислена да одговори на протоколите пропишани за одржување на јавни настани заради состојбата со пандемијата, каде ние како организатори во соработка со институциите, ќе внимаваме да се почитуваат целосно.

 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото