Конески да се одбележува суштински, а не церемонијално

07.06.2021 10:36

Блаже Конески е нашиот прв инклузивист, космополит кој би требало да ни биде пример и поттик за сожителствување меѓу народите, јазиците и културите. Други култури од личност како неговата досега ќе направеа светски позната референца. Ние не сме способни ни да објавиме нови изданија од неговите избрани песни во најдобрите светски издавачки куќи. За жал, нема кој да се занимава со тоа, а би требало, и тоа како! И во Македонија треба да се создаде поинаков пристап кон неговите дела, па младите читатели да го читаат и вонучилишната лектира за да можат сами да се идентификуваат со неговото писмо. Секој голем творец може да биде „кул“ за младите генерации, во тоа сум сигурна. Стогодишнината од неговото раѓање може да биде одлична шанса за повеќеслојно и најразновидно претставување на делото на Блаже Конески пред најразличен вид публика, а не само во академската сфера. Оваа година сѐ би требало да биде во негов знак. Но не церемонијално, туку суштински, какво што е и неговото дело.

Лидија Димковска, Умно, 07.06.21.