Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (12)

07.06.2021 12:09
Роман на годината - извадоци од пристигнатите романи (12)

Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД.

Добитник на наградата за 2020 година е романот „Скриени желби, немирни патувања“ од авторот Владимир Јанковски.

„Окно“ објавува извадоци од пристигнатите романи на конкурсот.

 „Воскресение – Experience - Патот на Духот“ , Мирче Нешовски, „Македонија презент“

- Еве ви го часовникот! - ми вели госпоѓата,
која ми се претстави како сестра Уѕу.

- Ви благодарам, - ѝ реков - ама јас вас не ве
познавам госпоѓо!

- Јас сум сестра Уѕу! - повторно ми се претстави. - А вие, како се викате вие?

- Јас сум Матеј, - и продолжив... - јас сум
Матеј од Скопје.

- А каде поточно се наоѓа градот Скопје? –
го продолжи со несмален интензитет разговорот
сега претставената сестра Уѕу.

Јас се заплеткав малку, ме пресече сувоста
во грлото... и ѝ одговорив:

- Во Македонија! Да! Да! Во Македонија се
наоѓа градот Скопје... Скопје е главниот град на
Македонија! - продолжив.

- А Македонија, каде поточно се наоѓа
Македонија? - го продолжи разговорот сестра Уѕу.

- Да! Македонија се наоѓа на Балканот.
Некои Балканот го нарекуваат валкан и крвав
Балкан! Онака како што ја нарекуваат и мојата
земја, крвавата Македонија. Македонија, раздор
на Балканот - се внесов во претставувањето.

- Хм, хм! - само изусти сестра Уѕу. - А каде
сте тргнале во Њујорк?

Само што си помислив дека го завршивме
разговорот, тој одново се разгори.

- Тргнат сум таму и таму на покровот на
светот, во тој и тој облакодер во Петтата Авенија
во нултата број на квантниот скок...! - сепак многу
нежно и љубезно ѝ одговорив.

- Аха, аха! - продолжи госпоѓата Уѕу. - Та
нели јас веќе ви се претставив, јас сум сестра
Уѕу. А вие, господине Матеј, сигурно сте новото
свештено лице, монахот Рим Шен! Каква случајност, коинциденција која не постои; па ние
ве очекуваме вас, јас пак ви повторувам: јас сум
сестрата Уѕу!
Итн... Итн...

Сепак, сретнувањето насред улица во
основа воопшто и не беше случајност, таа беше
точно пратена, на точно место, во точно време од
Севишниот да дојде во моите братски прегратки!

И сè така, и така, на необичен начин, среде
улица успеавме да се запознаеме а ние бевме од
истата братија и сестринство, кои подоцна живеевме 8 години под истиот оној црковен покрив
на покровот на светот во облакодерот на Петтата
Авенија...

„Незадоволна“, Ксенија Николова, „Култура“

Драг мој Артур,

Денес сфатив дека вистинската магија се крие во постојаната борба со самиот себе. Долго време не можев да ја разберам болката и дали истата има каква било друга улога освен ужасно да боли, но полека почнувам да ја гледам нејзината друга страна, надевајќи се дека колку што е поголема болката, толку е поголема магијата што во неа се крие. Не е лесно да се бориш Артур, ама ако решиш да не се откажеш - секој ден помалку ти олеснува.

Вчера долго време истражував на интернет, гледав различни видеа и програми. Наеднаш - ми дојде една идеја, која едвај чекав денес да ја споделам со Адриен во „Ле ресто ду кер“. Утрово повторно станав рано, а погледнувајќи ја затворената врата од спалната соба, претпоставив дека ти се' уште спиеш. Направив кафе за двајцата и малку леб со џем и путер.Тоа порано ни беше омилениот појадок, но откако престанавме да појадуваме заедно, заборавивме дека некогаш леб, џем и путер ни беа доволни за среќа. Откако го направив појадокот, ти одеднаш се појави на скалите. Слезе долу во кујната, повторно изненаден.

„Марго, повторно нешто правиш“, се насмеа и седна на шанкот.

„Добро утро Артур, како си?“, те погледнав.

„Добро сум. Збунет сум, ама добро сум“, рече и почна да го разгледуваш појадокот.„Леб, џем и путер. Нашето омилено“, додаде.

„Да, некогаш тоа беше нашиот ритуал. Ритуалите се навистина многу важни и не треба да дозволиме да исчезнат, се согласуваш?“, ти се насмевнав. „Повели“, ти ги подадов кафето и чинијата.

„Јас никогаш не дозволив да исчезнат. Јас се'уште секој ден појадувам леб, џем и путер“, рече и се напи од кафето.

„Да?“, се напив и јас од моето.

„Да, да. Само што појадувам на работа, сам“, потврди, наведнувајќи ја главата.

„Јасно“, реков јас.

„Набрзина, пред да ми почнат состаноците“, објасни.

„Добро. Јас помислив дека можеби одиш на некое друго место, некаде каде што не забораваат да ти го направат омилениот појадок“, не знаев ни сама зошто од мене излетаа тие зборови. Настана молк. Воздивнува и некако го промени целиот израз на лицето, па ми рече:

„Марго, сакам да знаеш нешто.И кога било најлошо, не сум помислил дека некаде може да ми биде подобро.Тоа не е одлика на еден победник, а јас сум победник. Јас не се откажувам од она што го сакам. Многу ми е жал што мојата моќ е ограничена“, повторно воздивна, почнувајќи да го јадеш појадокот.

„Твојата моќ е ограничена?“, се збунив јас.

„Ограничена е, затоа што жената што решила да биде несреќна, ќе биде несреќна. Јас тука не можам ништо да направам, колку и да ја сакам“, ме погледна со твоите длабоки кафени очи, а од нив како да извираше болка која не успеа да ја скриеш.

Кон претходните делови