Промоција на „Две минути и четириесет реда“ од Александра Јуруковска

07.06.2021 12:38
Промоција на „Две минути и четириесет реда“ од Александра Јуруковска

На платото пред МКЦ, вечерва ( 7 јуни) од 20 часот ќе се одржи промоцијата на книгата „Две минути и четириесет реда“ од Александра Јуруковска, издание на ПНВ Публикации.

Книгата „Две минути и четириесет реда“ содржи осврти, критики и рецензии пишувани во еден долг временски период од петнаесетина години. Во основа, секој од овие текстови ја следи линијата на пишување критика за специфичен медиум – за радио или за весник, односно, за специјализирани книжевни списанија или веб-страници. Оттука, нивното обединување во книга е следење на одреден континуитет во пишувањето текстови за критиката, што важи за не многу популарен жанр кај нас, а во неа, пак, уште послабо застапениот поим на новинска или радиокритика.

Делот „Две минути“ содржи избор текстови за радиоосврти и радиопретставувања пишувани и емитувани на фреквенцијата на Македонското радио – Радио Скопје, во периодот од 2003 до 2008 година, во рамките на авторската рубрика „Книга-фаворит“. Просечното траење на секој прилог беше две минути. Овој преглед е мал избор од тие радиоосврти.

Текстовите поместени во вториот дел од книгата – „Четириесет реда“, се новинска критика. Дел од нив се објавувани во дневниот весник „Дневник“, кога тој постоеше и имаше рубрика за култура, па дури и посебен подлисток за литература. Другиот дел од текстовите, пак, се објавувани во специјализирани списанија за литература и култура, веб-страници и магазини, а сосема мал дел од текстовите се напишани како промотивна реч за одредени автори, книги или зборници и манифестации.

Промоторка на настанот е Соња Стојменска-Елзесер, а модераторка Јулијана Величковска. Промоцијата ќе се одржи на отворено, согласно препораките за заштита од корона вирусот.

Александра Јуруковска е родена 1981 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ − Скопје каде во 2012 година магистрира со труд од областа на интердисциплинарните односи на книжевноста и медиумите. Од 2001 година работи како новинар и уредник во културните и информативните редакции на повеќе медиуми во Македонија. Во моментов е уредник на Редакцијата за култура на Алфа ТВ.

Од 2008 до 2015 година објавува критики за современата македонска литература во дневниот весник „Дневник“. Нејзината прва книга „Ткаење на текстот“ (Силсонс, 2014) е избор од тие текстови. Книгата „Медиумскиот егзил на книжевноста во македонската култура“ (Авант прес, 2018) е интердисциплинарна студија за третманот на културата во македонските медиуми. Член е на Друштвото за компаративна книжевност на Македонија и на Друштвото на писателите на Македонија.