Мал новогодишен саем на книги во клубот ГЕМ

24.12.2010 18:30
saem-na-kniga-2.jpg

Претставуваме дел од поновите изданија што можете да ги набавите на Новогодишниот саем на книги во клубот ГЕМ.

 

 

Од изданијата на Блесок ги препорачуваме „Осмица“ од Румена Бужаровска, „Мојот Антонио Диаволо“ од Сибила Петлевски и „Хотел Гранд“ од Ренато Баретиќ.


Румена Бужаровска е родена во 1981 година во Скопје. Дипломирала и магистрирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работи на Катедрата за англиски јазик и книжевност при истиот факултет. „Осмица“ е нејзината втора збирка раскази.


Сибила Петлевски, писателка, научник, авторка на поетски, прозни, театарско-теориски книги и драмски текстови, преведувачка, универзитетска професорка, уредничка и перформерка родена во Загреб. Дипломирала, магистрирала и докторирала на Филозофскиот факултет на Загрепскиот универзитет. Предава драматургија на Академијата за драмски уметности. Членка е на Европската поетска академија и француската поетска академија Маларме. Добитничка е на годишната награда Владимир Назор за книжевност, меѓународната награда Поетека за книгата Споени лица и наградата Петар Бречиќ за теориска драматургија. Нејзината драма Ледениот генерал е избрана во меѓународната селекција на Берлинскиот фестивал Штукмарт 2005. Преведувана е и застапена во повеќе национални и неколку меѓународни антологии. Настапувала на сите поважни светски книжевни фестивали. Уредничка е во домашни и странски списанија. Од 2001-2005 година била претседателка на Хрватскиот ПЕН. Членка е на управата на Меѓународниот ПЕН.

Објавени книги – поезија: Кристали (1988), Скок од место (на хрватски и македонски, во превод на Анте Поповски, 1990), Сто александриски епиграми (1993), Вавилон (2000), Тешки спијачи (на англиски, 2000), Либитина (2002), Кореографија на страдањето (2002), Споени лица (2006).

Проза: Француска суита (1996), Кореографија на страдањето (2002), Ноќен тренинг (2006, и на македонски, во превод на Игор Исаковски, во 2008), Мојот Антонио Диаволо (2007).

Драми: Ледениот генерал (2005), Калиостро засекогаш (либрето) и Куќата на Рембо (последните две на англиски, 2007).

Авторка е на шест тома научни и стручни книги.


„Хотел Гранд“ е делумно потресен роман за растењето и за семејството, делумно лута сатира, делумно напната приказна во која под кујнската крпа се кријат пиштоли, но истовремено и интелигентна, забавна студија за пишувањето, за статусот на фикцијата и виртуалитетите.

Единствената способност на Ренато Баретиќ сложените и тешки теми да ги раскажува едноставно и заводливо, повторно да нe воодушевува со јазичното умеење и да нe изненадува со мајсторските расплети на приказната го прави „Хотел Гранд“ директен наследник на романот со пет награди и хитот со пет ѕвезди – „Осмиот повереник“.

Во издание на Или-Или неодамна излегоа „Летни лаги“ од Бенхард Шлинк, „Волшебникот“ од Џон Фаулс, „Катализатор 33“ од Ирена Јорданова, „Бог и бетон“ од Ричард Милошевски и „Ме сакаш ли под дождот“ од Александар Русјаков.




"Едноставно е, кога нешто создаваш, па дури и да е тоа научно фантастична приказна, искуствата од животот ти се тука да ги градиш карактерите, односите меѓу луѓето, љубовта. Така е и во мојата книга. Едноставно, не можеш да побегнеш од себе.“
Алек Русјаков






 

„На кого уште му треба култура?
-На малкумина носталгичари од средната старосна група и на сите клинци. Додека не ги наполнат целебралните магацини. До триесетата секако ќе се накрцаат. А дали сторираното ќе биде употребливо по 30-тата? Тоа е томбола. Или адаптација.
...Не можеш да одржиш чекор со времето. Вчерашното знаење е денес само делумно апликативно. Секој ден бара целосна ревизија на знаењето. Секој следен ден има помалку сила за ревизија. Баш ме изненадува содржината во мојава глава“

 

 

Од издавачката куќа Антолог ги препорачуваат „За Родерер“ од Гилјермо Мартинез и „Географија на маленкоста“ од Ацо Гогов

Јужноамериканската критика во 1992 година го вброи „За Родерер“ меѓу најквалитетните романи во последната деценија и го прогласи за најквалитетниот роман напишан од млад автор. Ремек-дело кое вреди да го прочита секој и претставува вистински лепак за сите кои се доживуваат себеси како интелектуалци или генијалци.

За „Географија на маленкоста“ од Ацо Гогов, Јасна Котеска ќе напише: „Лесно е да се пишува во скрибомански напади, со многу реторика и украси, тешко е да се биде кондензиран, одмерен а бестрашен; а, некои од овие куси парчиња на Гогов, се ретки примери во македонската проза како да се изведе тој тежок а величенствен зафат.

И, во сето тоа, Гогов има великодушност на голем мајстор кој дозволува да изостанат ситните сврзници, затоа што големата проза се препознава точно во таа бестрашност кога знаеш дека не мора да ги отсвириш сите периоди од некоја мелодија за таа да биде разбрана. Кај Гогов има многу проникливост и наслада, но најважно - сосема свежа крв и концентрација за подзаспаната македонска литература.“

А Никола Маџиров додава: „Приказната ја врамив во сопствениот собен прозорец. И ги спуштив ролетните.“ Така завршуваат приказните – без слика, светлина, без зборови што ќе се измолкнат низ дупчињата на ролетните. Секое слово е слика, а секоја слика е рамка за сеќавање.

Авторот тивко ни кажува дека и малите нешта можат да бидат грижливо распоредени во широкиот простор на нашата маленкост и менливост.
„Буквите на денот се пред мене, трајни и непроменливи.“ Се менува само тој што запишува. И оној што чита. Ти, читателу, кој го претвораш молкот од оваа скапоцена книга во прва мисла.“

Во издание на Темплум ги препорачуваме: „Бетонската градина“ од Ијан Мекјуан, „Прислушкувач“ од Елијас Канети и „Исповедта на убиецот“ од Јозеф Рот.

Во средиштето на романот „Бетонската градина“ се наоѓаат четирите деца чие родители умираат (таткото добива срцев удар додека ја цементира градината, а мајката умира неколку месеци подоцна); децата решаваат да ја закопаат својата мајка во подрумот и да го скријат тоа од надворешниот свет за да не бидат згрижени во социјална институција.

Главната динамика на приказната ја носи односот меѓу Џек и неговата сестра Џули, релација набиена со исклучителна сексуална тензија.

Ијан Мекјуан е современ британски писател, автор на повеќе од 10 романи, 2 збирки раскази, неколку филмски сценарија, книги за деца и либрета. Роден е на 21 јуни 1948 година во Алдершот, Англија. Студира на Универзитетот во Сасекс, каде што дипломира англиска книжевност во 1970 година. Магистрира на Универзитетот Источна Англија.

Книжевникот и публицист Јозеф Рот (1894-1939), се родил на крајната периферија од поранешната Австро-унгарска монархија, во малото место покрај Бродиј во Волинија, источна Галиција. Јозеф Рот е син на сиромашна еврејска девојка од Галиција, а татка си никогаш не го видел. Неговите роднини му овозможиле да заврши гимназија во Бродиј. Во Лвов и Виена студирал филозофија.

Романот „Исповедта на убиецот“, напишан во 1936 година, многумина го сметаат за најзрело уметничко остварување на Рот, кое е посебно карактеристично за неговиот стил и начин на раскажување. Како и другите јунаци од романите на Рот, и Семјон Семјонович Голупчик е осуден на пропаст. Слабакот кој е опседнат од жена го упропастува својот живот. И во ова дело ги среќаваме меланхолијата, насетувањето на неизбежниот крај и смртта, како и нурнувањето во словенскиот свет, кои се толку карактеристични за Рот, и со што тој ја збогатува германската книжевност.

До ден денес во свеста на читателската публика сè уште не е продрено дека Елијас Канети, пред сè, е сатиричар и афористичар, игрив и комичен автор. Канети во „Прислушкувач“ го користи методот на опишување кој е основан од античкиот филозоф Теофраст. Елијас Канети ги прикажува карактерите небаре нема слушнато ниту еден збор за психологијата и социологијата – на пример, Истражувач на величини, Љубител на топли солзи, Луда по чаршафи – кои со самиот опис и понекогаш надреалните слики веднаш стануваат јасни и незаборавни. Канети стана невообичаен писател на кусата форма поради сфаќањата и искуствата при читање на неговите големи дела.

Елијас Канети е роден на 25 јули 1905 година во Русе, денешна Бугарија, во еврејско семејство со шпанско потекло. Во 1911 година со своите родители се сели во Англија, а две години подоцна – по смртта на неговиот татко – со мајка му во Виена. Таму студира природни науки и се стекнува со титула доктор по филозофија. Во 1938 година е принуден да ја напушти Австрија и, заедно со својата жена Веза, емигрира во Англија каде што го пишува и неговото главно социолошко дело „Маса и моќ“. Од доцните шеесетти живее на релација Лондон - Цирих каде што и умира во 1994 година.

„Прислушкувач“ (објавена 1974), претставува литерарно-психолошки опис на 50 различни карактери. Проучувајќи ги човечките недостатоци и настраности, карактерните особини и опсесии, Канети на еден многу духовит начин, преку играта на зборови, понекогаш дури и со помош на надреални слики, ја користи стара метода на Теофраст и и’ дава сопствен, модерен печат. Своето животно искуство и исклучителната моќ на забележување тој ја претвора во специфична стилска форма и на читателот му претставува цела една наука за типовите, заснована на моментални поетски снимки.

Судирот на Цивилизациите“ од Семјуел Ф. Хантингтон и „Минатото под прашање“ од Кит Браун се најновите изданија на Евро Балкан Пресс.

Семјуел Ф. Хантигтон е американски политиколог познат по неговата теза дека главните политички актери на 21 век ќе бидат цивилизациите, а не државите. Во делото Судирот на цивилизации ја изложува контраверзната верзија за новиот светски поредок по студената војна...

Во „Минатото под прашање“ Кит Браун истражува на кој начин жителите на Крушево, бегалци и прогонети - заедно со научници, новинари, уметници, бирократи и политичари - учествувале во разговорот за нивното бурно минато...

 

Ќе ви упатам една

Ќе ви упатам една добронамерна забелешка околу последното дело, која се надевам дека ќе промени некои работи кај вашите изданија.

Во преводот на насловот има правописна грешка.
Не се вели „прислушКувач“, туку „прислушувач“.

Слични содржини

Книжевност / Култура / Настан
Книжевност / Култура / Настан
Книжевност / Култура / Уметност / Настан
Книжевност / Уживање / Култура
Книжевност / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото