Што кажуваат боите за нашето потекло?

09.06.2021 01:17
Што кажуваат боите за нашето потекло?

Резултатите од студијата со наслов Користење машинско учење за утврдување на специфичностите на асоцијацијата на боите и чувствата и нивните културолошки разлики, објавена во списанието Royal Society Open Science, покажуваат дека чувствата кои ги предизвикуваат боите кај луѓето зависат од тоа од која земја доаѓаат. Процентот на точно поврзување бил околу 80 проценти.

Група од осуммина истражувачи од неколку светски универзитети имала група од 711 испитаници од Кина, Германија, Грција и Велика Британија. Тие најпрвин ги прочитале имињата на 12 бои, како „зелена“ или „тиркизна“ и тоа секој на својот јазик, а потоа назначиле која од 20 понудени емоции ја разбудила која боја и колку многу бојата била поврзана со предизвиканото чувство. Боите кои предизвикале најмногу емоции биле црвената, црната и розовата, додека кафеавата и виолетовата буделе послаби асоцијации. Црната сите испитаници ги асоцирала на тага, без оглед од која земја доаѓале, а црвената на позитивни емоции како љубов и задоволство, или негативни како што се бесот и омразата.

Она што е многу поинтересно се културолошките разлики кои дошле до израз кај некои бои. Така, на пример, кафеавата боја Германците најмногу ја поврзувале со чувството на гадење, повеќе од припадниците на која било друга земја, а Грците биле единствената група која виолетовата боја ја асоцира првенствено на тага. Кај Кинезите белата боја будела мошне негативни асоцијации (во Кина луѓето на погреби традиционално носат бело), додека жолтата будела позитивни чувства кај сите, освен кај Грците.

Како научниците дошле до овие резултати? Имено, тие користеле еден вид вештачка интелигенција - машинско учење - кое користи податоци за да ја „истренира“ програмата да направи корелации кои не се лесно видливи и очигледни за луѓето. Студијата покажува дека оваа технологија може да се употреби за „наоѓање смисла“ кај истражувањето емоции, што е поле каде податоците често се сложени и нијансирани, а ретко црно-бели.

Превод: Алек Кузмановски

Слика: Adam Frint

Извор: http://elementarium.cpn.rs/
 

ОкоБоли главаВицФото