1003 hPa
76 %
8 °C
Скопје - Сре, 17.04.2024 22:59
Долги години веќе се зборува за неминовноста од енергетска транзиција, односно преминување кон поголемо производство на енергија од обновливи извори и откажување од производството на енергија од јаглен. Меѓутоа, во таа приказна често се занемарува значењето дека таквата транзиција мора да биде и праведна. Наједноставно кажано, при енергетската трансформација потребно е да бидат задоволени интересите на сите актери, а особено оние кои во тој процес мораат да ги напуштат своите работни места и да се преквалификуваат на други работни позиции.
Енергетската транзиција претставува мошне важна тема за денешните генерации, но и за сите оние кои допрва ќе дојдат. Имено, необновливите извори (фосилните горива) со децении претставуваа доминантен извор на енергија во целиот свет. Забрзаниот економски и технолошки развој бараше зголемено производство на енергија. Логично, последиците беа сè позабележливи и денешните генерации се соочуваат со голем предизвик за решавање на проблемот со климатските промени.
Иако сè уште во голема мера е присутно производството на енергија од јаглен, развојот на производството на енергија од обновливи извори во последниве години сепак е во сè поголем пораст, а тоа го покажуваат и податоците.
На пример, минатата година, на ниво на Европската унија за првпат беше генерирана повеќе струја од обновливи извори на енергија, отколку од фосилни горива. Така, според податоците на ЕМБЕР и Агора Енергивенде во 2020 година, 38 проценти од енергијата во ЕУ е произведена од обновливи извори, додека за нијанса послаби беа необновливите извори со 37 проценти. Во годините пред нас, секако во склад со големите вложувања, можеме да очекуваме дека не само во Европа, туку и ширум светот уште повеќе да се зголемуваат процентите на енергија од обновливи извори.
Еколошкото, социјалното и економското значење на преминот кон обновливи извори
А што впрочем подразбира праведна енергетска транзиција?
За да се постигне целосно, енергетската транзиција мора да задоволи и други важни елементи. Најпрвин, се истакнува социјалниот аспект, кој често е занемарен во овој процес. Но кога ќе дојде до задоволување на еколошкиот, социјалниот и енергетскиот аспект, тогаш може да се зборува за успешно затворен круг и создавање одржлив систем.
На пример, со отворање нови соларни, ветро и хидроелектрани, се отвораат и нови работни места. Во секој поглед за една држава тоа е од повеќекратно значење, но каква е состојбата кога се затвораат термоелектраните?
Во такви случаи потребно е да се води сметка за работниците, пред сè за рударите, со оглед на нивната бројност и квалификациите, но и за сите оние кои се важни делови од работењето на овие погони. Тука првенствено се мисли на почитување на правата и обврските кои постојат кон нив. Тие услови се однесуваат на прашањата за предвремена пензија, исплатите на надоместоци и додатоци, пружањето подршка при започнување сопствени приватни бизниси, но особено на преквалификацијата на оваа работна сила.
Во склад со потребните трошоци за споменатите обврски кон овие работници, многу е важно да не дојде до извртување на ветеното. Зашто во овие случаи во голема мера се загрозени правата на работниците. Дополнителен проблем претставува и честото непостоење план и стратегија како, главно голем број работници, ќе ги продолжат својот работен век и животите после затворањето на погоните за производство и согорување јаглен.
Значењето на праведната транзиција е препознаено во ЕУ последниве години. Затоа преку Механизмот за праведна транзиција, кој е дел од инвестициите планирани со Европскиот зелен план, Европската комисија во 2020 година определи околу 100 милијарди евра за потребите за праведна енергетска транзиција. На барање на 18 држави членки на Унијата, обезбедени се споменатите вложувања, со чија помош државите членки ќе добијат неопходна експертска и стручна помош од страна на Комисијата, а сè со цел поуспешно постигнување праведна транзиција.
Неотстапувањето од јагленот на Западен Балкан - проблем и за праведната транзиција
Актерите на Западен Балкан во голема мера се потпираат на производството на струја од јаглен. Со самото тоа и енергетските системи на овие држави во голема мера се зависни од ископувањето и согорувањето на овој енергенс. Покрај прекумерното загадување на воздухот, кое е последица на работењето на термоелектраните, предизвик претставува и процесот на транзиција и произведувањето енергија од обновливи извори. Иако значаен, овој процес кај сите држави тече мошне бавно, што најдобро го покажуваат и неисполнетите планови за остварување на зацртаните цели за вкупното производство на енергија од обновливи извори. Во случајот на Србија, во последно време се актуелни новите законски рамки, како и новата цел до 2040 година да се произведуваат 40 проценти енергија од обновливи извори. Гледано од денешна перспектива, достигнувањето на оваа цел изгледа сосема изводливо, но сепак останува да се види како тој процес ќе се одвива во Србија, со оглед на нејзините планови за производство на енергија од јаглен.
Регионот на Западен Балкан секако е посиромашен во однос на Европската унија, а покрај тоа, често се загрозени и работничките права. Покрај тоа што енергетската транзиција во овој регион е бавна, проблемот е и во нејзината праведност. Србија која во голема мера е насочена кон јагленот, а и со оглед на плановите за негова долгорочна експлоатација, мошне е прашална и по праведноста во тој домен. Тука особено се истакнува непостоењето планови за работниците кои се на удар на оваа транзиција, но и непостоењето јавни политики со кои детално би се уредувале и дефинирале ваквите прашања. На тој начин за праведноста сè уште не се ни разговара, а уште помалку се дефинираат целите за нејзино постигнување.
И во Црна Гора, која во голема мера зависи од погоните во Плевља, има проблеми кога станува збор за праведна транзиција. Имено, иако нема детални планови со кои ќе се дефинира ова прашање, претставниците на невладиниот сектор посочуваат на неопходност, подготвеност и постепено пристапување кон решавање на проблемите.
Со соработка и вложувања до праведни решенија
За да може да се подобри споменатата состојба во овој регион, неопходна е соработка помеѓу државните актери. Како еден од таквите видови соработка може да се издвои Платформата за поддршка на енергетската транзиција.
Со поддршка од Светската банка, но и од Европската комисија, Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), Секретаријатот на Енергетската заедница и другите, сакаат да се постигне соработка, а пред сè размена на искуства од практиката и помош при усвојување документи со цел постигнување праведна транзиција. Оваа иницијатива има за цел да ја помогне праведната транзиција во земјите од Западен Балкан и Украина.
Ваквите иницијативи се особено значајни за државите од Западен Балкан од аспект на практиките. Имено, дел од поддршката се и претставниците од полскиот Национален фонд за заштита на животната средина и управување со водите. Нивното значење може да се согледа во пружањето совети, зашто Полска изминативе години успеа да го намали бројот на рудари во процесот на транзиција од дури 400 000 на 80 000, но како што истакнаа и самите, имало многу грешки во постигнување праведност во транзицијата.
Проблеми се случуваат и во развиените држави од Западна Европа, а за тоа најдобро можат да посведочат жителите на белгискиот град Генк.
Овој рударски град во текот на 20 век доживеа трансформација во поглед на работната сила. Голем број вработени од рударството во периодот помеѓу шеесеттите и осумдесеттите години се преквалификуваа за работа во автомобилската индустрија. Така овој град претставуваше пример за долгорочен, но успешен праведен премин на работната сила од еден во друг стопански сектор. Меѓутоа, минатата деценија жителите на Генк се соочија со ненадеен пад на производството во автомобилската индустрија и фабриката во нивниот град е затворена. Така овој град за само половина век мораше да поминува низ уште една трансформација, бидејќи бројни жители повторно останаа без работа. Овој пример покажува дека прекумерната зависност од една индустрија може да има големи последици. Затоа од ваквите грешки, како и од оние што ги правеа во Полска со преквалификацијата на рударите, најдобро може да се учи и да се спречи повторување на истите.
Можеби вистинскиот пат е да не се размислува само за пронаоѓање ново работно место за луѓето кои се во индустријата со фосилни горива, туку да им се помогне да развијат нови вештини кои се потребни за модерниот пазар на трудот и на тој начин да им се овозможи да бидат независни.
Енергетската транзиција неминовно претставува состојба со која се соочува целокупната светска популација, а со која во наредните децении ќе се соочуваат и идните генерации. Иако мошне значајна, за да биде потполна, со самото тоа таа мора да биде и праведна. Затоа е од голема важност следните години и државите од Западен Балкан да вложат големи напори и средства за при преминот на обновливи извори да можат да постигнат успеси и на социјално поле во однос на правата и интересите на различни профили работници кои се најпогодени од оваа транзиција.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://klima101.rs/