Презентации на македонски визуелни уметници - Славица Јанешлиева

09.06.2021 12:27
Презентции на македонски визуелни уметници - Славица Јанешлиева

КСП Центар-Јадро продолжува со серијата на презентции посветени на македонските визуелни уметници. Во кафе книжарницата „Буква“, во четврток (10 јуни), во 20 часот ќе се одржи разговор и презентација на делата на Славица Јанешлиева. 

„Центар - Јадро“ ја реализира оваа програма преку избор на 10 уметници од различни генерации, кои континуирано се присутни на уметничката сцена и за кои сметаме дека со своите дела, темите кои ги обработуваат, и авторскиот интегритет се релевантни до денес.

Разговорите се модерирани од историчарот на уметност и куратор, Владимир Јанчевски.

„Серијата на презентации ја продолжуваме со преглед на исклучителните дела на Славица Јанешлиева, презентирани од крајот на 1990-те години до денес, период кој се поклопува со драматичниот период на транзицијата, идентитетските прашања врзани за личните и колективни сеќавања, како и проблемите за зачувување на општествената сфера.

Со презентацијата ќе се направи преглед на делата со акценти на неколку позначајни проекти, од различни периоди и фази, почнувајќи од пораните дела и проекти (1997,МКЦ) и (1999, Центар за современи уметности), во соработка со Сузана Милевска, како и некои поскорешни покомплексни самостојни проекти/инсталации како „Крик“ (2002, МСУ-Скопје), и „Калемење“ (НГ-Мала станица).

Во разговорот ќе стане збор и за некои позначајни меѓународни групни изложби како „Лаф Муабет“ од 2001 година, како и учеството во поновите групни изложби и претставувања на македонската современа уметност во организација на Арс Акта.

Творештвото на Јанешлиева се карактеризира со препознатлива способност за визуелна нарација,пренесена преку изразен мултимедијален и интермедијален пристап, инкорпорирајќи различни медиуми како графика, објект, уметничка инсталација, цртеж, фотографија, видео, уметничка книга итн. Со своите дела преку малите наративи и личните сеќавања на специфичен начин ја преиспитува улогата на уметноста во современиот контекст.

Некои од највпечатливите дела на Јанешлиева, препознатливи и репрезентативни за уметноста по 2000 година, со својот препознатлив ракопис и изразена мултимедијалност, се релевантни за разгледување на актуелните проблеми и предизвици на уметноста и нејзината улога во општествената реалност“, најавуваат организаторите.

Славица Јанешлиева (1973, Скопје) е визуелна уметница која живее и работи во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, отсек графика, во класата на проф. м-р Зоран Јакимовски во 1996, а магистрирала на истиот факултет, под менторство на проф. м-р Димитар Малиданов, на област графика во 1998 година.

Иако по образование е графичар, таа е автор со изразен мултимедијален и интермедијален пристап, со препознатлив исказ и исклучителна дарба за визуелна нарација ги пренесува преку различни медиуми: графика, објект, уметничка инсталација, цртеж, фотографија, видео, уметничка книга итн. Нејзините дела се изложувани на жирирани и курирани национални и меѓународни изложби низ целиот свет (30 самостојни изложби и околу 300 групни изложби). Добитник е на повеќе меѓународни и национални награди и признанија, а дел од нејзиното творештво збогатува значајни колекции во земјата и странство. Реализирала резиденцијални престои, учествувала и организирала професионални и студентски семинари и работилници, меѓународни предавања и курирање на изложби.

Од 2006 година предава на УКИМ, на Факултетот за ликовни уметности, Катедра по графика. Во 2018 година докторирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Катедра за компаративни студии, под менторство на проф. д-р Владимир Мартиновски.