Викендот на гордоста завршува со изложба на Зорица Зафировска и Дарко Алексовски

09.06.2021 12:53
Викендот на гордоста завршува со изложба на Зорица Зафировска и Дарко Алексовски

Годинешното деветто издание на Викенд на гордоста - Скопје, фестивал за квир култура, уметност и теорија завршува вечерва (9 јуни) со заедничка изложба на македонските визуелни уметници Зорица Зафировска и Дарко Алексовски „Настрано заедничко: траума и утопија“. Отворањето на изложбата ќе се одржи вечерва (среда, 9 јуни) во КСП „Центар - Јадро“, со почеток од 20 часот. 

„Стихови од траума и утопија е заедничко дело на Зорица Зафировска и Дарко Алексовски, замислено и продуцирано во контекст на нивната заедничка изложба на Skopje Pride Weekend 2021. Делото кое е развиено во дијалошка форма – авторите наизменично се надоврзуваат со нов стих како реакција на претходниот – се обидува преку поетски слики да ги дознае и претстави работите кои ни се заеднички, така што зборува за состојби што се многу субјективни, но истовремено и универзални. Формирано на пресекот помеѓу самостојните проекти кои ја сочинуваат изложбата, делото е одговор на размислувањата за тоа што им е заедничко на практиките и интересите на авторите“, се вели во каталогот на фестивалот.

Дарко Алексовски (1989, Македонија) e визуелен и изведувачки уметник. Магистрирал и дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Како уметник гостувал на уметничките резиденции bm:ukk Artist-in-Residence Program (Виена, Австрија), Deutsche Börse Residency Program во Франкфуртер Кунстверајн (Франкфурт, Германија) и Инстаграм уметничката резиденција во КСП Центар – Јадро (Скопје, Македонија). Во изминатите десетина години има реализирано неколку самостојни и има учествувано на повеќе групни изложби во Македонија, низ Европа и во САД. Неговата практика се формира на пресекот помеѓу текстуални, сликарски и архитектонски референции. Меѓу другото, неговите уметнички интереси ги вклучуваат и институционалната критика и долгорочните соработки со други уметници.

Зорица Зафировска е уметница и културна работничка, а
нејзината работа вклучува спектар на истражувања поврзани со социо-политички теми, како трговија со луѓе, бездомништво, конзумеризам, култура и екологија. Во нејзиниот роден град Скопје и на други места, таа прави специфични, временско-просторни инсталации, мали акции и партиципативни активности, кои се обид за отварање на критички дијалози. Од 2008 година таа е член
на Ф.Р.И.К. од Скопје и е видео селектор на дел од програмата на Фрик фестивалот. Во 2009-та година е ко-основачка на уметничката група и проектниот простор воден од уметници Арт И.Н.С.Т.И.Т.У.T. од Скопје. Зорица заедно со 6 уметнички од Скопје во 2011 година ја основаат на иницијативата „Моми“. Таа е иницијаторка на проектот „Простор“ во 2012-та, а во 2013-та година станува членка
на Јадро. Има преку десет самостојни изложби, мали акции и проекти во Македонија, Грција, Њујорк и Германија. Во 2014-та е една од победничките на отворениот повик за млад уметник/ца на галеријата Агенцијата за сериозни интереси. Во 2016-та е добитничка на наградата „Денес“ на Центарот за современи уметности – Скопје и ФРУ – Факултет за работи што не се учат Битола/Скопје. Живее и работи во Скопје, Македонија.