Зеленото изненадување на Ахмети

09.06.2021 16:19
Зеленото изненадување на Ахмети

И навистина беше изненадување. Најавата на лидерот Али Ахмети дека Демократската Унија за интеграција на своите стратешки приоритети ќе ја додаде и животната средина, дека ќе има зелена агенда, односно дека ќе „се грижи и за воздухот, земјата и водата, за заедничка животна средина како предуслови за квалитетен развој и живот“ беше најнеочекуваното од партијата која од 2002 до денес само две години апстинираше од учество во власта во државава. Помало изненадување ќе беше дури и да ја шокираа јавноста со изјава дека ќе почнат сериозно да го сфаќаат она „Демократска“ во својот назив.

Или можеби и не е изненадување ако се знае дека за тие 17 години колку што трае нејзината улога на „вечен партнер“ во секоја Влада, ДУИ, од досега неразјаснети причини, секогаш покажувала апетит да раководи токму со ресорот животна средина, па нејзини министри уште од 2008 наваму се неприкосновени во „зеленото столче“ во секоја македонска Влада. Сè уште трае мистеријата зошто Ахмети и неговите се толку вљубени во животната средина кога ниту по 13 години министерување во ресорот Екологија едвај можат да покажат со прст некој позначаен успех на планот на заштитата на животната средина, па и тие сработени последнава годинаипол. Некои велат дека тоа е зашто во екологијата имало многу пари, но пари граѓаните од екологија досега не видоа. А ни екологија, да бидеме искрени.


Затоа, пак, во графата „уништена и незаштитена природа“ списокот е бескрајно долг: деведесетина реки во цевки за мали хидроцентрали, дел од нив и во строго заштитени подрачја, за ич струја но за дебели субвенции, 90 проценти од сите поголеми речни текови со вода од најзагадената четврта категорија, неизградени колектори, непоставени филтри, загрозени хабитати на ретки животински и растителни видови, неповратно загубено Преспанското езеро, уништени речни корита со концесии за песок и многу, многу ѓубре.

Локалните избори се на прагот и себепронаоѓањето на ДУИ како зелена партија, која наеднаш наместо етнички права се повикува на европскиот Green New Deal, на граѓаните кои заслужуваат да живеат во здрава животна средина и со еколошка правда, ќе беше итар PR потег во пресрет на избори, кога не би бил првенствено врвен цинизам.
Интересно ќе биде да се види како ДУИ ќе ја спроведува зелената агенда со своите градоначалнички перјаници како Рамиз Мерко. Теута Арифи, Блерим Беџети, на пример, добро познати по својот еколошки дух и сенс за заштита на животната средина, и тоа во неколку мандати.
Едниот не гледаше дивоградби крај Охридското езеро и палење и бетонирање на трската, другата не ги гледа дивите депонии кои се заштитен знак на општината со која раководи, а третиот не гледа никаква одговорност за уништувањето на Матка. А кога тие не ги гледаат, проблемите веројатно постојат само во главите на здодевните еколошки здруженија. Да беше поинаку, човек треба да се загрижи дека овие „проверени партиски кадри“ ќе му ја упропастат зелената агенда на Ахмети.


Некој ќе рече, добро, тоа беше кога ДУИ беше еколошки неосвестена, но сега треба прво да се види со какви кадри ќе ја спроведува зелената револуција. Зашто европските нормативи за животната средина на кои лидерот на ДУИ се повикува имаат нулта толеранција за бетонирање на езерското крајбрежје, за градењето дивоградби, за крвничкото сечење на столетните шарски и јабланички буки, за инвалидните правилници за контрола на горивата при увоз, за емисиите на фабричките оџаци на „пријателските“ компании...

Во зелената агенда на Ахмети видно место мора да заземе залагањето за воспоставување целосно заокружен систем за третман на отпад со модерни погони за преработка на отпад со нула емисии, регионални депонии по сите стандарди, селекција на отпад, во која ќе нема место за толеранција за локалните „бизнисмени“ што работат по методата „собирам отпад-наплатувам- го истурам во река/дол/нива“.

Зелените маички и балони можеби беа кул за Денот на заштита на животната средина, а сето останато од големото изненадување на Ахмети ќе е само издуван роденденски балон ако ДУИ не се соочи со реалноста и не го прифати својот дел од одговорноста за состојбите во животната средина.


Слики: Paweł Kuczyński